Утре гласа дијаспората, но само за претседателските избори, бидејќи нема доволен број пријавени за избор на пратеници, додека за избор на шеф за државата и за парламентарните избори гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови чиј што број според посебниот извод во Избирачкиот список изнесува 2140, како и лицата во установи за вон семејна грижа – 534 избирачи .
Во среда, на 8-ми мај, пак, во вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи. Разликата во гласовите е 1033, најмногу поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.
Гласањето ќе се одвива во 3480 избирачки места и почнува во 7 часот, а завршува во 19 часот. Од ДИК во изјава за Канал 5 велат дека се подготвени за изборниот процес, а проблемите кои се појавија во првиот круг со фингерпринт апаратите уверуваат дека се надминале.
„ ДИК преку своите изборни органи е целосно подготвена за спроведување на изборите за осми мај, сите проблеми кои што од технички аспект беа појавени од првиот круг од претседателските избори се надминуваа уште тогаш во од и очекуваме дека сега нема да се соочуваме со такви проблеми нормално доклку истите се појават преку совите стручни лица ДИК е подготвена да одвговори и на тие предизвици. “-Радица Тодоровска Алексовска - портпаролка на Државната изборна комисија.
Како што претходно одлучи ДИК, секој гласач на осми мај ќе може само еднаш да оди на избирачкото место каде од членовите на избирачкиот одбор за биометриска идентификација ќе биде прашан за кој вид на избори сакаат да гласаат односно, дали ќе гласа само за претседателските, само парламентарните или и за двата вида избори.
„ Бидејќи ќе нема право по втор пат да се врати гласачот ќе мора на лице место да одлучи за кој тип на избори ќе сака да гласа. “-Радица Тодоровска Алексовска - портпаролка на Државната изборна комисија.
За шеф на државата во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите, односно 725.727 гласачи.. Доколку потребниот цензус не се постигне, се повторува целата изборна постапка.