Грег Попович се повлекува од клупата на Сан Антонио поради здравствени проблеми

Грег Попович, легендата на светската кошарка и НБА, поради здравствени проблеми се повлекува од функцијата тренер на Сан Антонио, а познато е и кој ќе го замени.

Наместо Грег Попович, на неодредено време, на клупата на НБА тимот ќе седи помошникот Мич Џонсон, објави новинарот Шамс Чарнија, кој е добро запознат со случувањата околу Лигата.

Лошата вест дојде пред натпреварот помеѓу Сан Антонио и Лос Анџелес Клиперс.

Се уште не се знае каков точно е здравствениот проблем на Попович, човекот кој освои пет титули во НБА. /МИА

Малолетник на 14 години и мажи на 71 и 66 години се жртвите во трагедијата во Црвени брегови

Македонија вчера ја потресе веста за три починати лица, пронајдени во неготинското село Црвени брегови, од кои едно дете.

Трагедија го потресе неготинското село Црвени Брегови, каде беа пронајдени беживотни тела на еден малолетник и на две лица на возраст од 71 и 66 години. Телата биле пронајдени вчера попладнето во мала куќа во селото која се користела како импровизиран верски објект. Од ОЈО Кавадарци соопштија дека при првичниот преглед на лицата не се констатирани траги на насилство, а оттаму издадена е и наредба за испитување на исправноста на плинскиот уред на кој се грееле во објектот ..Од СРВ Велес информираат дека телата на починатите се дадени на обдукција.

„На 08.12.2024 година во 16:35 часот во ОВР Неготино било пријавено дека во куќа во с.Црвени Брегови Неготинско биле пронајдени починати Ј.Ј (71) од Битола, Ф.Е (66) од Ресен и малолетник од с.Црвени Брегови. Лекар од Итна медицинска помош Неготино констатирал смрт. По наредба на Јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција. “

Според директорот на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев ретко се случува трагедија со смртни последици да настане од плин. Можно сценарио, според него, е труење заради зголемена концентрација на јаглероден моноксид во воздухот, предизвикано од некаков извор во просторијата кој го трошел кислородот..Сепак тој вели она што со сигурност ќе покаже што се случило е обдукцијата.

„Сега се што зборуваме може да се протолкува како шпекулација, додека не заврши истрагата, обдукцијата со која што ќе се утврди точната причина, меѓутоа повеќе стои можноста дека е труење со јаглероден моноксид.. Плинот многу ретко може ваква трагедија да предизвика. Можно е да имало некој извор при кој што горел плин кој што го трошел кислородот во просторијата каде што престојувале за жал тројцата настрадани. Најчесто ваква смрт настапува заради зголемена концентрација на јаглероден моноксид кој е гас без мирис и кој што убива без предупредување.. “

Од СВР Велес соопштија и дека увид на лице место извршиле екипи од ОЈО Кавадарци и од неготинската полиција и дека истрагата за целосно расчистување на случајот, односно дали станува збор за задушување или други околности кој довеле до трагедијата е во тек.

Вреди: ДУИ го изгласа Законот за јазиците иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста

На пладне во пак, во Скопје, се собраа лидертите на коалиција ВРЕДИ... 

ДУИ ја манипулира јавноста со наводна заштита на албанскиот јазик, глумат спасители на Законот за јазици, но единствената цел им е да создадат меѓуетнички тензии- вака коалицијата Вреди го оценува протестирањето на опозиционерите пред Уставниот суд. На состанок на кој беа присутни лидерите на четирите партии и министрите од редовите на коалицијата, констатирале дека ДУИ е неподобна партија кога се работи за интересите на Албанците, особено за прашањето за Законот за употреба на јазиците, за кој велат дека од почеток е со аномалии токму по вина на ДУИ. Ставовите во нивно име ги пренесе пратеничката Саранда Имери..

„ Партијата која има поединци на црни листи не може да тврди дека ја брани албанската кауза, едно со друго не оди. Тие го испратија законот до Венецијанската комисија која ја оспори законитоста на три клучни членови. Откако сфатија дека ќе бидат во опозиција преку инсталациите во Уставниот суд сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии за да избегнат одговорност за нивните корумпирани поранешни функционери. И сега со шатори сакаат да се претстават како спасители на албанскиот јазик. “

И ВМРО-ДПМНЕ го делат истиот став, дека ДУИ прави дефокус од одговорност поради сторен криминал од позиција на власт. Се работи за политички маневар, но владата нема да дозволи никаква опасност по мирот, велат од владејачката партија.

„ ДУИ 20 години бира судии, точно ги знаат правните процедури, и како одлучува Уставниот суд, но и покрај тоа одбраа да приредуваат политички циркус, за да го одвлечат вниманието од јавноста од тоа што 20 години ја крадеа државата. Наместо да седат на ладно, подобро ќе биде да се реформираат како партија, зошто бргу од денес доаѓаат локални избори, да не им се случи уште поголемо изненадување.

Вчера и премиерот Мицкоски изјави дека со стратешките партнери се во постојана комуникација и разменуваат информации за актуелните случувања. Тој уверува дека нема да се дозволи дестабилизација на државата и затоа граѓаните не треба да се грижат.

Се судрија воени хеликоптери на Турција, меѓу загинатите и генералот Иса Бајдили (ВИДЕО)

Во сударот на два хеликоптери на турските вооружени сили загинале шест лица, јавуваат медиумите, прецизирајќи дека несреќата се случила во провинцијата Испарта.

Несреќата се случила за време на тренинг лет: хеликоптер Бел UH-1 се судрил со друго летало по полетувањето од аеродромот Сулејман Демирел и се урнал во областа Кечиборлу.

Гувернерот на Испарта, Абдула Ерин изјави дека во несреќата загинале пет припадници на армијата, но подоцна било потврдено дека како последица на повредите загинал и шестиот воздухопловец, пренесува турскиот портал Сабах.

Тој додаде дека меѓу загинатите е и бригадниот генерал Иса Бајдили, командант на военото училиште за летање во Испарта.

Другиот хеликоптер вклучен во несреќата слетал безбедно без повредени во него. Надлежните воени власти започнаа истрага за причините за судирот.

притисни ентер