Гвардиола: Многу сум среќен поради враќањето на Де Брујне

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, емотивно проговори за враќањето на фудбалерот од средниот ред Кевин Де Брујне по синоќешниот натпревар од 14. коло од англискиот шампионат со Нотингем Форест (3:0).

Триесет и тригодишниот Белгиец погоди во 31. минута против Нотингем Форест.

- Многу сум среќен што Де Брујне се врати. Одигра 75 фантастични минути и го заслужува најдоброто. Кевин е прекрасна личност и стана неверојатно важен играч за тимот, изјави Гвардиола за „BBC Sport“.

Победата за „Граѓаните“ доаѓа по серијата од четири порази.

-Тоа беше тежок период, но мора да го прифатиме овој предизвик. Играњето во Премиер лигата станува се потешко, секој тим е достоен противник. Сити мора да се подобри. Прво ќе победиме неколку натпревари и ќе видиме до каде сме за неколку месеци, истакна Де Брујне.

Манчестер сити се искачи на 4. место во поредокот со 26 бодови.

Струга и годинава без организиран пречек на Нова година

Струга и годинава нема да има организиран пречек за Нова година. Во пресрет на новогодишните празници градот е украсен онака како што доликува на една туристичка дестинација. 

Светилки и новогодишни реквизити блескаат низ централното градско подрачје, Чаршијата, новото шеталиште и кејот на реката Црн Дрим. На Чаршискиот мост, традицинално е поставена новогодишната елка.

За најмладите предвидена е предновогодишна забава на 30 декември пред општинската зграда, забава со локални бендови, а Дедо Мраз ќе прошета и низ градските улици.

За првите три новороденчиња во Новата година Општината предвиде по 15.000 денари, а од општинскиот буџет предвидени се и средства за пакетчлиња за децата од социјално загрозени семејства и деца со попреченост.

- Струга е украсена и подготвена да ги пречека туристите што сакаат да го посетат градот. Со украсувањето на градот, Советот и Општината излегуваат во пресрет на бизнисот со цел привлекување што повеќе туристи, изјави претседателката на Советот Арбреша Влаши.

Во градот веќе се чуствува претпразнично движење, кафулињата и рестораните организираат претпразнични забави. Хотелиерите најавија целосна исполнетост на туристичките капацитети, а забележително е присуството на туристи во градот, како и на печалбарите, кои празниците ги минуваат во родното огниште.

Муртезани: Уставни измени ќе има кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето

Уставни измени ќе има кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето од Бугарија.

Сериозно работиме за надминување на проблемот со нашите европски интеграции, а уставни измени ќе има кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето од Бугарија и кога ќе изнајдеме решение кое ќе го гарантира завршетокот на овој процесот, порача денеска министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани.

- И на македонски јазик имам изјавено дека никогаш не сум велел дека ќе излеземе од Владата ако нема уставни измени на крајот од годината. Кога ја формиравме Владата не го направивме тоа со една нога надвор, а со една внатре и не со уцени дека ќе ја напуштаме Владата, рече Муртезани во одговор на прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Нагласи дека не држи ставот дека новата Влада го блокирала патот кон Европската Унија.

-Тоа е како вие да сте ги отвориле сите поглавја и сега ние сме тие што го саботираме овој процес што не е вистина. Има само разлика во пристапот кој ние го имаме од она што е направено досега. Ние не се служиме со ПР како вие, туку велиме дека ќе се обидеме да изнајдеме решение, рече Муртезани.

Дека новата Влада работи на изнаоѓање на решение, како што кажа, имаат потврдено сите европски и американски претставници кои ја посетиле земјава.

-Владата не работи само декларативно, туку работи сериозно за надминување на проблемот. Не е значајно колку месеци ќе трае тоа. Кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето од Бугарија тогаш уставните измени ќе дојдат пред вас во Собранието и ќе бидат само техничко прашање за да осигураме 80 пратеници, потенцира Муртезани.

Де ла Фуенте: До СП 2026 репрезентацијата на Шпанија ќе биде уште посилна од сега

Селекторот на шпанската репрезентација Луис де ла Фуенте изјави дека неговата селекција е една од најдобрите селекции во светот.

- Не знам кој е најдобар, но Шпанија сигурно е една од најдобрите селекции. Секако, на неодамнешното Европско првенство покажавме дека сме конкурентна репрезентација, играме модерен фудбал и поседуваме победнички дух. Но, има и други големи тимови во Европа и пошироко. Шпанија има квалитет да се бори со секој противник, изјави Де ла Фуенте за „АС“.

Тој ги сподели и своите очекувања за Светското првенство во 2026 година.

- Останува многу малку време бидејќи 18 месеци ќе летнат многу брзо. Но, ние сме подготвени, и јас сум многу оптимист, да бидам искрен. И тоа е затоа што ги познавам моите играчи и тие се ненаситни и сакаат да продолжат да победуваат. Не знам до каде ќе одиме, но за овие 18 месеци ќе бидеме уште подобри отколку што сме сега. Ќе се појават нови добри играчи, а тие што ги имаме сега ќе станат позрели и посилни. За Светското првенство во САД, Мексико и Канада ќе бидеме уште посилни отколку што сме сега, додаде Де ла Фуенте.

На Светското првенство во 2026 година во САД, Мексико и Канада ќе играат 16 селекции од Европа. Европските квалификации за турнирот ќе започнат во март 2025 година и ќе завршат со плејофот во март 2026 година.

притисни ентер