Хрватски актер сними пародија на изведбата на химната на Јосипа Лисац (ВИДЕО)

Хрватскиот актер Марин Буквиќ, сними пародија на изведбата на химната на Јосипа Лисац, а снимката што ја објави на Фејсбук набргу стана хит.

Марин се снимал себеси во бањата, со леген на главата и користел картон од тоалетна хартија како микрофон и така ја пеел химна, имитирајќи го начинот на пеење на Јосипа Лисац. Посебна монтажа е направена со инаугурацијата на хрватскиот претседател и политичарите.

Во описот на видеото, тој истакна дека многу ја цени Joсипа Лисац и дека видеото го снимил само за забава.

"Јосипа Лисац е одличен уметник и ова видео е направено исклучиво со цел за забава. Ве молам, не ширете омраза кон никого. Насмевка на вашето лице за добар ден ќе биде доволна! Joсипа, те сакам", рече тој.

Неговото видео за кратко време е споделено над 5,6 илјади пати, а луѓето во коментарите воодушевно напишаа дека тој ги натера добро да се насмеат.

„Најдобра изведба досега, тој стил, тој став, прекрасен, воодушевен сум“, „Кинг“, „Ова е најдобрата верзија“, „Подобро од Јосипа“, се само неколку од коментарите.

Претседателката на Грузија, Зурабишвили стави вето на законот за „странско влијание“

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили соопшти дека ставила вето на контроверзниот закон за „странско влијание“, кој предизвика масовни протести во земјата.

„Денес ставам вето (...) на закон кој е руски по својата суштина и е во спротивност со нашиот устав“, рече Зурабишвили откако текстот усвоен од Парламентот оваа недела беше осуден од неговите противници дека има за цел да ја одврати Грузија од нејзиниот пат кон Европа и да ја насочи кон Русија.

Таканаречениот „руски закон“, чии противници протестираат со недели против неговото усвојување, бара медиумите и невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „агенти на странско влијание“. Критичарите на законот велат дека тој е премногу сличен на законодавството што го користи Кремљ за да ги замолчи противниците и дека ќе ја попречи кандидатурата на Грузија за пристапување во ЕУ.

Претседателката Саломе Зурабишвили, која влегува во сè поостра конфронтација со грузиската владејачка партија, денеска изјави дека законот е во спротивност со Уставот на Грузија и „сите европски стандарди“, и додаде дека тој „мора да биде повлечен“. /МИА

То Лам именуван за претседател на Виетнам

Комунистичката партија на Виетнам го именува министерот за јавна безбедност То Лам за нов шеф на државата.

- Централниот комитет одобри другарот То Лам, член на Политбирото и министер за јавна безбедност, да биде именуван за претседател, објави Виетнамската новинска агенција (ВНА).

Лам (66), кој ја извршуваше функцијата министер за јавна безбедност од 2016 година, имаше тврд став против движењата за човекови права.

Неговото именување уследи по оставката на Во Ван Туонг во март./МИА

Поплави во источна Белгија

 Подрачјето на белгискиот град Лиеж е погодено од поплави предизвикани од обилните дождови кои веќе предизвикаа штети во Франција.

На подрачјето на тој град досега се евидентирани околу 550 интервенции, а гувернерот Ерве Џамар мобилизирал 150 пожарникари во борбата против последиците од елементарната непогода.

„Ова се главно интервенции за испумпување вода кои продолжија денеска изутрината“, соопшти канцеларијата на гувернерот на погодената провинција.

Службите за итни случаи соопштија дека нивото на водата почнало да се намалува.

Од другата страна на границата, во холандската провинција Лимбург, два кампа се евакуирани поради опасност од поплави.

Во францускиот департман Мозел, на североистокот, денеска во раните утрински часови беше објавена тревога поради опасност од поплави. /МИА

притисни ентер