Германија му забрани на Фолксваген да ѝ продава дел од компанијата на Кина

Германската влада ја забрани продажбата на дел од концернот Volkswagen Man Energy Solutions, кој произведува гасни турбини, на кинеската компанија GHGT поради стравувањата дека Кина може да ја користи технологијата за воени цели, соопштено е.

„Инвестициите во германската економија се добредојдени, но техниките кои се важни за јавниот ред мора да бидат заштитени“, рече министерот за економија Роберт Хабек, чие министерство стави вето на продажбата на Man Energy Solutions, дел од групацијата Фолксваген, на кинеска компанија .

Оваа компанија е во сопственост на државната компанија State Shipbuilding Corp (CSSC), која исто така произведува воени бродови, па се стравува дека германската технологија може да се користи и за воени цели.

Кинеската компанија тврди дека нема да користи технологија на гасни турбини за воени цели, туку исклучиво за цивилни цели.

Во изминатите денови Volkswagen се обиде да ја убеди владата дека продажбата на MAN Energy Solutions на Кинезите не е опасна, а тие презентираа студија која требаше да покаже дека технологијата на гасната турбина, која ја поседува оваа компанија, не е применлива во изградба на воени бродови.

MAN Energy Solutions со години продава гасни турбини во Кина. Кина најави модернизација на својата воена флота, која вклучува замена на моторите на дизел со гасни турбини.

Копа Америка: Дебитантот Канада полуфиналист

 Канадската фудбалска репрезентација во своето дебитантско учество на Копа Америка се пласираше во полуфиналето откако во четвртфиналето синоќа во Арлингтон ја совлада Венецуела со подобро изведување на пенали.

Канадската фудбалска репрезентација во своето дебитантско учество на Копа Америка се пласираше во полуфиналето откако во четвртфиналето синоќа во Арлингтон ја совлада Венецуела со подобро изведување на пенали со вкупен резултат 5-4 (1-0, 1-1, 1-1).

Канада поведе во 13. минута со голот на Џејкоб Шафелбург, а Венецуела израмни во 65. минута преку Саломон Рондон.

Во пенал-рулетот по пет серии двете селекции постигнаа по три гола, а во шестата серија канадскиот голман Максим Крепо одбрани обид на Вилкер Анџело, за потоа Исмаел Коне со прецизен удар од белата точка да ја однесе Канада меѓу четирите најдобри репрезентации.

Во полуфиналето кое е на програмата во вторник во Њу Џерси, Канада ќе игра против бранителот на титулата и актуелен светски првак Аргентина, која ден претходно, исто така, со подобро изведување на пенали го елиминираше Еквадор.

Аргентина и Канада веќе играа на овогодишниот Копа на самото отворање на 20 јуни во Атланта кога беше 2-0 за Аргентина.

СДСМ: Минималната плата мора да продолжи да расте, го поддржуваме ССМ во барањата

Не станува збор за тоа колку е долга чергата, туку колку покачувањето на минималната плата е приоритет за оваа Влада. 

Историјата не учи дека за ВМРО-ДПМНЕ никогаш не е приоритет покачување на минималната плата и грижа за оваа категорија работници, ниту пак дијалог со синдикатите. Седум години СДСМ обезбедуваше пари за плати во време на најголемите економски и здравствени кризи. ВМРО-ДПМНЕ единствено бара изговори за да ја смени политиката на покачување на платите која СДСМ доследно ја спроведуваше. Ова директен удар врз стандардот на граѓаните и враќање кон раст на социјалните разлики во општеството.

СДСМ застанува на страна на работниците. СДСМ им дава поддршка на синдикатите да продолжат ревносно да се борат и да ги бараат своите права, исто како што тоа го правеа во време на Владата на СДСМ. Да бидат гласни и доследни, а СДСМ ќе биде нивни сојузник во остварување на правата. Социјадемократскиот Сојуз на Македонија силно верува дека секој работник треба да добие правичен надомест за вложениот труд и од оваа политика нема да се откажеме.

За 7 години минималната плата беше зголемена четири пати, од 8.000 денари на 22.000 денари. Заедно со Синдикатите се утврди и методологија за постојан пораст на минималната плата. Одговорност на Мицкоски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ е да продолжи растот на минималната плата и да престане да бара изговори. Работниците тоа го заслужуваат, да имаат достоинствени примања.

СДСМ

Центар за комуникации со јавноста

Со 50 гајдаџии во Прилеп отворен 50. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

Со дефиле на 50 гајдаџии од цела Македонија на возраст од 5 до 95 години, синоќа на летната сцена на плоштадот Александрија во Прилеп беше отворен 50-тиот, јубилеен Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. 

Преку 250 изведувачи на изворниот мелос во првата и во втората фестивалска вечер, во Прилеп и на Рудина, Долнени ја презентираат љубовта спрема фолклорните традиции.

Речиси 80-годишниот Здравко Андонов од Ињево, Радовишко од 16-годишна возраст е со гајдата.

-Многу сакам да свирам на гајда. Сум учествувал на многу фестивали, сум гостувал и во Англија. Овде на Фестивалот „Пеце Атанасовски“ многу ми е убаво. Се дружиме, разменуваме мислења за изворниот мелос. И така треба да биде, рече гајдаџијата Здравко Андонов.

Никола Стојов од Оризари, Кочанско е млад гајдаџија, ама љубовта спрема изворниот мелос, смета, се наследува.

-Ги гледаме, ги слушаме повозрасните и сакаме да свириме, да ги негуваме и чуваме традициите, вели Стојов.

На првата фестивалска вечер во Прилеп настапија 16 групи изведувачи од цела Македонија.

-Фестивалот е еден од ретките фолклорни фестивали кој може да се пофали со голем јубилеј. Ги негуваме фолклорните традции, а го имаме и Семинарот за изучување на народните инструменти и песни на кој учат млади веќе 13 години. Тоа е наша голема радост и сериозно сме посветени на негувањето, зачувувањето и пренесувањето на помладите на богатиот изворен мелос, рече Горан Василески, претседател на Фестивалот.

Трајче Малинов, наставник по традиционални инструменти во основното училиште „Стефан Гајдов“ од Велес е радосен што со младите учествува првпат на Фестивалот. Фолклорот, смета е идентитет на еден народ.

-Се враќа „во мода“ она традиционалното, нашето старото, автохтоното, што мораме да го негуваме, бидејќи културата е нешто основно за да опстане една нација. Тоа е идентитетот на еден народ, рече Малинов.

Фестивалот ги промовираше петтиот зборник на научни трудови „Фолклорот во минатото и денес“ како и монографијата „непресушен извор, за навек“ за 50-годишниот јубилеј.

На првата фестивалска вечер, настапи и вокалноинструменталниот состав при националниот ансамбл „Танец“.

Денеска во 11 часот во Спомен-куќата во Долнени ќе биде потпишан меморандум за соработка со културноинформативниот центар „Небрегово“ и со манифестацијата „Зборникот на Конески“, а од 19 часот е втората фестивалска вечер. Ќе бидат доделени Гран при наградата за најдобар изведувач и Гајдата на Пеце што ја доделува општина Долнени за најдобриот гајдаџија на Фестивалот.

притисни ентер