Во моментот на трагедијата на бродот имало 44 лица, од кои повеќето биле извлечени од водата на безбедно. За жал, Сузана и Александар немале среќа.
Меѓу исчезнатите патници, од вкупно 13, на списокот има и три лица од Германија. Станува збор за неименуван маж, Сузана и Александар А. од Минхен.
Германскиот портал „Билд“ успеа да дојде до список на патници кои се наоѓале во бродот во моментот на несреќата, а портпаролката за надворешни работи изјави дека „ја потврдува информацијата дека се исчезнати тројца германски државјани“.
„За жал, мораме да потврдиме дека тројца германски државјани се исчезнати. Нашата амбасада во Каиро веќе испрати тим во Марса Алам за да обезбеди директна поддршка на самото место. Во контакт сме со египетските власти“, изјави таа за Билд.
Исто така, спасувачите успеале да ги извлечат Лиза Б. и Матијас Б. од Баварија, кои се на болничко лекување, како и уште еден маж од Германија. Во бродот биле и Германците Даниоло Р. и Тобијас Д. од Берлин, но не се знае каде се наоѓаат.
Според египетскиот гувернер за регионот на Црвеното Море, генерал-мајор Амр Ханафи, потрагата по исчезнатите туристи продолжила и утрово. Сепак, шансите за преживување се намалуваат од час во час.
Според Ханафи, јавното обвинителство истражува дали компанијата „Dive Pro Liveaboard“ во Хургада, која управувала со бродот, намерно ги игнорирала заканувачките бури и сепак ја започнала нуркачката експедиција.
"Бранот што го погоди нашиот брод беше невообичаено голем. Вакво нешто досега не сме виделе. Ненадејно удри во чамецот, предизвикувајќи силно да се заниша пред да се преврти. Се обидовме да ги предупредиме патниците, но времето беше многу кратко", рече еден член на екипажот.
„Слушнав вресок од кабините, но многумина не можеа да излезат бидејќи вратите беа затворени, а собата беше полна со вода“, вели еден турист, кој се опиша себеси како искусен нуркач.
„Беше темно, а водата наеднаш не опкружи од сите страни. Се обидов да испливам, но струјата беше многу силна и се чувствував како ќе се задушам“, додал британскиот турист кој на крајот бил спасен со помош на појас за спасување.
Според последните информации на генерал-мајор Амр Ханафи, во бродот имало 13 египетски членови на екипажот, како и 31 турист од Германија, Велика Британија, САД, Полска, Белгија, Швајцарија, Финска, Кина, Шпанија и Словачка. Претходните извештаи говореа дека имало 45 патници.
Иако 28 преживеани биле пронајдени во водата во близина на крајбрежниот град Марса Алам, 13 лица се уште се водат како исчезнати, додека три тела се извлечени од водата претходно денеска.