Евклид, именуван по познатиот грчки математичар, беше лансиран во јули на првата мисија во светот за проучување на космичките тајни на темната материја и темната енергија.
Неговата задача е да мапира третина од небото кое вклучува две милијарди галаксии со цел да создаде прецизна 3Д мапа на универзумот. Откако стигна на 1,5 милиони километри од Земјата, европската сонда почна да ги испраќа првите снимки објавени денеска од Европскиот центар за вселенски операции во Дармштад, Германија.
„Неверојатни и импресивни слики кои нѐ потсетуваат дека е важно да се оди во вселената за да дознаеме повеќе за нејзините тајни“, рече Јозеф Ашбахер, шеф на Европската вселенска агенција (ESA) во изјавата. Меѓу нив има слика на маглината „Коњска глава“ во блиското соѕвездие Орион и спирални и „неправилни“ галаксии.
Рене Лаурејс, главниот научник на проектот, рече дека „најинтересната“ слика е од соѕвездието Персеј (на сликата подолу), кое вклучува илјада галаксии додека во позадина се повеќе од 100.000 галаксии, од кои некои се оддалечени 10 милијарди светлосни години и никогаш претходно не биле видени.
Специјалноста на Евклид е тоа што има широко видно поле „невидено во историјата на астрономијата“, изјави за АФП Жан-Шарл Куиланд, астроном и физичар во Комисијата за атомска енергија (ЦЕА), која е членка на конзорциумот Евклид.
Благодарение на овој широк приказ, телескопот, опремен со два уреди (оптички и блиску инфрацрвен), може да прави толку големи слики со висока резолуција. Сето тоа го прави исклучително брзо: му требале само осум часа за првите пет фотографии.
ЕСА го опишува Евклид како „детектив од темната страна“ чија мисија е да истражи зошто 95 проценти од универзумот се состои од темна материја и енергија за кои не знаеме речиси ништо.