Кејт Мидлтон, по долго време им се врати на редовните обврски- го пречека катарскиот емир

Кејт Мидлтон неодамна се врати на официјалните обврски.

Таа денеска со својот сопруг, принцот Вилијам, во Лондон се сретна и се поздрави со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани и со првата од неговите три сопруги, Шеиха Џавахер.

Принцезата од Велс се појави во долго бордо палто со капа во иста боја. Таа носеше накит што ѝ припаѓаше на покојната кралица Елизабета Втора. Насмеана, таа застана и позираше покрај принцот Вилијам. Ова беше прво јавно појавување на принцезата по повеќе од еден месец.

Тамим бин Хамад Ал Тани е четвртиот син на поранешниот емир на Катар, Хамад бин Калифа Ал Тани и неговата втора сопруга. Иако не беше првиот во редот за преземање на тронот, благодарение на своите способности успеа да се избори за тоа место. И пред да го замени својот татко на функцијата, емирот се занимавал со политика, но не бил на високи функции. Се школувал во Велика Британија.

За потсетување, принцезата од Велс неодамна заврши со хемотерапијата. Во средината на септември таа полека почна да се враќа на службените обврски.

Потоа во трогателно видео проговори за својата битка со ракот.

„Како што летото се приближува, не можам да ви кажам колку ми олесна што конечно завршив со хемотерапија. Последните девет месеци беа неверојатно тешки за нас како семејство. Животот каков што знаете може да се смени за миг и моравме да најдеме начин да ги пребродиме бурните води и непознат пат“, вели таа во видеото, додавајќи дека нејзиниот пат до целосно закрепнување е долг и дека ќе направи сѐ за да остане здрава.

СДСМ нема да ја поддржи интерпелацијата поднесена од ДУИ, одлучи Извршниот одбор

Денеска се одржа првата седница на новиот состав на Извршниот одбор на СДСМ посветена на повеќе политички, безбедносни и економски актуелни теми.

1.СДСМ остро се спротивставува на секој предлог за зголемување на старосната граница за заминување во пензија на 67 години. Таквиот чекор претставува директен удар врз работниците, нивното достоинството и труд.

Станува збор за продолжување на погрешните политики за систематско потценување и експлоатација на трудот на граѓаните и работниците од страна на Владата предводена од ДПМНЕ.

Наместо да обезбедат покачување на платите и подобри услови за работниците, власта сака на мала врата да протне мерки кои ќе ги примораат работниците да работат подолго само за да се финансираат трошоците од нивните популистички потези.

Ваква мерка ќе придонесе за дополнителна дестимулација за вработување на младите, кои поради неповолните услови за пензионирање, уште повеќе ќе си го бараат чарето надвор од државата.

Политиките на СДСМ во изминатите години го стабилизираa Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и значително ја намали финансиската дупка, дефицитот од 43% се намали на 33%. Сега ДПМНЕ спроведува погрешни политики со кои ja загрозува одржливоста на Фондот, го зголемува дефицитот.

Нашиот приоритет е заштита на интересите на работниците и обезбедување услови за достоинствен живот. Наместо продолжување на работниот век, потребни се итни мерки за подобрување на животниот стандард и создавање перспективи за сите граѓани со праведна и одржлива пензиска политика.

2. За СДСМ загрижувачки се тенденциите за влошување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и растечките тензии во општеството со загрозување на меѓуетничките односи.

Оценка на Извршниот одбор е дека неприфаќањето на лидерската средба од страна на власта испраќа лош сигнал и ја потврдува тезата дека очигледно партии на власт и ДУИ немаат интерес од стабилизација, што е многу опасно за државата.

3. Во однос на поднесените интерпелации од политичката партија ДУИ, Извршниот одбор заклучи дека нема да ги поддржи и гласа за овие интерпелации. Тие не претставуваат решение за кризата во овој момент и може да значат нови поделби по етничка основа.

Потребен беше поинаков пристап, да се седне на лидерска средба и да се упатат заеднички пораки за смирување на тензиите затоа што тој пристап е базиран на политичка зрелост, но власта тоа го одби.

4.Во однос на внатрепартиските активности СДСМ веќе направи оперативен план и новото раководство на СДСМ од утре започнува со интензивни теренски активности, во сите општински организации. СДСМ ќе го менува пристапот и го враќа гласот на членството при креирањето на политики. До крајот на годината ќе го заокружиме и изборот на претседатели на општинските организации со што целосно ќе заврши процесот на обединување, се наведува во партиското соопштение.

Германец се обидува да урне светски рекорд- веќе 60 дена живее под морето: Не ми е тешко(ВИДЕО)

Воздухопловниот инженер Рудигер Кох (59) се обидува да го собори Гинисовиот рекорд за најдолго време поминато во подводно живеалиште.

Последните два месеци ги поминал во специјална капсула во Карипското Море, а неговата авантура треба да заврши на 24 јануари, пренесува UPI.com.

Неговата цел е да живее и работи под вода повеќе од 120 дена, колку што Џозеф Дитури издржал во екстремни услови во 2003 година.

Капсулата е поставена во близина на брегот на Пуерто Линдо (Панама). Рудигер располага со 30 квадратни метри станбена површина во која има кревет, компјутер, телевизор, стационарен велосипед, сателитски телефон, пренослив тоалет и неколку вентилатори.

Германецот истакнува дека единственото нешто што му недостасува на неговиот „луксуз“ е редовното туширање.

„Не е особено тешко. „Воопшто не се чувствувам како да страдам, иако понекогаш сакам да нуркам, но тоа не е можно“, рече тој.

Рудигер ја започнал својата авантура на 26 септември, а времето ќе покаже дали ќе ги издржи сите предизвици кои го очекуваат до 24 јануари следната година.

Уби 77 млади луѓе во Норвешка, а сега бара слобода- одбиена жалбата на Брејвик

Норвешкиот суд денеска соопшти дека го отфрлил барањето на масовниот убиец Андерс Беринг Брејвик за предвремено ослободување од затвор.

Норвешкиот суд денеска соопшти дека го отфрлил барањето на масовниот убиец Андерс Беринг Брејвик за предвремено ослободување од затвор, каде што отслужува казна за убиство на 77 луѓе во најголемото мирновременско злосторство во оваа нордиска земја, јавија норвешките медиуми, цитирајќи ја пресудата.

На 22 јули 2011 година, неонацистот и исламофобот Брејвик со автомобил-бомба уби осум лица во центарот на Осло, а потоа уште 69 лица, главно тинејџери, во младинскиот камп на Лабуристичката партија на островот Утоеја.

Адвокатот на Брејвик изјави дека неговиот клиент ќе поднесе жалба на одлуката.

Во ноември, судот го разгледа второто барање на Брејвик за условно ослободување. За време на тоа рочиште, тој рече дека нападот бил „неопходен“.

Овој 45-годишник има отслужено 13 од вкупно 21-годишната затворска казна, што беше максимална казна во времето на неговите злосторства, која може да се продолжи се додека тој се смета за закана за општеството.

Убиецот може да поднесе барање за условно ослободување една година по секое одбивање.

притисни ентер