Моторите со 16 цилиндри се вистинска реткост во автомобилската индустрија, а меѓу произведувачите кои направиле еден ваков погонски агрегат и го вградиле во автомобил е и компанијата „BMW“.
Приказната за „V16“ моторот од „BMW“ започнува во 1987 кога германската компанија одлучила да развие мотор со 16 цилиндри. За основа е употребен постоечки 5.0 литарски „V12“ кој по модификацијата имал 6.651 кубни центиметри и додатни 4 цилиндри.
Моторот бил поврзан со 6 брзински мануелен менувач и испорачувал 408 коњски сили во модифицираниот „BMW 750iL“. Тоа од денешна перспектива не изгледа многу, но претставувало значително унапредување во однос на „V12“ моторот кој развивал 299 коњски сили.
Интересно е дека поради големината на моторот, инженерите на „BMW“ морале да го преместат системот за негово ладење во багажникот, па автомобилот изгледа многу необично заради отворите на задниот дел од возилото.
Прототипот од серија 7 со „V16“ мотор е презентиран на шефовите на компанијата но по долго размислување тие не дале зелено светло за понатамошен развој и сериско производство, па овој проект набрзо е завршен и заборавен.