Финска им дозволи на САД пристап до воените бази, реагира Русија

Русија ќе одговори на одлуката на Финска да дозволи пристап на САД до нејзините воени бази, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.

На 1 јули, финскиот парламент едногласно го одобри Договорот за одбранбена соработка (ДЦА) со Соединетите држави, кој беше потпишан во декември 2023 година.

Договорот наведува 15 објекти и области во Финска до кои американската војска ќе има неограничен пристап и каде што исто така може да складира воена опрема и муниција.

„Можам само да потврдам дека Русија нема да пропушти да одговори на трупањето сили на НАТО на нашата граница, што претставува закана за безбедноста на Руската Федерација“, изјави заменик портпаролот на Министерството, Андреј Настасин.

„Ќе ги преземеме сите неопходни мерки, вклучително и мерки од воено-техничка природа, со цел да возвратиме на агресивните одлуки на Финска и нејзините сојузници во НАТО“, додаде тој.

Финска стана членка на НАТО минатата година.

Алтернатива ќе избира претседател на партијата

Алтернатива денеска ќе одржи вонреден изборен конгрес, откако по изборот за претседател на Собранието, Африм Гаши поднесе оставка на челната позиција во партијата.

До изборот на нов претседател, вршител на должност во партијата е Беким Сали.

Првиот дел од вонредниот конгрес ќе биде отворен за јавноста, а потоа до изборот на нов претседател, тој ќе биде затворен за јавноста.

По завршување на конгресот, најавени се изјави за медиумите.

ЦУК: Седум пожари и 1 837 повици на 112 во последното деноноќие

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1 837 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, и вкупно седум пожари на отворено и сите се изгаснати.

Како што посочуваат во соопштението од ЦУК, од овие повици, „реални“ биле 62,60 проценти, додека 37,40 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Кон Полиција биле упатени 65,83 проценти, кон Итната медицинска помош 24,45 проценти, a кон пожарникарите 4,71 проценти од реалните повици кон 112 во ЦУК.

-Инаку, имало 906 повици за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (5,01 проценти) и на тие што се именувани како „неитни повици“ (44,25 проценти). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК), потенцираат од ЦУК.

Вчера имало седум пожари на отворено, сите се изгаснати од пожарникарите и утрово активни нема.

Пожарите на отворено беа во општините Бутел, на улица „Александар Урдаревски“ (ѓубре), Гази Баба, покрај улицата „Зендел Џемаили“ (ѓубре), меѓу општините Бутел и Шуто Оризари, покрај улицата 2 Визбегово (ѓубре), Прилеп, кај селото Ерековци и во атарото на селото Канатларц (ниска вегетација и стрниште), Струмица, кај селото Дабиле (депонија, ниска вегетација и стрниште), Василево, покрај регионалниот пат Струмица - Радовиш (ниска вегетација) и во Општина Чешиново – Облешево, кај селото Жиганци (ниска вегетација).

Инаку, како што појаснуваат од ЦУК, пожарот на отворен простор на запалена ниска вегетација покрај регионален пат Струмица - Радовиш во близина на село Василево во Општина Василево, беше гаснет речиси во текот на целиот ден, од од 09.44 до околу 23.00 часот со вкупно седум пожарникари, едно ПП возило и едно теренско возило. Пред неговото целосно гаснење, околу 22.00 беше сопрен сообраќајот во двата правца на дел од регионалниот пат и имаше пренасочување на сообраќајот на таа делница по стариот паралелен пат.

-Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи, се вели во соопштението на ЦУК

Реформистот Масуд Пезешкијан победи на претседателските избори во Иран

 Реформистичкиот кандидат Масуд Пезешкијан победи на претседателските избори во Иран, откако го победи тврдокорниот Саид Џалили во вториот круг од гласањето, изјави портпаролот на изборната власт синоќа на државната телевизија.

Како што пренесува ДПА, Пезешкијан освои 53,7 отсто од гласовите, додека неговиот конзервативен противкандидат доби 44,3 отсто.

Околу 61 милион луѓе имаа право да гласаат за наследник на претседателот Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа во мај.

Во вториот круг од изборите што се одржа вчера, се соочија Пезешкијан и Џалили, откако ниту еден од кандидатите не доби апсолутно мнозинство во првиот круг на 28 јуни.

Гласачките места требаше да бидат затворени во 18 часот, но како што се очекуваше, властите им дозволија да останат отворени подоцна на многу места. Сепак, одѕивот на гласачите беше само околу 49,8 проценти според изборната власт.

притисни ентер