Кинеските автомобили ја освојуваат Германија

Продажбата на кинески автомобили забележа драстичен раст оваа година.

Државниот завод за статистика објави дека во првиот квартал од годинава 28,2 отсто од сите увезени електрични возила биле од Кина. Дека во истиот период лани ова учество изнесувало 7,8 отсто најдобро говори за тоа колку е ова драстичен скок.

Истовремено е забележан и пад на извозот на германски возила во Кина, за драстични 23,9 отсто во однос на истиот период лани. Затоа, не е чудно што пред неколку месеци многу производители решија да ги намалат цените на своите автомобили на кинескиот пазар, се со цел да придобијат барем дел од купувачите.

Овој проблем не е изолиран само за германските автомобили, бидејќи е иста ситуација со јапонските марки. Кинезите едноставно се свртеа кон домашните марки и возила кои се поевтини, а нивните карактеристики не заостануваат зад западните ривали. Напротив.

Ако се вратиме на германскиот пазар, еве уште неколку податоци кои говорат за доминацијата на Кина на пазарот. Така, во првиот квартал, 86% од увезените персонални компјутери, 67,8% од паметните телефони и 39,2% од литиум-јонските батерии потекнуваат од Кина.

„Многу производи за секојдневниот живот, како и стоки за енергетска транзиција, сега во голема мера доаѓаат од Кина“, објави канцеларијата и со тоа потврди дека германската економија во голема мера зависи од кинеската економија. Исто така, се добива впечаток дека германската автомобилска индустрија донекаде го губи чекорот со кинеската, исто како што најавија многу експерти последните години.

Во исто време, Германија не е единствената земја која бележи пенетрација на кинески електрични автомобили. Општо познато е дека Dacia Spring доаѓа од исток, а во Европа и особено во Франција, благодарение на пониската цена, бележи значителна продажба. Затоа, француската влада планира да ги ограничи стимулациите за купување нови електрични автомобили исклучиво на возилата произведени во Европа.

Паралелно, кинеската автомобилска индустрија го зголеми уделот на домашниот пазар, а лани го зголеми извозот за четири пати на околу два милиони возила. Се очекува годинава да извезе над три милиони возила.

Стабилна состојба на работникот, кој се здоби со тешки повреди во лифт

Стабилна е состојбата на 56 годишниот маж кој вчера попладне се здоби со тешки телесни повреди во лифтот во угостителски објект во Штип. 

Надлежните во Клиничка болница- Штип информираат дека е примен со скршеници на пршлените и е хоспитализиран на oдделението за ортопедија во штипската Клинничка болница. Неговиот колега, 71 годишниот пензиониран кувар им подлегна на повредите добиени при пад на лифтот, во кој биле работно ангажирани.

Во меѓувреме директорката на Државниот инспектор за труд, Весна Томовска за МИА изјави дека на лице место вчера е излезен трудов инспектор. Утврдено е дека двајцата работници не биле вработени, туку работно ангажирани во објектот. Починатиот бил кувар во пензија.

Посочува дека утре до инспекторатот треба да биде доставена документацијата за безбедност при работа во објектот. Од Обвинителството пак информираат дека се обезбедуваат докази за расчистуваање на настанот, а стручно лице ќе направи техничко вештачење на лифтот. Како дошло до трагедијата се уште нема официјални информации. Телото на починатото лице е дадено на обдукција.

Сиљановска Давкова: Минатото со Бугарија не ни е романтично, но мора да работиме на иднината

Сиљановска Давкова на претседателската функција стапи пред една недела и ова и беше прво јавно појавување. 

Не мислам дека минатото ни е романтично, ни вашето ни нашето, но мораме да живееме денес и да работиме за иднината, рекла македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во изјавата за бугарските медиуми, синоќа пред премиерата на операта „Валкира“од германскиот композитор Вагнер во изведба на Софиската опера и балет во рамките на 52. издание на „Мајски оперски вечери“. Имала средба и со режисерот Пламен Карталов, а нејзиното присуство на настапот на Софиската опера и балет во Скопје го смета за чекор во знак на пријателство.

-Ова е чекор. Јас уживам во културната дипломатија и верувам дека културната дипломатија е помоќна од традиционалната. Затоа дојдов да уживам. Валкира е денеска, Вагнер. Јас знам и за академикот, мислам дека е инзвонреден, за Пламен, мислам ќе го запали културниот пламен овде. – Гордана Сиљановска Давкова – Претседател

Сиљановска Давкова на претседателската функција стапи пред една недела и ова и беше прво јавно појавување од тогаш. Првата официјална посета пак во странство ќе и биде во Ватикан и Рим, предводејќи ја македонската делегација на чествувањето на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Според најавите во бугарските медиуми по истиот повод во Ватикан ќе биде и бугарските претседател Румен Радев, но засега е неизвесно дали тие двајца ќе имаат некаква средба. На 23 мај, според протоколот, Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а ќе се сретне и со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.

Коскоска и Лазов нови државни прваци во шах

 Претставниците на клубот Алкалоид, Габриела Коскоска и Тони Лазов се новите македонски шаховски шампиони. 

Женскиот интернационален мајстор Габриела Коскоска по неколкугодишна пауза им се врати на настапите во поединечна конкуренција, откако минативе неколку години настапуваше само на екипните првенства. Таа во 9 партии освои 8 бода, односно 7 победи и во два наврата ремизираше и триумфираше пред Леа Ефтовска и пред Моника Жежовска, кои завршија со половина, односно со цел поен помалку.

- Задоволна сум од постигнувањето! Во согласност со ждрепката, најголемиот дел од партиите со конкурентките за висок пласман ги играв со црни фигури, односно бели имав само во дуелот со Леа Ефтовска. Имаше момент во една партија кога се соочив со закана да бидам поразена, меѓутоа успеав да ја наметнам својата игра. Турнирот, иако со мал број учеснички, генерално, беше многу борбен, со голем број одлучени партии, изјави Коскоска.

Интернационалниот мајстор Тони Лазов по одиграни девет кола со 7,5 поени го освои првото место, пред Никола Николовски и Антон Златков со по 7 бода.

- Воопшто не беше лесно, иако многумина од повозрасните колеги одлучија да не настапат. Одлучуваше последната партија и задоволен сум од конечниот исход, но цврсто верувам дека е ова резултат на долгогодишното изучување и тренирање на шаховската игра, како и на поддршката од клубот, истакна Лазов.

Младиот шахист од Неготино во последните две кола оствари значајни победи, прво над тимскиот колега Филип Панчевски, кој важеше за фаворит на турнирот, а потоа и над Антон Златков.

притисни ентер