Кировски: Пировата победа на Али Ахмети

Али Ахмети беше неприкосновен лидер на македонските Албанци во изминатите повеќе од 20 години. 

Ретко говореше во јавноста, а уште поретко даваше погрешни изјави. Оттука навистина беше шокантно кога на последниот митинг на скопскиот плоштад пред гласањето во првиот круг од изборите, понесен од атмосферата почна да извикува УЧК !УЧК ! Тоа не го правеше никогаш, зошто да ја враќа ситуацијата на нешто од пред 23 години? Кому помогна со такви извици? И уште повеќе, тргна во лични дисквалификации и навреди против лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

За човек кој усшено балансираше и со десната и со левата политичка опција кај македонските партии, и беше во коалициски влади со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ повеќе од 20 години, речиси е несфатливо да ги урива мостовите на комуникација и можностите за прагматична постизборна коалиција. Причината е веројатно очај и паника. Нема друго рационално објаснување.

Веројатно Али Ахмети со сигурност знае дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе коалицираат со албанската опозиција и дека тој оди во опозиција. Можеби тоа ќе значи и крај на неговата политичка кариера, тие одлуки ќе зависат од многу фактори, а свои „кариерни аргументи“ може да дадат и странските сојузници.

ВМРО-ДПМНЕ едноставно е во ситуација кога не може да коалицира со ДУИ. Прво: затоа што со години зборува дека треба оваа власт која е симбол на корупција да замине во опозиција, а корупцијата во перцепцијата на граѓаните главно се врзува со ДУИ.

Второ, самиот тој багаж на корупција го прави ДУИ политички „парија“. Едноставно, секоја македонска партија која коалицира со ДУИ е губитник. Една од причините за епскиот пад на власта на СДСМ која заминува од власта со историски најслаб резултат под 200 000 гласови е ДУИ. Во ВМРО-ДПМНЕ веројатно се свесни дека доколку коалицираат со ДУИ наредните избори нив ги чекаат такви историски најниски бројки.

Трето, политичката борба и реторика на која сме навикнати и која пред избори е прифатлива, ескалираше на лично ниво, со навреди, дисквалификации и „кекси“.

Прикаските дека „странскиот фактор и Калето“ ќе извршат постизборен притисок за ДУИ да мора да биде дел од власта, се муабети на луѓе кои не разбираат политика. Американската надворешна политика има една единствена константа, а тоа е прагматичност во спроведување на нивните политички концепти и геостратегиски цели. Оттука, тие ќе прифатат парламентарно мнозинство кое може да оди и до 70 пратеници, без да се плеткаат околу тоа дали ВМРО-ДПМНЕ прави влада со ДУИ или со „Знам„. Нив единствено ги интересира владата да им испорачува она што е нивни геополитички интерес. Кој ќе биде во таа влада, за нив секако е речиси сеедно. Се разбира, во новата влада не може да има место за една анти-Нато партија како што е Левица, на било каква коалиција со Апасиев, никој не смее ниту да помисли.

Што се однесува до сеењето страв за дестабилизација доколку не биде ДУИ во владата, моите извори велат дека во ДУИ веќе биле предупредени од стратегиските партнери да не помислуваат на такви ескалации. Дестабилизации на цели региони не се случуваат за заштита на кариери на поединци.

Е тука доаѓаме до прашањето дали Али Ахмети ќе се повлече од лидерското место на ДУИ по заминувањето во опозиција со „крената глава“ како победник и во пресметката меѓу претседателските кандидати и на парламентарните избори.

Доколку новата влада не го испорачува она што е интерес на НАТО сојузниците, тогаш Али Ахмети и ДУИ ќе им требаат за да се врши дополнителен притисок врз новата влада. Тогаш можеби странскиот фактор ќе почне да се вклучува во внатрешни политички процеси.

Но, само во ситуација ако се загрозени нивните витални интереси. Доколку новата влада испорача и доколку имаат сенс за геополитика, тогаш идниот премиер ќе има одврзани раце да соработува и да коалицира со кого сака, да гони криминал и корупција, да ја спроведува целосно неговата политичка агенда.

Ако не се испорача, тогаш идниот премиер, независно од тоа колку убедлив триумф ќе има и какво комотно мнозинство ќе има во парламентот, ќе има сериозен проблем. Ќе мора да балансира со разни концесии со албанскиот политички партнер и тоа од старт ќе му донесе разочарување кај оние што гласаа за опозицијата, ќе ја алиенира меѓународната заедница и ќе му го загрази владеењето.

Извор: https://globe.mk/

За прв пат во историјата Јувентус не загуби натпревар во Калчо, во кој заостануваше со три гола

За прв пат во историјата Јувентус не загуби натпревар од Серија А, во кој заостануваше со три гола.

Јувентус синоќа ремизираше на гостувањето кај Болоња во натпреварот од 37. коло во Серија А - 3:3.

