Канадските фудбалерки со минус шест бода ја почнаа Олимпијадата

На фудбалерките на Канада одземени им се шест бода, а тренерот е суспендиран на една година поради летање дрон и следење на тренингот на Нов Зеланд пред Олимпијадата.

Претходно Нов Зеланд ја обвини Канада за шпионирање на тренинзите пред меѓусебниот натпревар на женската репрезентација на Олимпијадата.

Олимпискиот комитет на Нов Зеланд соопшти дека тренингот на тимот бил прекинат поради дрон лансиран од вработен во тимот на Канада.

ФИФА објави дека женската репрезентација на Канада е казнета со шест бода, а нивниот селектор Беверли Пристман е суспендиран на една година.

Дополнително, аналитичарот Џозеф Ломбарди и помошникот тренер Јасмин Мандер, исто така, се суспендирани од сите активности поврзани со фудбалот на една година поради „кршење на принципите на фер-плеј“.

Инаку, Канада го совлада Нов Зеланд со 2:1 во 1. коло.

Практична настава за студенти во првиот сензорен центар- реализиран во Ѓорче Петров

Овој сензорен центар, кој е прв од ваков вид во земјата, служи како практична база за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет. 

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, заедно со стручни лица од повеќе области, денеска во градинката „Росица“ – објект Пампурче го посетија првиот сензорен центар во Македонија, кој беше отворен пред само неколку месеци и веќе бележи значајни успеси во своето работење.

Овој сензорен центар, кој е прв од ваков вид во земјата, служи како практична база за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет. Под менторство на проф. д-р Оливера Рашиќ Цаневска, студентите секој вторник работат директно со дечињата со пречки во развојот, помагајќи во нивната рехабилитација и интеграција во образовниот процес.

Преку оваа програма, децата добиваат континуирана поддршка, а резултатите се веќе видливи – подобрувања во состојбата и напредок кај децата кои ја користат услугата на центарот.

Градоначалникот Стојкоски изрази задоволство од успешната реализација на овој проект, истакнувајќи ја важноста на ваквите иницијативи за унапредување на образованието и грижата за најмладите.

„Сензорниот центар претставува пример за нашата посветеност кон создавање подобри услови за развој на децата со специфични потреби. Продолжуваме со планови за отворање на вакви капацитети и во други објекти во иднина,“ изјави Стојкоски.

Општина Ѓорче Петров е лидер во создавање иновативни решенија за најмладите, вложувајќи во подобрување на условите во градинките и поддршка за родителите и наставниот кадар. Сензорниот центар е доказ за оваа посветеност и претставува голем чекор напред кон обезбедување квалитетна грижа и едукација за сите деца.

Овој проект е симбол на грижата за иднината на најмладите жители и пример како заедницата може да се обедини за доброто на сите.

Борел го повика Израел да го поддржи предложениот договор за прекин на огнот во Либан

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска го повика Израел да го поддржи предложениот договор за прекин на огнот во Либан, истакнувајќи дека истиот нуди безбедносни гаранции за Израел.

Говорејќи на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7, Борел нагласи дека нема изговор за да не се спроведе договорот со либанската милитантна група Хезболах. Тој побара да се изврши притисок врз Израел за денеска да го одобри договорот.

Според неименуван израелски функционер, Израел веројатно ќе го поддржи американскиот план за прекин на огнот. Безбедносниот кабинет на Израел ќе одржи состанок во седиштето на Израелските одбранбени сили (ИДФ) во Тел Авив.

Американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон се очекува да го објават договорот за прекин на огнот во следните 36 часа, соопштија високи либански функционери, пренесуваат западни медиуми. /МИА

Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска

Авионска линија Прага-Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, одржа средба со делегацијата на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, која престојува во официјална посета на државава.

На средбата, како што соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, се разговарало за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес. Посебен акцент бил ставен на иницијативата на министерката Божиновска за воспоставување директна авионска линија Прага-Скопје, која би ја олеснила поврзаноста меѓу двете земји, поттикнувајќи ја соработката во трговијата, туризмот и бизнисот.

Министерката Божиновска ги потенцирала можностите за проширување на соработката со чешки компании во областа на енергетиката, со акцент на вложувања во обновливи извори на енергија, модернизација на енергетската инфраструктура и воведување иновативни технологии.

Во текот на средбата била разгледана и можноста за воспоставување партнерства помеѓу чешките универзитети и македонските образовни институции, со цел размена на знаења, заеднички истражувачки проекти и отворање на нови можности за студентите од двете земји.

Оваа средба, како што се наведува во соопштението, претставува уште еден чекор во градењето на посилни билатерални односи и продлабочување на пријателството меѓу Чешката Република и Македонија.

притисни ентер