Гугл Мапс наскоро ќе известува кои улици се добро осветлени

Гугл Мапс без сомнеж е една од најпопуларните апликации на секој уред.

Со текот на годините Гугм Мапс прерасна од обична алатка за навигација во апликација која може да ви препорача ресторани, да ве спречи да добиете казна за пребрзо возење или да ви овозможи да си повикате такси.

А сега, благодарение на порталот „XDA-Developers“ дознаваме дека Гугл изгледа работи на нов опција во апликацијата Гугл Мапс, која ќе овозможува да проверите кои улици во текот на ноќта се добро осветлени.

Тоа што за сега се знае е дека оваа алатка ќе покажува кои улици се добро осветлени, каде осветлувањето е лошо и каде воопшто го нема.

Иако се уште не се знаат доволно детали, оваа опција ќе биде добредојдена како додаток на веќе софистицираната навигациска апликација затоа што информацијата за осветленоста на улиците може да ја зголеми безбедноста на корисниците.

Израел повика на евакуација на Рафа пред можна офанзива

Израелската војска ги повика жителите на источниот дел на Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, да се евакуираат во „проширена хуманитарна област“, пред можна офанзива.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) рано утрово соопштија дека ги „охрабруваат“ жителите на источниот дел на Рафа да се преселат во проширена хуманитарна област во бегалскиот камп Ал-Маваси, на Средоземното Море недалеку од границата со Египет.

- Во согласност со одобрението на владата, тековната проценка на ситуацијата ќе го води постепеното движење на цивилите во наведените области, до хуманитарните области, се вели во објава на ИДФ на социјални мрежи, пренесува ДПА.

ИДФ ја окарактеризира евакуацијата како „привремена“, додавајќи дека повиците за преместување ќе се „пренесат преку постери, СМС пораки, телефонски повици и медиумски преноси на арапски јазик“.

„ИДФ ќе продолжи да го гони Хамас насекаде во Газа додека сите заложници што ги држат во заробеништво не се вратат дома“, се нагласува во објавата.

Во друга објава ИДФ им порача на жителите на Газа дека „ќе продолжи да се бори против терористичките организации кои ве користат како жив штит“.

Индиректните преговори меѓу Израел и палестинската милитантна организација Хамас во Каиро изминатиот викенд за нов прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на заложниците во замена за палестинските затвореници не дадоа никакви резултати.

Израел сака да ја искористи воената операција во Рафа за да ги разбие преостанатите баталјони на Хамас. Заложниците заробени за време на терористичките напади на 7 октомври кои го предизвикаа конфликтот, исто така, се верува дека се чуваат во градот на границата со Египет.

Израелските сојузници, вклучително и САД, ја повикуваат владата во Тел Авив да не спроведува таква операција во Рафа, каде стотици илјади внатрешно раселени лица се засолниле од борбите во други места во Појасот Газа.

Прва победа за Норис во трка од шампионатот во Формула 1

 Возачот на Мекларен, Ландо Норис синоќа победи на трката од Формула 1 шампионатот возена за Големата награда на Мајами.

Дваесет и четиригодишниот Британец првпат во кариерата заврши на највисокото место на подиумот.

Второто место му припадна на возачот на Ред Бул, Макс Верстапен со заостанување од 7,612 секунди, а првата тројка ја комплетираше Шарл Леклер од Ферари со 9,92 секунди побавно време од победникот.

Актуелниот шампион, Верстапен по втор пат оваа сезона не заврши на првото место.

Најдобриот пласман во кариерата на Норис пред оваа трка беа петте втори места.

Во Топ 10 на трката во Мајами се најдоа и: Карлос Сајнц (Ферари), Серхио Перез (Ред Бул), Луис Хамилтон (Мерцедес), Јуки Цунода (РБ), Џорџ Расел (Мерцедес), Фернандо Алонсо (Астон Мартин) и Естебан Окон (Алпин).

Во Генералниот пласман лидер е Верстапен со 136 бода, пред Перез кој има 103, трет е Леклер со 98, Норис и Сајнц имаат по 83.

Сончево со јужен ветер

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. 

Попладне во планинските региони ќе има услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд. Минималните температури ќе бидат во интервал од 3 до 10, а максималните ќе достигнат од 20 до 26 степени.

Во Скопје ќе преовладува сончево време со мала облачност и со слаб ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се спуштат до 8, а максималните ќе достигнат до 26 степени.

Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер. Потоа условите за нестабилно време ќе се намалуваат.

притисни ентер