Ф-16 собори руски Су-34: НАТО е во лов, пишуваат руските медиуми

Еден од руските борбени авиони бил соборен од украинските сили, според воен блогер поврзан со руските воздухопловни сили.

Друг проруски блогер објави дека Сухој Су-34 бил соборен од западен ловец Ф-16. Оваа информација се уште не е потврдена, но предизвика бројни коментари на социјалните мрежи, пренесе Њусвик.

На телеграмскиот канал Fighterbomber е објавена порака која изгледа како почит за изгубениот авион Су-34. Покрај сликата на ловецот-бомбардер, важен дел од воздушните операции на Русија во војната, пишува: „Земјата сега е рај, браќа“.

Прорускиот телеграмски канал VDV објави дополнителни детали. „Итно!!! Нашиот Су-34 е соборен. Екипажот загина“, се вели во соопштението и се додава дека „најверојатно бил соборен од Ф-16 над територија контролирана од непријателот“.

Наведено е и дека авионот бил соборен за време на бомбардирањето на околу 50 километри од фронтот. „Ќе има уште вакви загуби. НАТО испрати Ф-16 во лов“, продолжи постот. „Поради ова, нашите загуби на теренот ќе се зголемат“, се додава.

Украина го доби првиот авион Ф-16 во август, откако американскиот претседател Џо Бајден дозволи испораки преку трети земји. Норвешка, Белгија, Холандија и Данска се меѓу земјите кои ветија дека ќе испратат повеќе од 85 авиони F-16 во Украина.

Проукранските корисници на социјалните мрежи брзо почнаа да ја шират веста дека е соборен руски авион и дека можеби е вмешан американски Ф-16. „Руски извори веќе тврдат дека Ф-16 соборил руски ловец“, пишува НОЕЛ. „Ф-16 го уништува рускиот СУ-34. Токму затоа Ф-16 пристигна во Украина. Засега тоа го потврдија само руски извори - чекаме официјални информации“, напиша Јирген Наудит. Новинарот Јуан Мекдоналд напиша: „Одлична вест, ако е вистина“.

Во мај, украинското Министерство за одбрана објави дека уништиле девет руски авиони, додека во февруари тврдеа дека собориле десет руски авиони за десет дена.

Украинските воздухопловни сили загубија еден од своите дански Lockheed Martin F-16 за време на операцијата над Украина кон крајот на август. Загина пилотот, потполковник Олексиј Мес.

Се чинеше дека Мес маневрирал со својот Ф-16 за да ги нападне новите руски ракети кога војниците кои управувале со радари на земјата изгубиле контакт со авионот. Спасувачите, наводно, го пронашле местото на несреќата и потврдиле дека Мес починал. „Тој спаси безброј Украинци од смртоносните руски ракети, за жал, по цена на сопствениот живот“, соопштија тогаш украинските воздухопловни сили.

Украинските воздухопловни сили изгубија повеќе од 90 авиони од почетокот на војната - две третини од нивната предвоена флота. Тие ги надоместија овие загуби со обновување на старите авиони и прифаќање на вишокот авиони, вклучително и Ф-16, кои пристигнаа како помош на сојузниците.

Трамп бара воени авиони и возила за време на кампањата поради закани од Иран

Изборниот штаб на републиканскиот кандидат на претседателските избори во САД, Доналд Трамп побара од властите да му дадат употреба на воени авиони и возила за време на кампањата.

Исто така, е побарано летовите над неговите резиденции и настани на кои присуствува да бидат дополнително ограничени.

Како што објави Дејли Мејл, барањата, кои се без преседан за претседателски кандидат, вклучуваат негово патување со воени авиони и поставување на стакло отпорно на куршуми додека учествува на митинзи на отворено.

На крајот на минатиот месец, менаџерката на кампањата Сузи Вајлс ги испратила барањата до шефот на тајната служба, објаснувајќи дека Иран планира да го убие поранешниот претседател.

Доналд Трамп преживеа два обиди за атентат, а неговите службеници побараа серија дополнителни безбедносни мерки во текот на последниот месец од кампањата.

Нема докази дека нападите врз Трамп биле поврзани со Иран, но минатиот месец кампањата на Трамп соопшти дека била информирана за закана од Техеран.

Портпаролот на тајната служба Ентони Гуглиелми рече дека Трамп веќе добива „највисоко ниво на заштита“.

Претседателските избори во САД се одржуваат на 5 ноември.

