ЕУ предлага да се намали употребата на антибиотици поради појавата на новите, отпорни бактерии

Министрите за здравство на земјите членки на Европската унија на денешната средба во Луксембург усвоија значајна препорака.

Министрите за здравство на земјите членки на Европската унија на денешната средба во Луксембург усвоија препорака со која бараат да се поттикне помала потрошувачка на антимикробни лекови и да се намали потрошувачката на антибиотици за 20 отсто до 2030 година.

„Не можеме да ја игнорираме смртоносната закана што микроорганизмите отпорни на лекови ја претставуваат по здравјето на луѓето. Борбата против антимикробната резистенција беше клучен приоритет на шведското претседателство, а денешната препорака им дава на земјите од ЕУ алатки за следење и намалување на потрошувачката на антимикробни средства“, рече Јакоб Форсмед, шведскиот министер за социјални работи и јавно здравје.

Здравјето е ексклузивна надлежност на земјите-членки, затоа Советот на ЕУ не може да издава обврзувачки регулативи, туку препораки што земјите-членки можат да ги спроведуваат на доброволна основа.

Препораката е насочена кон превенција и контрола на инфекции, надзор и мониторинг, иновација и достапност на ефективни антимикробни средства, претпазлива употреба и соработка меѓу земјите-членки и на глобално ниво.

Во соработка со Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), препораката поставува неколку цели на ЕУ кои треба да се исполнат до 2030 година.

Станува збор за намалување од 20 проценти на вкупната употреба на антибиотици кај луѓето, ефикасна употреба на антибиотици, така што најмалку 65 проценти од вкупната употреба на антибиотици кај луѓето е ефективно и намалување на инфекциите со три клучни бактерии отпорни на антибиотици, што најмногу се однесува на болниците.

Антимикробните средства се лекови од критична важност. Меѓутоа, поради нивната прекумерна и неправилна употреба со текот на годините, антимикробната отпорност е зголемена, што значи дека антимикробните средства ја губат својата ефикасност. Затоа е сè потешко или невозможно да се лекуваат инфекциите.

Маричиќ: Сите наши државнички одлуки го издржаа тестот на времето

„Сите државотворни одлуки кои сме ги донеле во изминативе 30 години, сите до една го имаат издржано тестот на времето и со тоа СДСМ се покажа како достоен наследник на делото на Гоце Делчев.“

„Сите државотворни одлуки кои сме ги донеле во изминативе 30 години, сите до една го имаат издржано тестот на времето и со тоа СДСМ се покажа како достоен наследник на делото на Гоце Делчев, на придобивките од АСНОМ и НОБ, од делото на Гоце Делчев и на Киро Глигоров“, истакна на новинарско прашање секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, кој како член на делегацијата на СДСМ заедно со заменик претседателката, Сања Лукаревска и со претседателот на СДММ, Марко Михаилоски, оддаде почит и положи свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, во црквата Св. Спас во Скопје по повод 121-та годишнина од смртта на идеологот на Македонската револуционерна организација.

Маричиќ дополни дека ниту една одлука не била ниту поништена, ниту изменета, туку сите биле прифатени и вградени во државноста на Македонија, дека СДСМ нема да се откаже иднината и со својата идеологија и своите политики ќе ги застапува социјалдемократските идеали, принципи и вредности.

Во однос на парламентарните и претседателските избори, Маричиќ нагласи дека СДСМ очекува подобар резултат и дека граѓаните ќе одлучат која партија колку пратеници ќе има во Парламентиот.

„Нам ни е битно да покажеме единство, заедништво и на секој наш член, симпатизер и поддржувач да му пристапиме и тоа го правиме секој ден и ќе се бориме. СДСМ ќе биде силна партија во Собранието, а кој е власт, кој е опозиција одлучуваат граѓаните. Јас сум сигурен дека СДСМ ќе има подобар резултат од првиот круг и дека СДСМ како партија ќе биде бедем којшто ќе ги брани слободата и демократијата, социјалната правда, поголемите плати и пензии и патот на европските интеграции. Сето она што ВМРО – ДПМНЕ, ЗНАМ планираат да го загрозат. Така што, ние сме автентична политичка партија, не сме дериват од ниту една друга политичка партија ниту сме составени да помогнеме на ВМРО – ДПМНЕ да дојде на власт, како што е тоа случајот со ЗНАМ“, потенцираше Маричиќ, се наведува во партиското соопштение.

Петрова: Уште една потврда за нарушената доверба во користењето на буџетските средства

Фатмир Битиќи, лице кое сеуште е на јавна функција - вицепремиер за економски прашања, упатил допис до одредени компании, со кој бара поддршка и глас за себе како кандидат за пратеник и за неговата политичка партија СДСМ.

Фатмир Битиќи, лице кое сеуште е на јавна функција - вицепремиер за економски прашања, упатил допис до одредени компании, со кој бара поддршка и глас за себе како кандидат за пратеник и за неговата политичка партија СДСМ, а се повикува на доделената финансиска помош ( [‼️] доделена од средства од Буџетот, од народните пари!) и ветува продолжување на финансиската помош во зголемен износ. Со ова, компаниите кои примиле финансиска помош се ставени во позиција дека треба "за возврат" на финансиската помош да дадат глас на изборите. Ова е класичен изборен поткуп и влијание врз слободната воља на гласачите.

Со вакви дејствија за нечесни цели поврзани со изборите, се потврдува и уште повеќе се поткопува нарушената јавна доверба во користењето на буџетските средства. [‼️] Дали (не)дадениот глас на избори бил и ќе биде "услов" за (не)доделување финансиска помош во некои случаи?, објави на ФБ, Елена Петрова, дополнителен заменик министер за финансии.

Филипче: Со Бочварски возевме по новата делница Градско- Прилеп,работите се завршени 90%

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и носителот на изборната единица 4 на СДСМ и коалицијата др. Венко Филипче, возеа по патот од Градско кон Прилеп, односно по првата делница Градско - Дреново, каде работите се завршени над 90%. 

„Експресниот пат Градско-Дреново, ова е првата фаза од клучка Градско од исклучување од главниот пат Коридор 10. Ова е Коридор 10Д. Сè уште е во градба, меѓутоа на оваа делница асфалтот е вграден со 98% од сите количини на асфалт“, вели Бочварски.

Ресорниот министер вели дека првата делница, којашто ја возат со Филипче е 91% завршена, а на втора делница работите се завршени до 80% поради комплексноста на теренот.

„Цела економија ја раздвижува со експресните патишта на истокот којшто ги направивме, бидејќи таму од 19 век немаше нов пат направено. И за Кочани и Радовиш веќе го даваат резултатот. Имаме многу отворени нови фабрики и работни места“, вели Бочварски.

Покрај брзата комуникација и развојот на економијата, патиштата поминуваат и низ прекрасен предел од Македонија.

„На истокот се направи револуција со патиштата. Што е се ново? Сега е прво Св. Николе - Штип, Миладиновци - Штип автопатот преку Св. Николе, рехабилитиран е патот за Крива Паланка до Страцин, новиот пат, експресниот, и тој ќе заврши до крај на година, Ранковце - Крива Паланка. Понатаму Крива Паланка - Деве Баир до граничниот премин со трета лента, проширен го завршивме и пуштен е во употреба. Штип - Кочани, експресниот, што ќе значи дека порано возењето од Скопје до Кочани од саат и пол сега е скратено на помалце, околу 45 до 50 минути. Меѓутоа многу е битна безбедноста, значи ова се веќе нови стандарди на патишта коишто важат и во Европа“ - вели Филипче, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер