Францускиот нон-пејпер на разгледување во Владата, Париз бара новата методологија да се објави до јануари 2020.

Франција го испрати нон-пејперот до земјите-членки, а од Европската комисија бара новата методологија да ја објави до јануари 2020 година.

Обновениот пристап во процесот на проширување на Европската унија што го бара Франција, во кој владеењето на правото и темелните права остануваат во прв план, а клучно е воведувањето на реверзибилноста на преговарачкиот процес, за Владата е вреден за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.

Франција го испрати нон-пејперот до земјите-членки, а од Европската комисија бара новата методологија да ја објави до јануари 2020 година. Документот го доби и Владата, а сега следува негово детално анализирање, со цел нашите институции да го дадат својот придонес во процесот на реформирање на преговарачката методологија.

Постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност се четирите услови на кои би се засновал обновениот пристап во преговарачкиот процес, според францускиот предлог. Париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки".

Како „пребавни" ги оценува Франција во документот длабоките политички, економски и социјални трансформации потребни за идно пристапување во ЕУ. Смета и дека не се доволни конкретните придобивки за граѓаните во земјите-кандидатки.

Ја реафирмира и „недвосмислената поддршка" на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

– Поблиски врски со Европската унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој, се наведува во францускиот документ.

Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно, предлага Франција.

Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори и би останале такви во сите области за време на процесот, а клучниот предлог на Франција е во усвојување на принципот на реверзибилност, бидејќи се смета дека тоа ќе го осигура кредибилитетот и поттикнувачката природа на процесот.

Според Париз, таквиот принцип е нужен во ситуации кога земјата кандидат делумно или воопшто не исполнува одредени критериуми или престанала да ги исполнува преземените обврски. Во таков случај, европскиот одговор би можел да се движи од запирање на финансиската помош до општа суспензија, во случај да се доведени во прашање основните вредности на ЕУ.

Со нон-пејперот се предвидува дополнителна финансиска помош во предпристапниот период за Западен Балкан, што би подразбирало поголеми предпристапни инструменти и пристап до структурните фондови кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.

-Многу е важно што рамката која ја предлага Франција го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува, велат од Владата.

Претстои разгледување на оваа иницијатива, по што институциите ќе дадат свој придонес во развивањето на идеите за можна промена на методологијата.

-Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата. Сметаме дека е особено важно земјите кои ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ, велат од Владата.

За нон-пејперот вчера се огласи и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, кој посочи дека е важно со одобрувањето на новата методологија за проширувањето да се определи датум за почеток на преговорите.

-Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нè носи кон нејасен пат. Фактот што се потврдува полноправното членство како единствен пат, фактот дека процесот е започнат и оти се достапни структурни фондови, тоа е нешто ново и позитивно за земјата, посочи Османи за Алсат – М.

Вицепремиерот Османи не прецизира кои точки од новопредложената методологија би можеле да имаат негативно влијание врз евроинтегративниот процес, но додава дека има многу нејаснотии во овој документ, па Владата побарала да биде вклучена во неговата подготовка.

За новата методологија Мицкоски рече дека претставува рамка чии детали дополнително ќе се прецизираат и утврдуваат.

– Колку време сега ќе биде потребно оваа рамка испорачана како „нон-пејпер" од Франција да биде уредена и детализирана во документ, како и колку ќе биде подолг патот за членство на Македонија. Очигледно е дека нашите партнери од ЕУ констатирале дека постојат двојни стандарди кај земјите аспиранти за членство. Доколку видат дека вие формално, а не суштински затварате поглавја, постои можност повторно да се навраќате на иста група поглавја, а тоа може да прерасне во приказна која нема завршеток. Затоа потребно е да се европеизираме одвнатре, за да можеме да бидеме конкурентни во Европа, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Нон-пејперот доаѓа еден месец по недоделувањето датум за старт на преговорите за Македонија и Албанија на октомврискиот Самит на ЕУ во Брисел. Документот е во фаза на разгледување и за него треба да се изјаснат сите земји-членки. /МИА

Ужас во Аризона: Татко си ги пронашол двете тригодишни близначки удавени во базен

Полицијата ги објави имињата на близначките кои трагично загинаа откако нивниот татко ги извлекол нивните безживотни тела од базенот во дворот.

Тригодишните девојчиња, Валентина и Пеналапи Руиз, починале во четвртокот во болница во Феникс, Аризона, соопштија официјални лица, пишува Daily Mail..

„Прелиминарните информации сугерираат дека дошло до случајно давење“, соопшти вчера полицијата.

„Во овој момент, нема ништо што откриле иследниците што изгледа сомнително“, рече пожарникарот на Феникс, Роб Мекдејд, за таткото на близнаците кој се јавил на 911.

Мекдејд додаде дека децата биле под вода „неодредено време“ пред да пристигне помошта околу 15:30 часот во четвртокот.

Девојчињата биле итно пренесени во блиската болница каде што биле прогласени за мртви, соопштија официјални лица.

Воздушните снимки од домот покажале базен во облик на бубрег што немал ограда околу него.

Расте бројот на жртвите во поплавите во Бразил- најмалку 57 загинати, 67 исчезнати (ВИДЕО)

Бројот на загинати од поројниот дожд во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул се искачи на 57, соопштија локалните власти, додека десетици се уште не се пронајдени, пренесува Ројтерс.

Цивилната заштита на Рио Гранде до Сул соопшти дека 67 лица се уште се водат како исчезнати, додека повеќе од 32.000 луѓе се раселени поради невремето, кое зафати речиси две третини од 497-те градови во државата, која граничи со Уругвај и Аргентина.

Поплавите уништија патишта и мостови во повеќе региони во земјата. Невремето предизвика и лизгање на земјиштето и делумно уривање на брана во мала хидроцентрала. Друга брана во градот Бенто Гонкалвес исто така е во опасност од уривање, соопштија властите.

Во Порто Алегре, главниот град на Рио Гранде до Сул, езерото Гуаиба се излеа, поплавувајќи ги улиците. Меѓународниот аеродром во Порто Алегре ги укина сите летови на неодредено време.

Во следните 36 часа се очекуваат врнежи од дожд во северните и североисточните предели на државата, но количината на врнежи се намалува и би требало да биде далеку под врвот забележан претходно оваа недела, соопшти државната метеоролошка служба.

Сепак, „нивото на водата во реките треба да остане високо неколку дена“, изјави денеска гувернерот Едуардо Леите во видеото на неговите социјални мрежи, додавајќи дека е тешко да се каже колку долго.

Рио Гранде до Сул се наоѓа на географската точка меѓу тропската и поларната атмосфера, што создава метеоролошка шема со периоди на интензивен дожд и други со суша.

Локалните научници веруваат дека оваа шема се интензивира поради климатските промени.

Обилните дождови веќе го погодија Рио Гранде до Сул во септември минатата година, кога екстратропски циклон предизвика поплави во кои загинаа повеќе од 50 луѓе. Ова се случи по повеќе од две години постојана суша поради феноменот Ла Ниња, со само слаби дождови.

Најбогатата актерка на светот има 3 милијарди долари, но ретко кој ја знае (ВИДЕО)

Кога ќе помислите на најбогатите актерки во светот, веројатно ви паѓаат на ум познати имиња како Џулија Робертс, Сандра Булок, Анџелина Џоли или Џенифер Анистон, но големи се шансите никогаш да не сте го чуле името на најбогатата актерка на светот.

Имено, оваа титула ѝ припаѓа на американската актерка Џејми Герц, чие богатство се проценува на 3,2 милијарди долари. Ако се прашувате која е, не сте единствените затоа што изгледа дека луѓето не можат да се сетат на неа.

58-годишната ѕвезда ја започнала својата кариера во 1981 година со улога во „Бескрајна љубов“ и оттогаш се појавила во голем број филмови, вклучувајќи ги „Изгубените момчиња“, „Твистер“, „Крстопат“, „Помалку од нула“, „Квиксилвер“ и „Шеснаесет свеќи“.

Покрај тоа, таа се појави во хит сериите Seinfeld, The Neighbors, Modern Family и This is Us, а неодамна глумеше во филмот „I Want You Back“ од 2022 година, но таа ретко се појавува на екранот.

Сепак, нејзиното богатство не се должи само на нејзината актерска кариера. Актерката е во брак со милијардерот и инвеститор Тони Реслер, со кого е косопственик на НБА тимот Атланта Хокс. Имаат четири деца, а интересно, кога се венчале во 80-тите, Џејми била хранителка бидејќи компанијата на нејзиниот сопруг пропаднала, но тој подоцна се опоравил и заработил милијарди.

Инаку, официјално најбогатата актерка на светот е холивудската ѕвезда Дина Мерил, чие богатство се проценува на 5 милијарди долари. Мерил починала во 2017 година, со што Џејми сега стана најбогатата жива актерка на светот.

притисни ентер