Јавниот превоз во Скопје нема да функционира од недела во 11 до вторник во 5 часот

ЈСП Скопје соопшти дека од утре, недела (24.05.2020 год) од 11 часот до вторник (26.05.2020 год) до 5 часот, јавниот превоз нема да функционира.

Привремениот целосен прекин на сообраќањето на автобусите на ЈСП Скопје и приватните превозници е согласно одлуката на Влада за забрана на движење на населението во посочениот период.

Во недела сите автобуси ќе сообраќаат по неделен возен ред од 5 до 11 часот. Утре нема да има дежурни билетарници и центри за персонализација.

Јавниот превоз ќе продолжи да функционира од вторник (26.05.2020 год) од 5 часот, а автобусите ќе сообраќаат до 19 часот, по саботен возен ред.

Исклучок ќе бидат линиите 9, 19, 20 и 23 кои ќе возат по редуциран делничен возен ред. Вообичаено продолжуваат да работат сите билетарници и центри за персонализација.

Од 6 до 17 часот ќе работат билетарниците на Транспортен центар, во ГТЦ, кај Пошта, во Аеродром, Ѓорче Петров, Ново Лисиче, Буњаковец, билетарниците на Зелен пазар, кај пазарот во Бутел, во Маџари, Кисела Вода, Драчево, како и билетарниците кај ЈСП Дирекција, во населба Даме Груев, во Сарај, кај Дом на печат и во Карпош 4.

Во истиот период ќе работат и центрите за персонализација во Автокоманда (кај Шумарски факултет), Аеродром, Карпош 2, на Бит пазар и на Транспортен центар (автобусот).

Од 6 до 13 часот ќе бидат отворени билетарниците кај старото кино во Бутел, Лисиче, Радишани и во Железара.

Во истиот период ќе бидат отворени центрите за персонализација во Влае и во просториите на ЈСП Турс (Градски ѕид).

Услугите можат да се купат и на сто локации (трафики, маркети) кои се дел од продажната секундарна мрежа на ЈСП Скопје.

ЈСП Скопје потсетува дека и натаму не важат бесплатните средношколски билети, како и бесплатниот превоз за возрасни лица (жени со 62 год, мажи со 64 год) во вторник, петок, сабота и недела.

Укинати се и трите автобуски линии (25, 25А и 25Б) што сообраќаат до Средно Водно, туристичката линија „Сити тур", а не работи и Жичарницата.

Реконструирана училишната спортска сала вп ООУ „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров финишираше со реконструирањето на училишната сала во основното училиште „Мирче Ацев“, која е веќе пуштена во употреба.

При реконструкцијата изведен е менување на подот во салата каде беше поставен нов гумиран под, бојадисување, молерисување на ходникот и кабинетот на наставникот по физичко образование, целосно нова вентилација и опремување со нови спортски реквизити.

Овој проект беше неопходен за нормално одвивање на часовите по физичко образование на основците. Со негово завршување, направен е чекор плус во создавањето добри услови за настава во една од шесте образовни институции во Ѓорче Петров.

Проектот е реализиран во соработка со Министерството за образование и наука.

Општина Ѓорче Петров

До петок нестабилно време со повремен пороен дожд, град и грмежи

Долж Повардарието утре ќе дува засилен ветер. До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. 

Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град.

Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок. Температурите ќе бидат без значителна промена.

Утринската температута ќе се движи од осум до 15, а максималната дневна ќе достигне до 30 степени.

Теретана на отворено за прв пат во општина Илинден

Комплетно опремена спортска теретана на отворено за прв пат добија жителите на Општина Илинден, која се наоѓа кај пешачко – велосипедската патека во Марино, соопшти Општина Илинден.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски истакнал дека во рамки на ова фитнес катче, каде младите па и повозрасните жители на општината ќе можат да се рекреираат и вежбаат, поставени се повеќе најсовремени фитнес справи.

-Досегашната пракса на инвестирање и создавање на услови за спортување, постојано се докажува како највредна инвестиција за сите генерации, па затоа Општина Илинден од сопствениот буџет оддвои средства за реализација на спортската теретана на отворено, а во наредниот период продолжува и понатаму со инвестиции во спортот и спортските терени на нејзина територија, се наведува во соопштението.

притисни ентер