Катами: Хезболах е подготвен за израелско копнено напредување

 Заменик-лидерот на политичкиот совет на либанската милитантна група Хезболах, Махмуд Катами, изјави дека групата е подготвена за израелско копнено напредување.

-Хезболах ги спречи израелските сили да се инфилтрираат на либанска територија, изјави Катами за Ал Џезира.

Според него, ракетите на Хезболах достигнале дострел од 150 километри со задржување на брзината на лансирање.

-Секоја територија што Израел ќе се обиде да ја преземе ќе се претвори во гробишта за неговите војници и тенкови, посочи тој.

Катами додаде дека шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, вчера се сретнал со раководството на Хезболах и изјавил дека Техеран стои со Либан.

-Хезболах делува на бојното поле и нема да влегува во преговори додека е под оган, нагласи тој.

Катами рече дека Израел е тој што го отфрла прекинот на огнот и дека Израел и изралскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не сакаат да ја прекинат војната.

По неколкудневни тешки воздушни напади врз Бејрут и низ јужен Либан, Израел на 1 октомври објави дека неговата војска започнала „ограничени, локализирани и насочени копнени напади“ против Хезболах.

Целта на израелската Влада е обезбедување услови за безбедно враќање на жителите од пограничните области, што беа раселени по нападите на Хезболах./МИА

Радиолошките технолози дефицитиран медицински кадар во целиот регион

Радиолошките технолози се дефицитарен кадар во сите здравствени системи во регионот. 

Задржувањето на овие кадри во здравствениот систем е она за кое што сите се стремиме, порача проф. д-р Игор Николов, советник за здравство на премиерот Христијан Мицкоски на 11-иот Конгрес на Здружението на радиолошки технолози на Македонија (ЗРТМ).

„Имав чест да го отворам 11-тиот Конгрес на радиолошки технолози на Македонија со меѓународно учество. Радиолошките технолози се дефицитарен кадар во сите здравствени системи во регионот. Заради тоа инвестициите во преносот на знаење размени на искуства треба да бидат приоритет на сите. Задржувањето на овие кадри во здравствениот систем е она за кое што сите се стремиме. Час поскоро се потребни постдипломски студии за оваа група на здравствени работници“, рече Николов.

За Зоран Бајовски, претседател на Здружението на радиолошки технолози на Македонија,на Конгресот учествуваат околу 220 медицински лица од медицински центри заради радиодиагностика, радиотерапија и нуклеарна медицина од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Република Српска и Романија.

„Овие два дена ќе ги презентираме технолошките достигнувања во регионот. Ќе има предавања од областа на планирањето и спроведувањето на зрачен термин, MRI CT дијагностика, ангиографија и CT-Pet дијагностика“, рече Бајовски.

Дамир Циприќ, претседател на Друштвото на радиолошки технолози од Хрватска, објасни дека Хрватска го применува европскиот модел на образование и дека Хрватското здружение стои на располагање за прилагодување на македонскиот образовен систем.

„Ова го поткрепува и фактот што првата официјална посета на премиерот Мицкоски е на хрватскиот колега, каде е потпишан Меморандум за соработка во областа на образованието. Политичарите го направија своето, останува да го имплементираме“, рече Циприќ.

На Конгресот ќе се организира и донаторска вечер, поддржана од Винарија Тиквеш. Собраните средства ќе бидат донирани на Универзитетска клиника за детски болести, оддел Онкологија, Скопје.

Здружението на радиолошки технолози на Македонија (ЗРТМ) е член на европското здружение EFRS и европското здружение во радиотерапија ESTRO school.

Здружение на радиолошки технолози на Македонија

Одложени локалните избори во најпогодените општини од поплавите во БиХ

- Се одложува спроведувањето на локалните избори во општините во Босна и Херцеговина кои беа најпогодени од поплавите, одлучија денеска членовите на Централната изборна комисија, јави Хина.

Како што потврдија од ЦИК во Сараево, изборите ќе бидат одложени или подоцна ќе се одржат во Јабланица, Коњиќ, Кисељак и Крешево. Во наведените општини во недела нема да биде отворено ниту едно избирачко место, иако не сите делови беа подеднакво погодени од поројните поплави.

