Груевски: Добар интерес за економски промотори, целта не е масовност туку квалитет

Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека интересот на огласот за економски промотори е добар, но оти целта на Владата не е масовност туку да се постигне квалитет и да бидат избрани најдобрите.

- Mинатата пролет објавивме конкурс за инвестициони промотори, економски промотори. Тоа беше еден поголем број, нешто повеќе од половина од промоторите, а сега за останатите за кои тогаш не беше објавено, им завршуваат мандатите во декември оваа година и за сите тие места се објави конкурс за кој можам да кажам дека постои добар интерес, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Нашата цел, посочи премиерот, не е да постигнеме масовност во оваа ситуација, нашата цел е да постигнеме квалитет, да ги привлечеме најдобрите, да ги привлечеме оние коишто се стручни и кои знаат да продадат добар производ.

- Македонија има создадено добра понуда или со еден друг вокабулар да речам добар производ кој го нуди на пазарот и ни требаат луѓе кои знаат тоа да го продадат. Значи ни требаат профил на луѓе кои се т.н. профил на продавачи, кои добро знаат да испрезентираат она што го нудиме и кои се стручни за тоа, стручни за добри презентации кои се генерално добро стручни во делот на економија и инвестиции и нормално одлично да ги познаваат јазиците во земјите каде што треба да не претставуваат, рече Груевски по поставувањето камен-темелник за изградба на Центар за позитронска емисиона томографија - ПЕТ-Центар во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ - Скопје.

Потенцира дека станува збор за економски промотори во девет земји во различни градови, како што се Њујорк, Чикаго, Мајами, Пекинг, Куала Лумпур и неколку други.

- Се работи за предизвик за многу луѓе кои имаат високи компетенции да се вклучат да и помогнат на државата, да се привлечат крупни инвеститори зашто земјата има создадени добри услови, меѓутоа тие треба да се презентираат. Ние сме мала земја и не сме како некои огромни држави за кои секојдневно нешто се пишува, говори и се прераскажува. Малите држави имаат обврска она што го нудат многу подиректно и по други канали и начини да го презентираат пред потенцијалните инвеститори за да ги привлечат да отворат нови работни места тука во Македонија, додаде премиерот Никола Груевски.

Почина таткото на Тоше Проески

По тешко боледување, почина Никола Проески – татко на легендарниот музичар Тоше Проески.

Тажната вест денеска на социјалните мрежи ја објави Дора, неговата ќерка. Таа со фотографијата на која се Никола и Тоше се прости од својот татко. Според пријатели на семејството, последниве месеци, тој се лечел во приватна болница во Скопје.

Музичарот Тоше Проески загина пред 16 години во сообраќајна несреќа во Хрватска. Неговите родители, по смртта на синот, не се појавуваа во јавноста.

Локални избори во Велика Британија

Во Велика Британија денеска се гласа на локални избори кои се гледаат како последен тест на јавното мислење пред општите избори подоцна оваа година.

Прогнозите покажуваат дека владејачките конзервативци би можеле да изгубат до половина од советничките места што ги бранат и дека партијата очекува „значителни загуби“.

Повеќето места за реизбор последен пат беа оспорени во 2021 година, на врвот на популарноста на Борис Џонсон кога беше воведена вакцината против Ковид-19.

Исто така, се одржуваат вкупно 11 избори за градоначалник, вклучувајќи го и градоначалникот на Лондон меѓу фаворитот, актуелниот лабуристички градоначалник Садик Кан и конзервативната предизвикувачка Сузан Хол.

Прогнозите постојано го ставаат Кан пред Хол, а анкетата објавена во средата од Саванта го води Кан за 10 процентни поени, откако неговата предност се намали за време на кампањата. /МИА

Српската министерка за образование : Секој 3 мај ќе биде ден на тага и сеќавање

Ѓукиќ Дејановиќ истакна дека утре пред се семејствата на убиените деца ќе имаат можност достоинствено да ја изразат својата болка, сеќавање и страдање.

Српската министерка за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ денеска изјави дека утре во Белград со програма наречена „Будење“ ќе се одбележи првата годишнина од масовното убиство во ОУ „Владислав Рибникар“ во кое животот го загубија девет ученици и еден работник од училишното обезбедување на 3 мај 2023 година.

Ѓукиќ Дејановиќ истакна дека утре пред се семејствата на убиените деца ќе имаат можност достоинствено да ја изразат својата болка, сеќавање и страдање.

Министерката во изјава за РТС нагласи дека секој 3 мај ќе биде ден на голема тага и сеќавање на жртвите./МИА

притисни ентер