Ѓорѓиевски на отворање канцеларија за поддршка на идни брачни двојки

Ѓорѓиевски на отворање канцеларија поддршка на идни брачни двојки: Создаваме здрави и стабилни семејства.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и претседателката на Здружението на социјални работници, Светлана Трбојевиќ, денеска отворија канцеларија за социјална поддршка на млади брачни парови од општина Кисела Вода, лоцирана во Домот на култура “Билјана Беличанец”. Оваа канцеларија, како што велат од Општината Кисела Вода, е прва и единствена од ваков вид во Македонија и ќе овозможи бесплатна стручна поддршка и совети за надминување на тешкотиите и одржување на здрава комуникација помеѓу идните брачни двојки, што е клучно за стабилноста на секое семејство.

Канцеларијата ќе работи во среда од 16:00 до 20:00 часот и сабота од 10:00 до 16:00 часот. Стручната помош и поддршка од страна на тимот се бесплатни. Потребно е претходно да се закаже термин на телeфонскиот број 02/3212 690. Термините се закажуваат во понеделник од 10.00 до 12:00 часот.

-Денеска со големо задоволство ја отвораме Канцеларијата за социјална поддршка на млади брачни парови, прва од ваков вид во нашата држава, посветена на жителите на Општина Кисела Вода. Оваа иницијатива е плод на нашата соработка со Здружението на социјални работници, кое го обезбедува професионалниот тим, додека општината го овозможи просторот во Домот на култура „Билјана Беличанец“. Ова е единствена можност во Македонија каде младите брачни парови можат да добијат бесплатна и стручна поддршка за навремено справување со предизвиците во нивните односи, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Канцеларијата, додал, е создадена од потребата да се превенираат и спречат нарушените односи и семејни недоразбирања кои, за жал, сè почесто доведуваат до разводи.

-Наша цел е да ги поддржиме паровите во изградба на стабилни семејства, што има директен позитивен ефект врз благосостојбата на младите, но и на целокупната заедница. Стручниот тим во оваа канцеларија ќе им помогне на младите брачни парови да се справат со секојдневните проблеми, да ги решат предизвиците на заемното разбирање и да создадат основа за силен, стабилен и среќен дом, истакнал градоначалникот на Кисела Вода.

Канцеларијата ќе работи два дена во неделата, секоја среда и сабота, по претходно закажани средби, што овозможува да се пристапи кон секое семејство индивидуално и со целосно внимание. Ѓорѓиевски се надева дека ова е почеток на позитивен тренд кој ќе го следат и други општини, бидејќи, како што истакнал, ваквите услуги се неопходни во едно модерно и динамично општество.

-Искрено се заблагодарувам на претседателката на Здружението на социјални работници, Светлана Трбојевиќ и на сите негови членови за посветеноста и желбата да направат вистинска разлика за нашите граѓани. Заедно градиме општина која се грижи за своите жители, која вложува во иднината на младите семејства и која, со оваа канцеларија, им дава нова надеж и поддршка на сите оние кои сакаат да ги зајакнат своите семејни односи, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски.

Дочекот на Новата година во Германија како граѓанска војна- во хаосот загинаа пет лица (ВИДЕО)

„Во најголем број места во Германија, новата година започна мирно и радосно“, рече сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер во балансирањето за новогодишната ноќ.

Истовремено, политичар на СПД ги осуди сите оние граѓани кои со употреба на пиротехнички средства ги попречувале акциите на припадниците на полицијата, пожарникарите и итната помош на терен. „Сторителите мора да бидат казнети со сета сила на законот.“, додаде Фезер, пренесува ДВ.

Во меѓувреме се засили политичката дебата за последиците од новогодишните инциденти. Шефот на баварската полиција Јоаким Херман јавно зборуваше за „ситуации слични на граѓанска војна“. Тој се осврна на настаните во Берлин, а во тој контекст рече: „Ако луѓето се сериозно повредени, ако цели станбени згради станат непогодни за живеење поради употреба на експлозивни направи, тогаш црвената линија е помината“.

Заменик-претседателот на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Дирк Визе, за весникот „Велт“ изјави дека е крајно време законски да се зајакне заштитата на спасувачките тимови. Поранешниот федерален министер за правда Марко Бушман од ФДП не ги презеде неопходните чекори во овој поглед, смета Визе. Тој побара од Унијата ЦДУ/ЦСУ „да ја прекине политиката на блокада по ова прашање и да го поддржи предлог-законот насочен кон подобра заштита на спасувачките тимови“.

Синдикатот на вработените во полицијата (БДП) е загрижен поради фактот што „потребен е сѐ повеќе персонал за заштита на населението и членовите на спасувачките тимови“. Претседателот на БДП, Јохен Копелке, забележува дека сите кадровски и правни опции во ова прашање се исцрпени. Напади врз полицијата или пожарникарите се регистрирани, меѓу другото, во Берлин, Минхен, Келн, Лајпциг и Хамбург.

