Филмот „Стела“ дел од образовните програми во Шведска за учење на македонскиот јазик и култура

Македонскиот долгометражен филм „Стела“ ќе биде дел од образовните програми во Шведска. 

Ова признание е од исклучителна важност за македонската кинематографија бидејќи филмот ќе се користи како средство за учење на македонскиот јазик и за запознавање со културата и природата на Македонија.

„Стела“ е првата македонска зелена продукција, создадена во копродукција меѓу „Дрим фактори“ (Македонија), „Акција Продукција“ (Србија) и „Моуна“ (Германија), со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот фонд на Баден Вуртемберг во Германија. Режисер на филмот е Стојан Вујичиќ, а продуцент е Огнен Антов.

Како што информира продуцентската куќа „Дрим фактори“ (Dream Factory), филмот ја раскажува емотивната приказна за Никола, младо момче кое заедно со својот дедо и шарпланинката Стела се соочува со предизвици како булингот и семејните потешкотии.

- „Стела“ е повеќе од филм – тоа е универзален симбол на љубов, храброст и заемна поддршка, кој ги поврзува генерациите преку својата топлина и автентичност. Филмот „Стела“ е избран како едукативна алатка во шведските образовни центри заради неговиот визуелен и емоционален карактер, кој го прави наставниот процес побогат и повпечатлив, се вели во соопштението.

Иницијатори на проектот се професорките по македонски јазик Павлина Велјаноска и Тереза Шалевска-Мирчева. Професорката Павлина Велјаноска, го изрази своето мислење за значењето на филмот во едукативен контекст:
„Филмот како медиум, претставува моќна алатка која преку својот визуелен и емотивен карактер го прави наставниот процес поинтересен, инспирира креативно пишување и развива критичко размислување. Нашата цел е филмот „Стела“ да ја поттикне свеста кај учениците за темата врсничко насилство, да поттикне емпатија кај нив и да им овозможи да истражуваат културни и општествени аспекти на мајчиниот јазик, збогатување на лексиката и секако запознавање со убавините на Македонија“.

- Филмот „Стела“ е мост помеѓу Македонија и светот, нудејќи можност за истражување на јазикот, културата и вредностите што нашата земја ги нуди. По премиерата, „Стела“ освои награди и признанија на фестивали низ Европа, а со оваа нова соработка со шведските образовни институции продолжува да инспирира и да ги поврзува младите генерации со македонската култура, стои во соопштението.

Критичари и новинари од целиот свет гласаа за најдобар филм за годинава

Реномирани 177 критичари и новинари од целиот свет и годинава гласаа во анкетата на „Индивајр“ (IndieWire) за најдобри филмови, глумци и режисери за 2024 година, и се чини, овојпат има разлики околу заедничкиот фаворит. 

Имено, за разлика од лани, кога „Убијци на цветната месечина“ беше на врвот на топ-листите за најдобар филм и режисер, оваа година филмот „Анора“ на Шон Бејкер е на првото место за најдобар филм, додека пак, најдобар режисер е Брејди Корбет за „Бруталист“, според испитаниците.

„Анора“ се појави на 89 од 177-те гласачки ливчиња, со 18 гласови за прво место. За споредба, „Бруталист“ е на место бр. 2, со вкупно 73 гласачки ливчиња, и 18 гласови за најдобар филм.

Гласањето, инаку, оди така што, на листот испитаникот избира од 10 филмови, и ги нумерира според личниот ранг. Филмот означен со 1 добива 10 поени, со 2 добива девет, со 3 - осум поени итн. Ливчето за најдобар режисер беше одреден со рангиран избор од 10 лица, но со еден, два и три поена за три режисери.

„Анора“ (Anora) е американска драма во режија и сценарио на Бејкер, којашто раскажува за класните разлики и односот на општеството кон сексуалните работници. „Бруталист“ (The Brutalist) е 3,5-часовна драма со Адриен Броди во улога на Ласло Тот - еврејски архитект роден во Унгарија, кој се иселил во САД по Втората светска војна. Филмот ја следи неговата 13-годишна борба за повторно воспоставување на неговата кариера, исполнета со експлоатација и лични предизвици, како одраз на сложеноста на американскиот сон.

„Момците од Никел“ (Nickel Boys) - во режија на Рамело Рос, е филмска адаптација на истоимениот роман на Колсон Вајтхед, добитник на Пулицерова награда. Приказната ги следи двете момчиња Елвуд и Тарнер, кои се испратени во училиштето „Никел академија“ во 1960-тите на Флорида, и нивните предизвици како Афроамериканци.

Освен филмаџии од САД, учество во гласањето зедоа и лица од Аргентина, Чиле, Колумбија, Египет, Германија, Индија, Јапонија, Полска, Србија, Јужна Кореја и Турција.

Од место бр. 4 до бр. 10, се најдоа филмовите „Сè што замислуваме како светлина“, „Предизвикувачи“, „Го видов ТВ-сјајот“, „Супстанција“, „Дина: Втор дел“, „Не очекувај премногу од крајот на светот“ и „Тешки вистини“. Најдобар глумец или глумица, според соодветната листа, е Мариен Жан-Баптист која глуми во „Тешки вистини“. /МИА

Фото: Бундичка и голи нозе

Балканската музичка ѕвезда Јелена Розга синоќа ги воодушеви белграѓани со својот стајлинг во кој се појави на предновогодишниот концерт.

Познатата хрватска пејачка Јелена Розга синоќа одржа концерт во главниот град на Србија.

На бината русокосата пејачка се појави во секси издание, кратка бундичка и мини здолниште кое ги истакна нејзините долги нозе.

Сексапилната Розга концертот го започна со песната „Циркус“, а во текот на ноќта пееше песни од нејзината повеќедецениска кариера - некои од периодот кога беше во групата „Магазин“, некои свои соло хитови.

- Имам страв од сцената! Се тресам... Многу сум среќна, пресреќна сум, отсекогаш сонував за концерт во Сава центар - изјави 47 годишната Јелена Розга со солзи во очите.

Прв случај на мпокс потврден во Косово

 Националниот институт за јавно здравје на Косово (НИЈЗК) соопшти дека Лабораторијата за микробиологија го потврди првиот увезен случај на мпокс (поранешно име: мајмунски сипаници).

Случајот се однесува на маж (30 години), државјанин на Косово, кој беше хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести на УКЦК на 24.12.2024, по враќањето од западноафриканска земја, со симптоми како треска, осип на кожата на лицето и рацете и чешање – соопшти НИЈЗК. Пациентот е во стабилна здравствена состојба, се додава во соопштението.

НИЈЗК ги следеше сите контакти на пациентот и членовите на неговото семејство, на кои им беа дадени препораки за превентивни мерки и контрола на инфекцијата, изјавија од Институтот.

НИЈЗК ги предупредува граѓаните на внимателност, истакнувајќи дека заболените од Mpox обично имаат лесни до умерени симптоми кои траат од две до четири недели и целосно се опоравуваат.

Иако е потребна претпазливост, нема причина за паника, порачаа од Институтот./МИА

притисни ентер