Според кинеските медиуми, најголемиот број жртви се пријавени во градот Шигатсе, во Тибет, а потреси биле почувствувани и во соседните Непал и Индија. Државната новинска агенција „Синхуа“ јави дека најтешко погодени се селата Чангсуо, Куло и Цуого во округот Дингри.
Земјотресот бил регистриран во 9:05 часот по локално време (01:05 UTC), на длабочина на епицентарот од 10 километри, според кинеските власти. Американската Геолошка служба го оцени земјотресот со магнитуда од 7,1.
Повеќе вторични потреси се забележани, од кои најсилниот со јачина од 4,4 степени.
Околу 1.500 вработени во итните служби се на терен за да ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани. Во градовите Шигатсе и Латсе се забележани оштетени згради, урнати фасади и растурени урнатини на патиштата.
Земјотресот бил почувствуван и во Непал, во главниот град Катманду, а тресењето предизвикало паника меѓу жителите. Во Индија, потреси се почувствувани во државата Бихар, но без пријавена штета. /МИА