Со нокаут пред крајот на првата рунда, македонскиот кикбоксер Бобан Илиоски го заврши полуфиналниот меч на Европското сениорско првенство во Атина и обезбеди пласман во финалето за одбрана на шампионската титула и златниот медал од пред две години, јави дописничката на МИА од Атина.
Илиоски, во категоријата лоу кик до 86 килограми беше убедливо подобар од грчкиот репрезентативец Христос Филис и борбата ја реши уште пред да заврши првата рунда, откако при водство со 3-0 го нокаутираше противникот.
Финалето на македонскиот репрезентативец ќе биде утре или в сабота.
Нашата земја на Европското кикбокс првенство веќе има бронзен медал по пласманот на Стефан Михајловски во полуфиналето, кој во вчерашниот меч загуби од украинскиот репрезентативец Серхи Бабенко и не обезбеди финале.
Македонската репрезентација со петмина кикбоксери во машка и женска конкуренција ја предводи претседателот на Кикбокс Маитаи федерацијата Дејан Митровски, а во составот се Бобан Илиоски, Стефан Михајловски, Митко Ашкилов, Леа Бошевска и Андреа Костовска, тренерот Драган Атанасовски, како и Ирена Митровска секретарка во Федерацијата.
На Европското кикбокс првенство во Атина што трае до 10 ноември учествуваат 982 натпреварувачи со 1.133 натпреварувачи влеза од 41 држава.