Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност направи измени на тарифникот

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност направи измени на тарифникот и ги достави до Владата

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност утврди потреба од измени на тарифата за премии за осигурување и подготви предлог-измени со кои се враќа цената на осигурувањето за аавтоодоговорност на ниво како пред 25 април годинава.

- Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15 отсто до 30 проценти, во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30 отсто, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Ова значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година. Дополнително беше утврдено дека Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

Предлог-одлуката на Комисијата, како што информира Министерството за финансии, е доставена на усвојување до Владата.

Одлуката се заснова на анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето со која се укажува дека на 23 април, 11 друштва за осигурување кои вршат работи на осигурување во групата на неживотно осигурување, доставиле известувања до АСО за донесени одлуки за зголемување на премиите за задолжително осигурување од автоодоговорност, при што се повикале на одредбите од тарифата на премии за осигурување од АО, објавена во „Службен весник на РМ“ број 191/2018, според кои одредби имаат можност самостојно да одлучат за висината на делот од премијата за спроведување на дејноста, односно т.н. режиски додаток при одредувањето на крајната премија по договор за осигурување - член 3 од тарифата.

- Притоа, известувањата на друштвата до АСО не содржат финансиски анализи за изминати периоди, ниту пак конкретни проекции за очекуван развој на ризиците кои ги преземаат во осигурување. Единствен аргумент, на кој се повикуваат друштвата за осигурување се растечките трошоци од работење, кои не се непосредно поврзани со настанување на ризиците, односно со настанатите и очекуваните штети, се појаснува во соопштението.

Ставот на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност е поткрепен со мислењето на АСО како регулатор дека ваквото постапување на друштвата за осигурување влијае врз стабилноста, сигурноста и предвидливоста на функционирање на целиот систем на осигурување во насока на штета на осигурениците, односно сопствениците на моторни возила.

- Состојбите на пазарот ќе се следат и во наредниот период и ќе се преземаат соодветни одлуки, врз основа на анализи и во еден отворен и транспарентен процес. Во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност во втората половина од април 2024 година, Министерството за финансии ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седници на 26, 29 и 30 април и 2 мај 2024 година, со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки, потенцираат од Министерството за финансии.

Претходно, денеска АСО ја повика Владата, согласно своите законски надлежности, да ги заштити правата на осигурениците и преку измени во тарифникот да ги намали цените на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

Белгискиот Универзитет во Гент ја прекина соработката со три израелски институции

Белгискиот Универзитет во Гент (UGent) ги прекинува врските со три израелски образовни и истражувачки институции поради тоа што повеќе не се усогласени со политиката за човекови права на Универзитетот, изјави ректорот Рик Ван де Вале.

- Прекинати се врските со Технолошкиот институт Холон, Истражувачкиот институт МИГАЛ Галилеја и Центарот Волкани, што врши земјоделски истражувања. Во моментов ги оценуваме тие три партнери како (многу) проблематични според тестот за човекови права на Универзитетот во Гент, за разлика од позитивната оценка што ја дадовме на овие партнери на почетокот на нашата соработка, посочи Ван де Вале.

Тој додаде дека соработката е прекината поради поврзаност со израелските министерства и поддршката на армијата во операциите во Појасот Газа.

Пропалестински демонстранти во Гент протестираа против израелската воена офанзива во Газа и окупираа делови од Универзитетот од почетокот на мај.

Демонстрантите ја поздравија одлуката на Универзитетот во Гент, но ја оценија само како прв чекор. Тие најавија дека ќе продолжат со блокада на делови од образовната институција „додека Универзитет не ги прекине врските со сите израелски институции“. /МИА

Фото: Фејсбук на Гент

Одбележани 81 година од смртта на првоборецот Иљо Антески Смок во Тетово

Во Тетово денеска се одбележаа 81 година од смртаа на првоборецот Иљо Антески-Смок. Одбележувањето се одржи пред неговиот споменик во населбата Два бреста каде повеќе делегации положија букети цвеќе, а беше одржан и историски час за негово дело и лик

-Иљо Антески Смок загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата во која толку многу веруваше. Тој како член на Мавровско-гостиварскиот одред во април 1943 во битката кај Ново Село, Гостиварско бил заробен заедно со 12 други соборци од балистичките одреди кои служеле на италијанскиот окупатор. Подоцна фашистите го осудуваат на смрт, а на денешен датум 17 мај во 1943 година Иљо е обесен. При бесењето извикува „Смрт на фашизмот-слобода на народот“ и самиот го поттурнува столчето за да биде обесен, беше истакнато во пригодниот реферат од наставникот по историја, Љубиша Марковиќ.

Во Тирана покрај Иљо Антески Смок, италијанските фашисти осудиле на смрт и обесиле уште петмина други негови соборци Душко Поповиќ, Раде Угриновски, Христо Оџаклиески, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски. /МИА

Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа за Украина

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа со која се признава планот на претседателот на таа земја, Володимир Зеленски, како единствен предлог за мир во Украина.

„Советот и денеска сакаше да донесе резолуција со која сакаше да го признае мировниот план на претседателот Зенески како единствена мировна формула која треба да се разгледа и поддржи. Тоа за нас е неприфатливо. И други направија мировни планови што не полоши“, напиша Сијарто на Фејсбук.

Тој изјави дека ставил вето на резолуцијата бидејќи бил одбиен неговиот предлог во неа да се вклучат и други мировни планови. /МИА

притисни ентер