И покрај апелите на сојузниците за воздржаност на Израел, високи воени лица најавуваат т.н. соодветен одговор на иранскиот ракетен и напад со беспилотни летала што се случи во саботата.
Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија изрази загриженост, поради евентуален израелски напад врз иранските нуклеарни постројки, кој може дополнително да го ескалира блискоисточниот конфликт.
„Се соочуваме со опасност од нуклеарна катастрофа, не смееме да дозволиме незадоволството денес, да биде примарно за тоа што ќе се случува утре. Мораме да сториме се’ што е во наша моќ да го минимизираме ризикот од несреќа.“- -Рафаел Гроси, Директор на Меѓународна агенција за атомска енергија.
Гроси исто така наведе дека еден ден по нападот врз Израел, Иран ги затворил своите нуклеарни постројки „од безбедносни причини“. Меѓу време Иранскиот заменик-министер за надворешни работи Али Багери Кани изјави дека контраофанзивата на Техеран, по каков било израелски одговор, ќе дојде „во рок од неколку секунди“. Израелскиот воен врв пак и натаму дециден, дека соодветен одговор, сепак ќе има.
„Oстануваме на највисоко ниво на подготвеност. Иран ќе се соочи со последици за своите дејствија. Нашиот одговор ќе биде соодветен. Одбранбените сили на Израел остануваат подготвени да се спротивстават на секоја закана од Иран и неговите терористички посредници.“ - Херзи Халеви, Началник на Генералштаб на Израел.
Во саботата, за прв пат во историјата, Иран го нападна Израел директно од негова територија. Според израелски извори, Техеран испратил околу 330 дронови, балистички и крстаречки ракети, од кои најмалку 250 биле пресретнати од одбрамбената Железна купола.