Јанчев: Ставена во функција спомен фонтаната во чест на Сашко Гешовски

Ставена во функција спомен фонтаната во чест на Сашко Гешовски, информираше градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев. 

По повод 33 години од смртта на првата жртва во бившата ЈНА, војникот Сашко Гешовски првите луѓе на Кавадарци го реализираа ветеното.

Триесет и три години од загинувањето на Сашко Гешовски, припадник на Југословенската народна армија, прва жртва при распадот на Југославија, се одбележаа денеска во Кавадарци. Беше положено цвеќе на неговиот споменик на градските гробишта, а беше посетена и новата фонтана изградена во негова чест, на кружниот тек што го носи неговото име.

Од кавадаречката Музеј галерија, денеска потсетија дека Гешовски бил роден во Кавадарци на 31 октомври 1971 година, основно и средно училиште завршил во родниот град. По завршување на средното образование, заминал на отслужување на воениот рок во ЈНА во Сплит, Хрватска.

- На 6 мај 1991 година во него пукал маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и смртно го погодил со четири куршуми. Гешовски во критичниот момент бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит. Тој е првата жртва во конфликтот што предизвика распад на Југославија во 1991 година. На 7 мај во Кавадарци се одржа протестен митинг, учествуваше речиси целото население од градот и околината. Се палеа свеќи на градскиот плоштад во чест на Гешовски. Неговото тело со воен хеликоптер беше пренесено во Кавадарци. На погребот присуствуваа повеќе од 20.000 граѓани, дојдени од сите краишта на поранешна Југославија. Во Кавадарци беше прогласена тридневна жалост, потсетија од Музејот.

Во воениот конфликт во 1991 година, покрај Гешовски, од Кавадарци загина и Петре Тодоровски, роден во 1971 година.

- Тодоровски загина како припадник на ЈНА на 26 јули 1991 година, во касарната Љубљана – Поље, Репубпика Словенија. Својот млад живот го загуби како војник, додека бил на стража. Во овој конфликт загина и Мишко Митрев, роден во 1954 година во Ваташа. Митрев загина како подофицер во ЈНА во септември 1991 година, при одбрана на касарната во Ѓаково, потсетија од Музеј галеријата.

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. 

Елегантни моторџии облечени во палто, елек и вратоврска денеска по деветти пат како дел од глобалното движење „The Distinguished Gentlmens Ride“ ќе дефилираат низ скопските улици со цел да ја подигнат свеста за машкото здравје и превенцијата од рак на простатата.

Годинава, се очекува да има околу 170 учесници кои ќе поминат по улиците и булеварите во централното подрачје во Скопје. Организаторите најавуваат учесници и од останатите градови од државата и гости од Косово. Меѓу нив има доктори, професори, личности од јавниот живот кои, како и секоја година, ќе донираат средства за фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против рак на простатата.

„The Distinguished Gentlmens Ride“ годинава се одржува во 959 градови низ светот. Учествуваат 90.000 мотоцикли од 105 држави.

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се 18.836 евра.

Глобалното движење почна на иницијатива на Марк Хава во 2012 година во Сиднеј кога тој заедно со своите пријатели продефилира низ улиците на градот во чест на неговиот пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето станува помасовно секоја година. Од основањето на „The Distinguished Gentlmens Ride“ досега собрани се 50,2 милиони долари на светско ниво кои се донираат во институции и болници кои се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата. /МИА

Пронајдени телата на четворица мигранти, спасени 52 лица во близина на брегот на Тунис

Телата на четворица мигранти се пронајдени во близина на брегот на Тунис, а крајбрежната стража во посебна операција спасила 52 лица, соопшти Националната гарда.

Се додава дека гардата уапсила девет шверцери и ги запленила чамците.

Најмалку 23 туниски мигранти исчезнале откако со чамец се упатиле кон Италија, соопшти претходно Националната гарда.

Тунис се соочува со миграциска криза и ја замени Либија како главна појдовна точка за луѓето кои бегаат од сиромаштијата и конфликтите во Африка и Блискиот Исток во потрага по побезбеден живот во Европа. /МИА

Одбележување на Светскиот ден на семејниот лекар - 19 Мај

Под мотото „Здрава планета, здрави луѓе“ денеска се одбележува 19 Мај - Светскиот ден на семејниот лекар.

Здружението на лекари по општа медицина - семејна медицина (ЗЛОМ СМ), информира дека за таа цел во Градскиот парк во Скопје денеска од 11 до 14 часот граѓаните ќе можат да измерат крвен притисок, гликемија и пикфлоуметрија. Специјалистите по семејна медицина ќе даваат совети за здрави животни навики.

Предвидена е и прес-конференција за медиумите.

притисни ентер