Во ниту една друга земја во Европа нема повеќе кинески марки на автомобили застапени на пазарот отколку во Норвешка. Само оваа година во таа скандинавска земја се регистрирани тринаесет нови марки на автомобили, каде секој ја гледа својата можност, сметајќи на високиот стандард на клиентите, отвореноста на пазарот и големиот удел на електрични автомобили.
Некои од брендовите сами го пронајдоа патот до Норвешка, додека други беа преземени од норвешки увозници. Заедничко за речиси сите овие марки на автомобили е што сè уште не нашле „рудник за злато“, но има исклучоци, пишува Ревијахак.
Кога зборуваме за типични кинески брендови, првенствено се мисли на брендови кои потекнуваат од Кина. Не „Volvo“ и „Polestar“, на пример, шведските марки на автомобили кои беа купени и продолжија да се развиваат од кинеската „Geely“.
Статистиката на досегашните регистрации во тековната година покажува дека дури на 20-то место на листата може да се наиде на првиот кинески бренд. Ова е „MG“, кој годинава успеа да го продаде својот електричен „MG 4“ во солидни количини.
Исто така, и следниот кинески модел доаѓа од компанијата „MG“ – „ZS EV“, па дури и третиот „Marvel R“. Но, сето тоа се мали количини. Зад нив е најголемиот производител на автомобили во Кина, „BYD“, со два модели „Tang“ и „Atto 3“.
На нешто повеќе од еден месец до крајот на 2023 година, „Nio“ продаде само 470 возила во Норвешка оваа година. Тоа е нешто повеќе од три автомобили по вработен во нивната канцеларија и салони.
Потоа доаѓа луксузниот „Hongqi E-HS9“ рангиран на 103-то место меѓу електричните возила. Далеку на листата се брендовите како „Voyah“, кои на пазарот влегоа минатата година со теренецот „Voyah Free“.
Од прекрасниот изложбен салон во центарот на Осло, тие продадоа 10 автомобили во 2022 година, а досега продадоа 18 автомобили оваа година. За споредба, само моделот „Y“ на „Tesla“ е продаден за пет пати повеќе (20.000 единици) од сите кинески модели, пишува „elbil24“.