Торинскиот тим заостануваше со 0:3 до 76. минута, кога погоди Федерико Киеза. Аркадиуш Милик погоди во 83. минута, а минута подоцна голот на Кенан Јилдиз му донесе реми на клубот.

Така Јувентус за прв пат во својата историја не загуби во натпревар од Серија А во кој заостануваше најмалку три гола разлика.

Јувентус со 68 бода останува на четвртото место во серијата, зад третопласираната Болоња која има исто така 68 бода, но со подобра гол-разлика.

До крајот на сезоната останува уште едно коло.

Пожар во фабриката Тесла во Калифорнија, нема повредени

 Вчера попладне околу 17 часот избувна пожар во фабриката „Тесла“ во Фремонт, Калифорнија. Пожарникарите пристигнале на местото на настанот и го изгаснале за неколку часа. Нема повредени.

Противпожарната служба во Фремонт соопшти дека ја истражува причината за пожарот.

Фабриката во Фремонт е една од најголемите за производство на електрични возила во Калифорнија.

Пожарот се случи набргу по бран отпуштања. „Тесла“ неодамна отпушти 600 работници, од кои 164 беа од фабриката Фремонт. Меѓу нив беа и двајца директори за заштита на животната средина (ЕХС).

Ова не е прв пожар во оваа фабрика. Помеѓу 2014 и 2018 година беа забележани неколку пожари, како и во 2019 и 2021 година, пишува Си-Ен-Би-Ес.

САД со остри критики за затворањето на филијалите на српската банка во северно Косово

Стејт департментот ја повтори загриженоста на САД во врска со мерките на Централната банка на Косово за ограничување на употребата на српскиот динар.

Американскиот Стејт департмент изрази разочарување поради затворањето на шесте филијали на српската „Банка поштенска штедилница“ на северот на Косово од страна на косовската полиција, истакнувајќи дека „оваа акција не беше координирана со меѓународните партнери“ и дека придонесува за зголемување на тензиите во областа.

Портпарол на Стејт департментот, во изјава за Гласот на Америка што ја пренесуваат медиумите во Приштина, оцени дека вчерашната акција на косовската полиција „ја поткопува перцепцијата дека Косово дејствува со добра волја за решавање на споровите Србија преку дијалогот кој го олеснува Европската унија“.

Портпаролот истакна дека „владата на САД постојано бара координација меѓу нашите влади“ за да се поддржи напредокот на Косово на неговиот евроатлантски пат, вклучително и неодамна „од заменичката државен секретар Елизабет Ален на нејзиниот состанок со премиерот (Албин) Курти на 19 мај“.

Стејт департментот ја повтори загриженоста на САД во врска со мерките на Централната банка на Косово за ограничување на употребата на српскиот динар.

„Ја повикуваме косовската Влада да се врати на конструктивните заложби во дијалогот посредуван од ЕУ како вистински пат за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и да одговори на основните потреби на сите свои граѓани – вклучувајќи ги и потребите на српското малцинство – кои се негативно погодени од неодамнешните промени во регулативата за валутата“, изјави портпаролот на Стејт департментот за Гласот на Америка.

„Банка поштенска штедилница“ е институцијата која ги распределуваше плаќањата од Белград за граѓаните од српска националност во Косово.

Косовската полиција изјави дека операцијата за затворање на филијалите на таа банка е изведена во соработка со Централната банка на Косово и Косовската даночна администрација, и дека целта била „воспоставување на ред и законитост“, нарекувајќи ја српската банка на северот од земјата нелегална.

Полицијата соопшти дека се конфискувани „околу милион и 600 илјади евра, 74 милиони и 700 илјади динари, 19 илјади и 500 франци, 13 илјади и 800 американски долари, 40 австралиски долари, како и документација и други докази“.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечаља на социјалните мрежи напиша дека „владеењето на законот и редот, служењето на сите граѓани без никаква разлика и понатаму ќе биде наша цел за која континуирано се обврзуваме“.

Шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ ја опиша акцијата како „уште еден насилен чин на укинување на српските институции на север и прогон на српскиот народ“.

Тој рече дека „Албин Курти сака војна и страдање за српскиот народ, бидејќи сè што прави во последните месеци, го прави исклучиво за протерување на Србите од територијата на Косово“.

Акцијата спроведена во понеделникот се случи речиси четири месеци по стапувањето во сила на регулативата на Централната банка на Косово според која еврото е единствената валута што може да се користи за готовински плаќања во Косово.

Косово и Србија се договорија да разговараат во Брисел со посредство на Европската унија за изнаоѓање решение за прашањето за исплатите, но без исход и по седум средби.

Дипломатите постојано ја повикуваа владата на Косово да ја повлече регулативата на Централната банка и да им даде време на погодените граѓани да се приспособат на новонастанатата ситуација. Ова прашање стана тема на несогласување меѓу владата во Приштина и западната дипломатија и негативно се одрази на квалитетот на партнерството со САД.

притисни ентер