Изборите ќе се одложат и во Фојница, но само на три избирачки места.

-Врз основа на тоа што утринава го добивме како информација и откако ја разгледавме општата состојба на теренот, донесовме одлука за одложување на изборите, рече претседателката на ЦИК, Ирена Хаџиабдиќ, објаснувајќи дека одлуката за тоа кога ќе се организираат изборите во овие четири општини ќе се донесе дополнително.

Во сите други делови на Босна и Херцеговина изборите ќе се одржат во согласност со претходните планови.

Граѓаните на Босна и Херцеговина утре имаат можност да изберат нови градоначалници и шефови на општини, како и нови свикувања на градските и општинските совети, како и ново собрание на областа Брчко.

За изборите се пријавени 110 политички партии, а на изборните листи има над 26.000 кандидати.

Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, денеска ги повика сите граѓани во БиХ да го остварат своето право на глас и на тој начин директно да влијаат врз креирањето на политиките во локалните заедници.

Тој потсети дека во март лично интервенираше со измена на Изборниот закон, обидувајќи се да обезбеди поголема транспарентност и регуларност на гласањето и утврдувањето на изборните резултати. За таа цел, употребата на нови технологии ќе се тестира на одреден број избирачки места. Таму електронски ќе се проверува идентитетот на гласачот, а резултатите од гласањето ќе се обработуваат со скенирање на гласачките ливчиња.

„Вашето учество (на изборите) придонесува за напредок, стабилност и подобро утре. Вашиот глас е важен и вашето мислење е важно“, се вели во пораката на Шмит./МИА

Србија: 24 години од демонстрациите на 5 октомври 2000 година

Денес се навршуваат 24 година од големите демонстрации во Белград на 5 октомври 2000 година, со кои се заврши владеењето на Слободан Милошевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Демонстрациите во Белград избија откако Милошевиќ одби да ги признае резултатите од изборите на 24 септември 2000 година за претседател на СР Југославија, на кои загуби од кандидатот на Демократската опозиција на Србија (ДОС) и лидер на Демократската партија на Србија (ДСС) Воислав Коштуница.

На 5 октомври демонстрантите од цела Србија пристигнаа пред тогашното Сојузно собрание, пробивајќи ги со булдожер полициските блокади. Зградата на собранието беше демолирана и запалена, како и зградата на РТС, а полицијата наскоро престана да се спротивставува и им се придружи на граѓаните.

Вечерта на 5 октомври 2000 година, новиот претседател на тогашна СР.Југославија, Воислав Коштуница им се обрати на граѓаните од терасата на Собранието на град Белград, а следниот ден, на 6 октомври, Милошевиќ го призна изборниот пораз и му честиташе на Коштуница.

Во демонстрациите едно лице го загуби животот, а друго почина од срцев удар, додека 65 лица беа повредени.

Воислав Коштуница, кој беше избран за претседател на СРЈ како кандидат на ДОС, се повлече од политиката, а премиерот Зоран Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година пред зградата на српската Влада.

Слободан Милошевиќ почина во 2006 година во затворот во Хаг, а неговата сопруга и поранешна претседателка на ЈУЛ, Мирјана Марковиќ почина на 14 април 2019 година во Русија и е погребана покрај нејзиниот сопруг во Пожаревац.

Тогашните учесници во владеењето на Слободан Милошевиќ денес повторно ги заземаат најважните позиции во Србија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ кој во тоа време беше во Радикалната партија на Воислав Шешељ беше министер за информации, додека Ивица Дачиќ тогаш беше портпарол на СПС на Слободан Милошевиќ. Александар Вулин беше истакнат член на ЈУЛ на Мирјана Марковиќ.

Претседателот на партијата Нова Србија и еден од водачите на демонстрациите на 5-ти октомври, Велимир Илиќ, изјави денеска дека Србија „целосно замолчила“ и дека веќе нема енергија да промени нешто.

Тој додаде дека на власт се вратија оние против кои се случи 5 октомври 2000 година.

Илиќ за весникот Данас изјави дека никогаш во историјата на Србија немало поголемо единство од тогаш и дека Демократската опозиција на Србија (ДОС) потфрлила затоа што нејзините луѓе, кои биле на клучни позиции, ја предале.

притисни ентер