Во Берлин, според градските власти и полицијата, за време на новогодишната ноќ се повредени 37 полицајци и еден припадник на противпожарната служба. Еден полицаец е тешко ранет, се претпоставува дека повредите ги добил при експлозија на нелегално пиротехничко средство.

Во Лајпциг околу 50 лица нападнале полицајци со пиротехнички средства и шишиња. Во Минхен неколку стотици луѓе дивееле за време на новогодишната ноќ, меѓу другото нападнале и полицајци. Портпаролката на полицијата рече дека се работи за 200-300 лица од левичарскиот спектар.

Германскиот Црвен крст апелира граѓаните поинтензивно да се сензибилизираат по ова прашање. „Мора да се подигне свеста дека членовите на спасувачките тимови даваат важен социјален придонес за секој поединец, тоа е придонес кој спасува животи“, изјави претседателката на Црвениот крст, Герда Хаселфелд за медиумската група „Функе“.

И првиот човек на БДП, Копелке, го коментираше трагичниот исход од новогодишната ноќ. Пет лица загинаа при употреба на пиротехнички средства. Тој рече дека тоа е „ужасен биланс за првиот ден од новата година“. Бројните повредени лица и видеата на социјалните мрежи покажуваат дека на многу луѓе веќе не им е доволен нормалниот огномет, рече Копелке: „Мора да има сѐ поголема експлозивна моќ, поголеми експлозии, многу оган“.

Поради употреба на нелегални пиротехнички средства, односно производи кои се користат за професионален огномет и кои не биле во продажба во изминатите неколку дена, предизвикана е голема штета пред сѐ во Берлин. Според пожарникарите, во областа Шенеберг во една голема детонација биле сериозно оштетени бројни фасади, а пукнало и стакло на прозорците. Луѓето морале привремено да се иселат од 36 станови, а две лица се пренесени во болница, потврди портпаролот на берлинската противпожарна служба. Во врска со последиците од употребата на очигледно нелегален огномет на теренот, тој рече дека тоа изгледало како „бојно поле“.

Јохен Копелке од Синдикатот на вработените во полицијата (ГДП) посебно се осврна на однесувањето на младите мажи во населбите кои се познати како социјални жаришта, поточно на фактот дека таму повторно биле нападнати припадници на полицијата и спасувачките тимови. „Веќе не го поднесувам тоа мачо однесување на улиците и на социјалните мрежи“, изјави Копелке за медиумите од групата „Функе“.

Тој бара брзи последици за напаѓачите: „Во Лајпциг, Минхен, Келн и Хамбург бевме цел и повредени, мора да има брзи и опипливи последици за напаѓачите, а мора да има и последици за членовите на левата екстремистичка сцена. "

Каменолом крие најголемо наоѓалиште на траги од диносауруси во Британија

Најголемото наоѓалиште на трагови од диносауруси во Велика Британија е откриено во каменолом во Оксфордшир.

Како што јави Би-Би-Си, под каменоломот се пронајдени околу 200 огромни отпечатоци од стапалки стари 166 милиони години.

Експертите веруваат дека трагите ги оставиле два вида диносауруси: долговратен сауропод Цетиосаурус и помалиот месојаден Мегалосаурус.

- Ова е едно од најимпресивните места на траги од диносаурус што некогаш сум ги видел - изјави Кирсти Едгар, професорка по микропалеонтологија од Универзитетот во Бирмингем.

Отпечатоците првпат биле забележани кога работник во каменоломот „Гери Џонсон“ забележал необични испакнатини на земјата. Оваа есен, повеќе од 100 научници, студенти и волонтери учествувале во ископувањето.

Четирите траги припаѓаат на сауроподи, тревопасни животни кои оделе на четири нозе и чии траги се слични на оние што ги оставиле слоновите, но многу поголеми. Останатите траги му припаѓаат на мегалосаурусот, месојад кој одел на две нозе.

Овие диносауруси живееле во топла и плитка лагуна, а нивните траги веројатно биле зачувани поради наталожените седименти по бурата.

Научниците направиле повеќе од 20.000 фотографии за време на ископувањето за детално да ги проучат трагите.

Надминат е прагот на алармирање поради загадениот воздух во Струмица

Министерството за животна средина  утврди дека прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри е надминат во Струмица.

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерното место Струмица.

Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник бр. 183 од 14.12.2017 година).

Во табелата се прикажани среднодневните концентрации на PM10 на мернoто место и деновите каде има појава на надминување на праг на алармирање.

Согласно настанатата состојба, за Струмица важат следните мерки:

Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола

Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати

Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци

Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила

Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата

Забрана на горење на отворено

Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар

Се препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот

Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

Министерството за животна средина и просторно планирање

притисни ентер