Тејлор Свифт ги налути луѓето со својата донација за Флорида: За неа се како да дала 5 долари

Флорида се соочува со разорните ефекти од ураганите Хелен и Милтон, а многу познати личности одлучија да донираат за да им помогнат на луѓето кои настрадаа.

Една од нив е и Тејлор Свифт, која донирала 5 милиони долари за помош на подрачјата погодени од ураганите, но веста налути некои луѓе бидејќи сметале дека требало да донира многу повеќе со оглед на тоа дека е милијардерка.

„Нејзините 5 милиони се како 5 евра за повеќето од нас“, „Ова е глупост. Единствената причина поради која го прави ова е да го подобри нејзиниот јавен имиџ“, „Тоа е убав гест, но не е преголема жртва за неа “, велат тие во коментарите.

„Ваквите луѓе можат да си дозволат повеќе... Таа е целата лажна и нарцисоидна“,е уште еден коментар на X.

Но, имало и такви кои застанаа во нејзина одбрана. „Ако некој каже дека 5 милиони не се доволни, тогаш донирајте ја таа сума“, напишал еден од нејзините обожаватели. „Не сум нејзин обожавател, но да ја омаловажувам по донирањето е глупаво“, додаде друг.

„Тажно е што луѓето секогаш наоѓаат нешто лошо, дури и кога има нешто позитивно“, беше друг коментар, а многумина се согласија со него.

Веста за донацијата на Свифт ја објави извршната директорка на непрофитната организација Feeding America, Клер Бабинео-Фонтенот. „Ние сме неверојатно благодарни на Тејлор Свифт за нејзината дарежлива донација од 5 милиони долари. Овој придонес ќе им помогне на заедниците да се обноват и закрепнат, обезбедувајќи основна храна, чиста вода и залихи на луѓето погодени од овие разорни бури“, напиша таа на Инстаграм.

„Ти благодариме, Тејлор, што стоеше со нас и им помагаш на заедниците во потреба“, додаде таа на крајот.

Ова не е првпат Тејлор да донира пари за помош на сиромашните. За време на турнејата Ерас, во градовите каде што настапувала, таа редовно донирала на локални народни кујни и организации кои им помагаат на оние со послаба финансиска состојба.

Во 2016 година, таа донирала за жртвите од поплавите во Луизијана, во 2017 година донирала пари за погодените од ураганот Харви, а во 2020 година донирала 1 милион долари за помош на жртвите од торнада кои уништија домови и убија најмалку 24 луѓе во Тенеси, каде што започна нејзината кариера. Во 2023 година, таа ја повтори донацијата во истата држава по поразорните торнада.

За потсетување, Тејлор Свифт официјално стана најбогатата само-направена музичарка во светот со проценета нето вредност од 1,6 милијарди долари.

Оваа вест ја потврди и Форбс, нагласувајќи дека американската пејачка станала милијардерка по големиот успех на нејзината минатогодишна турнеја Ерас. Тејлор ја престигна Ријана, чие богатство се проценува на 1,4 милијарди долари.

Туск: Полска привремено ќе го суспендира првото на азил

Полска планира привремено да го суспендира правото на азил како дел од стратегијата за сузбивање на илегалната миграција во услови на тензии со Белорусија, која Варшава ја обвинува за испраќање мигранти во земјата.

- Еден од елементите на миграциската стратегија ќе биде привремено територијално суспендирање на правото на азил. Ќе го барам тоа, ќе барам признавање на оваа одлука во Европа. Тоа е затоа што многу добро знаеме како ова право го користат (Александар) Лукашенко, (Владимир) Путин, шверцерите и трговците со луѓе, и како ова право на азил се користи против самото постоење на тоа право, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.

Во Полска миграцијата е важна тема од 2021 година, кога голем број луѓе, главно од Блиски Исток и од Африка, почнаа илегално да влегуваат од Белорусија во Полска. За Варшава и Европската Унија кризата е предизвикана од Минск и Москва. Русија и Белорусија ги отфрлаат ваквите обвинувања.

Туск најави дека стратегијата за миграција ќе биде претставена пред Владата на 15 октомври, на првата годишнина од изборите кои ја доведоа неговата коалиција на власт. Тој од преземањето на функцијата премиер во декември 2023 година, спроведува строга политика за илегалната миграција.

Парламентот на Полска во јули усвои закон со кој на безбедносните служби им олесни да користат оружје против мигрантите на границата со Белорусија.

притисни ентер