Хуманитарен концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска

Во Салон 19:19 во Скопје вечерва ќе се одржи концерт во сеќавање на Климентина Рафајловска (1977-1994), која била ученик на пијано и харфа во училиштето „Илија Николовски-Луј”.

На програмата ќе бидат изведени дела од композиторите Сен Санс, Равел, Буланже, Штолцел, Пијацола, Хенсон, Капле, Форе и Шостакович.

На концертот ќе учествуваат музичари од нејзината генерација, Ема Абаџиева – обоа, англиски рог, Весна Ангелова Христов – пијано, Орце Ицковски – фагот, Гордана Јаневска – виолина, Тереза Крцоска – виолина, Јанинка Невчева – пијано, Јулија Нелковска – виолина, Надежда Рубен – сопран, Боро Станковски – виола, Елена Стојческа – флејта, Дарко Трајковски – виолина, Мерсиха Шукри – харфа.

Соученичката на Рафајловска, Мерсиха Шукри, која е единствената харфистка во земјава во изјава за МИА вели дека целта, меѓудругото, е и да се подигне свеста и поддршката за болните од рак.

- Климентина Рафајловска ни беше соученичка во музичкото училиште. За жал, за кратко време нѐ напушти, се разболе од леукемија. Оваа година се навршуваат 30 години од нејзината смрт. Во таа чест, генерацијата се собравме да одржиме концерт во нејзина чест. Воедно, да ја подигнеме свеста и поддршката за сите заболени од лошата болест, вели Шукри, додавајќи дека животот е непредвидлив и затоа е потребно многу повеќе љубов и разбирање.

Човекот е покршлив од стаклото и многу малку е свесен дека секому може да му се случи, вели Мерсиха Шукри.

Во чест на Рафајловска, од 1995 до 2008 година беше доделувана наградата „Климентина Рафајловска” за првенец на генерација, од страна на истоимената Фондација. Меѓу добитниците на оваа награда се и Симон Трпчески, Ирина Наумовска, Никола Атанасов, Александар Краповски и други.

Средствата собрани со продажба на билетите и од донаторската кутија, ќе бидат донирани на Здружението посветено на пациенти болни со рак и нивни негуватели ХЕМА-ОНКО, а наменети за потребите на пациентите на Универзитетска клиника за хематологија.

Ватикан: Посакуваме Трамп да биде мудар затоа што, според Библијата, тоа е главната доблест

 Посакуваме Трамп да биде мудар затоа што, според Библијата, тоа е главната доблест на владетелот.

Ватикан му честиташе на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и му посака „голема мудрост“ додека се подготвува да се врати во Белата куќа.

„Му посакуваме голема мудрост бидејќи, според Библијата, тоа е главната доблест на владетелот“, изјави државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.

„Верувам дека тој пред се мора да работи на тоа за да биде претседател на целата земја и на тој начин да се надмине поларизацијата што многу јасно се чувствува во овој момент“, рече Паролин на маргините на еден настан во Рим.

Коментарите на кардиналот се првите јавни изјави на официјален претставник на Ватикан за победата на Трамп.

Папата Франциск, поглавар на Католичката црква од март 2013 година, претходно ја критикуваше политиката на Трамп.

Папата во септември рече дека планот на Трамп да ја запре илегалната имиграција и да депортира милиони имигранти кои веќе се во САД е „спротивен на животот“.

Бајден ќе и се обрати на нацијата по убедливата победа на Трамп

 Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе и се обрати на нацијата по загубата на неговата кандидатка за претседател на Демократската партија Камала Харис на нејзиниот републикански противкандидат Доналд Трамп.

Бајден ќе зборува во 16:00 часот по Гринич.

Тој се повлече од претседателската трка по неговиот слаб настап во телевизиските дебати со Трамп, покренувајќи прашања за тоа дали тој сè уште е способен за функцијата. Потпретседателката Камала Харис го замени Бајден како кандидат на Демократската партија.

Харис и Бајден ветија дека ќе му помогнат на Трамп во транзицијата на власта до инаугурацијата на новоизбраниот претседател на 20 јануари следната година. Сепак, Харис рече дека не е подготвена да ја прифати визијата на Трамп за земјата.

Републиканците ја одземаа контролата на американскиот Сенат од демократите. Мнозинството гарантира дека Трамп ќе контролира барем еден дом на Конгресот следната година. Не е јасно дали републиканците ќе го задржат мнозинството во Претставничкиот дом на САД, а резултатите во десетици изборни единици се уште се непознати.

Макрон: Победата на Украина е во интерес на Европа

Победата на Украина во војната против Русија е во интерес на Европа, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон, цитиран од британски и француски медиуми.

-Во наш интерес е Русија да не победи, нагласи тој на состанокот на европските политички лидери во Будимпешта.

Европа не може вечно да се потпира на САД за да ја гарантира нејзината безбедност, додаде шефот на француската држава.

притисни ентер