Кампања „Напред розово“ в сабота во Градски парк

Кампањата за борба против ракот на дојка „Напред розово 2014 - чекори против ракот на дојка“ по шести пат ќе се одржи на 17 мај во Градскиот парк кај Школка. Целта на настанот е подигнување на свеста кај населението за ракот на дојката како потенцијално излечлива болест, како и помош и поддршка на жени со такво заболување.

Според податоците на Меѓународната агенција за истражување на ракот „ГЛОБОКАН“, во 2012 година во Македонија се регистрирани 1.152 новозаболени од рак на дојка, од кои околу 400 починале.

Кампањата Напред розово 2014 ја организира Здружението Борка – За секој нов ден во соработка со Американската амбасада.

Претседателот на „Борка“, Биба Додева денеска на прес-конференција рече дека ракот на дојката е најчестото малигно заболување кај жените. Посочи дека жени поддржувачи и членки на Здружението од другите градови организирано ќе дојдат во Скопје и ќе учествуваат во Розовата прошетка. Таа рече дека изготвен е видео спот за кампањата кој е снимен во Драчево и првпат во Македонија во него се само жени кои го победиле ракот.

Освен Розовата прошетка, истиот ден ќе се одржи и Розовото возење со велосипеди кое е во соработка со неформалната група „На Точак“ која го популаризира урбаното возењето на велосипеди, рекреацијата и здравиот живот. Велосипедистите ќе извозат рута во должина од пет километри низ центарот на градот, а потоа ќе се приклучат кон Розовата прошетка.

Мери Џо Волерс, сопругата на американскиот амбасадор рече дека уште од самиот почеток ја поддржуваат кампањата. Таа ги пренесе искуствата од САД каде превентивните прегледи помогнале да се намали бројот на смртни случаи од рак на дојка.

Партнер во активностите на „Борка“, е Клиничката болница Аџибадем Систина. Дева Петрова, радиотерапевт, онколог во болницата рече дека навременото откривање на малигните болести е клучно за нивно успешно лекување и излекување. Посочи дека се обидуваат да бидат во чекор во најновите достигнувања и на болните со малигни болести да им пружат врвна здравствена заштита.

- Како дел од современата дијагностичка процедура во раното откривање кај малигните болести и следењето на одговорот на терапијата кај тие болести, е отворањето на новиот ПЕТ центар, а со отворањето на Одделот за онкологија и радиотерапија се заокружи целокупната грижа за пациентите со малигни заболувања, рече Петрова.

Додаде дека соработката со „Борка“ е значајна и преку организирање средби со пациенти, тие можат надвор од болничките амбуланти да бидат во контакт со пациентите.

Здружението „Борка“ отвори веб страна посветена на кампањата Напред розово 14, која е поставена на линкот http://napredrozovo.borka.org.mk/. /МИА

Стано: Очекуваме новата Влада на Србија да работи на стратешката цел за членство на земјата во

 ЕУ со нетрпение очекува да соработува со новата српска Влада и очекува таа да испорачува резултати во однос на стратешките цели на Србија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

- Србија е земја кандидат за членство и го посочува пристапувањето во ЕУ како свој стратешки приоритет, па Европската Унија и земјите членки очекуваат тоа да го покаже и во пракса, нагласи Стано, запрашан за коментар за тоа што во новата српска Влада, како што беше посочено, се предложени двајца министри кои се наоѓаат на листата на лица кон кои ЕУ има воведено санкции.

Според Стано, Србија знае што се очекува од неа како земја кандидат за членство во ЕУ кога станува збор за исполнување на критериумите, особено за оние поврзани со надворешната политика и за усогласување на заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

Кога станува збор за конкретните лица, како што нагласи Стано, активностите и изјавите на предложениот вицепремиер Александар Вулин во минатото биле во спротивност со декларираните приоритети на Србија, кога станува збор за обврските поврзани со процесот на пристапување и односите со Русија.

- Членството во ЕУ е стратешки избор и очекуваме од Србија и нејзината Влада, независно во кој состав, да ја демонстрираат посветеноста на европскиот пат, во интерес на нејзиниот народ и на нејзиниот кредибилитет, бидејќи одлуката да се избере европската интеграција за стратешка цел беше донесена од српските власи. Затоа очекуваме од нив да испорачаат и секој член на Владата да работи на таа цел колку што може, додаде Стано. /МИА

Лидерот на Златна зора ќе излезе од затвор

Поранешниот лидер на сега непостоечката неонацистичка партија Златна зора Никос Михало-Љакос, кој беше осуден на 13-годишна затворска казна за водење криминална организација, ќе биде пуштен од затвор, пренесуваат грчките медиуми.

Судот во градот Ламиа донел одлука тој да биде ослободен, откако издржал три петтини од казната. Златна зора пред четири години беше прогласена за криминална организација обвинета за бројни насилства од омраза , а нејзиниот лидер и пет поранешните пратеници добија 13 години затворска казни. Михалољакос, според одлуката на судот, ќе има забрана да ја напушта поширокиот регион на атина и ќе треба еднаш месечно да се јавува во полициска станица, пишува Катимерини. Златна зора беше дел од парламентот во периодот од 2012 до 2019 година..

Полската полиција приведе 16-годишно момче за нападот со молотов коктел врз синагога

Полската полиција приведе 16-годишно момче осомничено дека фрлило молотов коктел врз историската синагога Ножик во Варшава, изјави денеска портпаролот на полицијата за весникот „Ржечпосполита“.

Мотивот зад вчерашното фрлање молотов коктел врз единствената синагога во Варшава што го преживеа нацистичкиот напад за време на Втората светска војна, остана нејасен. Осомничениот одбил да даде изјава.

„Срамотните антисемитски напади како овој не можат да се толерираат денес. Сторителите мора да бидат пронајдени и казнети, објави вчера на „Икс“, израелскиот амбасадор во Полска, Јаков Ливне.

Претседателот на Полска, Анджеј Дуда исто така го осуди фрлањето молотов коктел врз синагогата. „Нема место за антисемитизам во Полска! Нема место за омраза во Полска", напиша Дуда на „Икс“.

Синагогата од 1902 година, во центарот на градот на левиот брег на Висла, денеска е главната синагога во Варшава. /МИА

притисни ентер