Твитер ја отстрани медиумската етикета „финансирана од владата“ од сметките на Американското национално јавно радио (НПР), Би-Би-Си и канадската ЦБЦ.
Ознаката „медиуми поврзани со кинеската држава“ беше отстранета и од сметките на кинеската новинска агенција Ксинхуа и сметките на новинарите кои работат за такви медиуми.
Сметките на кинеските државни медиуми и нивните уредници и некои клучни владини функционери беа првите што ја добија гореспоменатата ознака во 2020 година, а медиумите како „NPR“ и „CBC“ ја добија ознаката претходно овој месец. Како резултат на тоа, „NPR“ и „CBC“ престанаа да објавуваат на нивните профили на Твитер, тврдејќи дека доделената ознака не го опишува точно нивниот статус.
Во интервју за Би-Би-Си минатата недела, милијардерот и сопственик на Твитер, Илон Маск, рече дека Твитер се обидува да биде „прецизен“ и дека размислува да ја смени ознаката. „Нашата цел е едноставно да бидеме колку што е можно вистинити и точни. Ја прилагодуваме етикетата на „јавно финансирани“ (медиуми), што е нешто против кое е тешко да се расправа“, рече Маск.
Твитер, „NPR“, „CBC“ и „BBC“ не одговорија веднаш на барањето за коментар за отстранувањето на ознаката.
Во четвртокот, Твитер, исто така, го отстрани синиот знак од профилите на илјадници луѓе, вклучувајќи познати личности, новинари и истакнати политичари како Хилари Клинтон. Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, ко-основачот на Мајкрософт Бил Гејтс и ѕвездата на реалити ТВ Ким Кардашијан се меѓу оние кои ги загубија своите значки, пренесе Индекс.хр.