Кинеските астронаути ја напуштија вселенската станица за да ги поправат соларните панели(ВИДЕО)

Астронаутите на кинеската мисија Шенжу-17 ги поправија оштетените соларни панели на вселенската станица Тиангонг, чие име, преведено од кинески, е Небесна палата.

Ова е прва ваква активност на кинески астронаути надвор од вселенската станица, пишува South China Morning Post.

7,5-часовната мисија ја изврши тричлен тим, користејќи помош на роботска рака на Тјангонг и експертиза на инженери на теренот, соопшти Кинеската вселенска агенција за екипаж (CMSA).

Двајца членови на екипажот излегоа од модулот Тјанхе за да пристапат до надворешните делови на соларните панели, соопшти агенцијата. Командантот на мисијата Танг Хонгбо се прикачи на роботската рака за да стигне до оштетените делови на панелот, а Танг Генџи беше резерва.

Третиот член на екипажот, Џианг Шилин, остана во модулот за да ги следи движењата на роботската рака.

- Оваа мисија надвор од модулот е исклучително важна и беше многу предизвикувачка. Ова е вистински бизнис – изјави Танг.

Лин Шиџијанг, заменик-директор на CMSA, уште во октомври, пред лансирањето на екипажот во орбитата, рече дека панелите претрпеле мала штета од ударот и дека таиконаутите на мисијата Шенжу-17 (кинески термин за астронаути) ќе го поправат.

Тиангонг е кинеската вселенска станица на ниска орбита. Се состои од три модули - основниот модул Тјанхе беше лансиран во 2021 година, а експерименталните модули Вентијан и Менгтијан беа лансирани во 2022 година. Планот е станицата да биде во функција 10 години.

Синер: Морав да се повлечам од турнирот во Мадрид

Италијанскиот тенисер Јаник Синер објасни зошто решил да се повлече од турнирот во Мадрид.

Во четвртфиналето на Мастерсот требаше да игра со Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим, кој сега автоматски се пласираше во полуфиналето, каде што ќе игра со победникот од двојката Данил Медведев - Јиржи Легечка.

- Многу е тажно да го пропуштам мојот следен натпревар овде во Мадрид. Колкот ме мачи оваа недела и болката постепено се влошува. Следејќи ги советите на лекарите, решивме дека е подобро да не играме понатаму. Во текот на следните неколку дена ќе спроведам други тестови и ќе ги следам советите на специјалистите за закрепнување. Ви благодарам за поддршката, напиша Синер на социјалните мрежи.

Оваа сезона 22-годишниот Италијанец освои три турнири - Австралија опен, како и турнирите во Ротердам и Мајами. /МИА

Блинкен го повика Хамас да се согласи за примирје за да им помогне на луѓето во Газа

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

Највисокиот американски дипломат Антони Блинкен го повика Хамас да го прифати планот за примирје во Газа и покрај израелското предупредување дека армијата ќе продолжи да се бори против палестинската милитантна група по каков било прекин на огнот.

Посредниците предложија договор за примирје со кој би се запреле борбите на 40 дена и би се размениле заложници.

Хамас соопшти дека ќе одговори „во многу краток период“ на предлогот.

„Хамас треба да каже „да“ и треба да го заврши тоа“, рече Блинкен синоќа додека беше во Израел на својата седма турнеја на Блискиот исток од почетокот на конфликтот во октомври.

Тој подоцна додаде: „Ако Хамас всушност тврди дека се грижи за палестинскиот народ и сака да види итно олеснување на неговото страдање, треба да го прифати тој договор“. /МИА

Фон дер Лајен во посета на Либан

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во придружба на шефот на кипарската држава Никос Христодулидес ќе престојува во посета на Либан. 

Како што соопшти Европската комисија, предвидено е Фон дер Лајен и Христодулидес во Бејрут да се сретнат со либанскиот премиер Наџиб Азми Микати и со претседателот на Парламентот, Набих Бери.

Либан нема претседател од октомври 2022 година кога истече мандатот на дотогашниот шеф на државата Мишел Аун, а Парламентот од тогаш не успеа да обезбеди мнозинство за избор на негов наследник.

Според најавите, се очекува Фон дер Лајен и Христодулидес на своите либански домаќини да им претстават пакет економска помош за земјата за справување со проблемот стотициите илјади сириски беглаци за кои постои стравување дека би можеле да се упатат кон Кипар, во обид да дојдат на територијата на ЕУ.

Дополнително на средбите ќе стане збор и за билатералните односи, безбедносните предизвиците со кои се соочува Либан и неопходните рефоми во земјата. /МИА

притисни ентер