Командантот на украинската армија вели дека ситуацијата на фронтот се „влошува“

 Главниот командант на вооружените сили на Украина денеска објави дека позицијата на Киев на фронтот е влошена и дека Русија постигнала голем број придобивки на бојното поле.

„Ситуацијата на фронтот се влоши“, наведе Олександр Сирски во објава на Фејсбук.

Тој додава дека Русија „напаѓа по целата линија на фронтот“ и постигнала „тактички успех во некои сектори“.

Во Косово од денеска само евра, измина преодниот рок што го одреди Централната банка за динарот

Вчера измина преодниот период на Централната банка на Косово (ЦБК) во однос на користењето на динарите, што значи дека од денеска сите готовински трансакции каде било во Косово ќе мора да се вршат во евра, јавија српските медиуми.

Во Приштина сметаат дека граѓаните имале доволно време да се информираат за Уредбата на ЦБК за забрана за користење на динари во готовински трансакции, а од денеска ќе се преземаат мерки против сите оние кои користат валути различни од евра за готовински трансакции во Косово, пренесе РТК.

Во периодот од 1 февруари, кога стапи на сила Уредбата на ЦКБ, досега не се изречени казнени мерки, а граѓаните се информирани за примената на новите правила за готовинско плаќање. ЦБК соопшти дека после 12 мај – сите трансакции ќе се извршуваат во евра.

Во меѓувреме, комерцијалните банки кои работат во Косово добија инструкции да отворат нови филијали на северот.

Во Брисел ќе се одржи седмата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина, на која, како што најави директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, главна тема повторно ќе биде „едностраната и незаконска одлука на Приштина да се укине динарот и платниот промет во динари во Косово и Метохија“.

Народната банка ќе ги објави пролетните макроекономски проекции

Раководството на Народната банка денеска на прес-конференција ќе ги презентира  редовните пролетни макроекономски проекции. 

Со есенските макроекономски проекции, централната банка за годинава предвиде раст од 3 отсто и инфлација од 3,5 до 4 отсто. На среден рок за 2025 и 2026 година, раст од 4 отсто и инфлација од околу 2 отсто.

Работни групи на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди на преговори за идната влада

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Вреди денеска треба да ги продолжат разговорите на ниво на работни групи за евентуално коалицирање во идната влада, откако викендот ги договорија општите начела за соработка.

-Соработката ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. - Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање, информираше ВМРО-ДПМНЕ по средбата што се одржа завчера во штабот на Вреди.

На средбата присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со партиските потпретседатели и лидерите од партиите во Коалицијата Вреди Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.

Од коалицијата Вреди по средбата оценија дека преговорите се одвиваат во позитивна и вистинска насока.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ , 18, Коалицијата ВЛЕН, 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.

За изборните резултати до ДИК се поднесени 27 приговори, девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски вчера на седница на ДИК посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места. Од Европскиот фронт предводен од ДУИ оценија дека со поднесени приговори до ДИК од други политички партии за нерегуларности на избирачки места во изборните единици 5 и 6 се прави обид да им се одземат два пратенички мандата.

притисни ентер