Екатерини Сакеларопулу, новата претседателка на Грција

По предлог на поранешниот премиер Алексис Ципрас, стана првата жена претседател на Советот на државата, по предлог на актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис, стана првата жена претседател на Грција.

Барањето за поништување на Договорот од Преспа; присуството на деца бегалци во училиштата; државјанство за децата родени во Грција од родители кои не се Грци; религијата во личните карти во Грција, се само дел од случаите разгледани од Советот на државата кои грчките медиуми ги поврзуваат со новоизбраната шефица на државата Екатерини Сакеларопулу, како од периодот додека беше претседателка на највисокото судско тело, така и претходно како член.

По предлог на поранешниот премиер Алексис Ципрас, стана првата жена претседател на Советот на државата, по предлог на актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис, стана првата жена претседател на Грција. Шеесет и тригодишната Екатерини Сакеларопулу е неполитичка и непартиски личност, а од највисоката позиција во правниот систем, преминува на највисоката позиција во државата.

-За жените е тешко да стигнат на врвот на многу професии – феноменот „стаклен таван", е само една карактеристична реченица од говорот на Сакеларопулу од 16 јануари 2019 на тема „Жените на лидерски позиции".

Пред точно една година на настанот организиран на атинскиот Универзитет Пандио, а поканета во улога на претседателка на Советот на државата, Сакеларопулу, која успеа да ги урне бариерите, а можеби и стереотипите во Грција и да стане првата жена претседателка во историјата на земјата, детално говори за родовата нееднаквост и за тешкотиите со кои што се соочуваат жените во нивните кариери, споменувајќи конкретни примери од светот,

-„Мајко, во твојата соба оди си и твоите работи гледај си ги, разбојот, предалото (…) многуте зборови им одговараат само на мажите, а од сите најмногу мене, бидејќи јас, во овој дом владеам". Во „Одисеја" на Хомер, од пред речиси 3000 години, го наоѓаме, како што споменува, Мери Бирд, првиот запишан пример на оспорување на јавниот дискурс на жените, вели Сакеларопулу на почетокот на нејзиниот говор.

Во друг дел, пак, споделува конкретни податоци, дека во 2014 година само седум од 150 лидери на држави се жени, а од 192 премиери жени се само 11.

Освен неколку стручни говори, на настани и конференции посветени на правниот и судскиот систем, информативни натписи од медиумите за дел од случаите кои „поминале низ нејзини раце" и изборот за претседателка на Советот на државата, за Сакеларопулу, на интернет не може да се најдат дополнителни информации. Нема јавни политички настапи, нема коментари за политичката состојба во Грција во изминатите години, ниту пак јавно изразен став за партиите. Токму затоа, многумина во Грција сметаат дека одлуката на Мицотакис беше повеќе од правилна, а тоа, на некој начин се покажа и при гласањето во парламентот, кога Сакеларопулу беше избрана уште во првиот круг со повеќе од потребното двотретинско мнозинство и со поддршка од три партии.

Автор е на низа научни текстови, а во февруари минатата година излегува од печат научно истражување во кое заедно со уште неколку нејзини колеги, пишуваат за судскиот систем во Грција.

-Ефикасното функционирање на правдата е обезбедено и од страна на државата и од страна на судиите. Од страна на државата, со организација на правдата, обезбедување логистичка инфраструктура, почитување на судската независност и усогласеност со судските одлуки. Од страна на судиите, со строго почитување на судската етика, на одговорноста, на дисциплинската одговорност, почитувањето на судската традиција и зачувување на институционалната меморија, пишува Сакеларопулу во книгата „Правдата во Грција. Предлози современ судски процес".

Поништување на Договорот од Преспа еден од случаите на Сакеларопулу

Од ноември 1982 година започнува со работа во Советот на државата, а со текот на времето напредува во позициите, за на средината на октомври 2018, по предлог на тогашната влада на СИРИЗА, Екатерини Сакеларопулу да биде избрана за 22 претседател на Советот, со што станува и прва жена претседател на највисокото судско тело во Грција.

Советот на државата ги има речиси истите надлежности како и Уставниот суд кај нас. Станува збор за највисокиот суд за контрола и заштита на уставноста и законитоста.

Барањето за поништување на Договорот од Преспа; присуството на деца бегалци во училиштата; државјанство за децата родени во Грција од родители кои не се Грци; религијата во личните карти во Грција, се само дел од случаите разгледани од Советот на државата кои грчките медиуми ги поврзуваат со Сакеларопулу, како од периодот додека беше претседателка, така и претходно како член.

Пленумот на највисокото судско тело во Грција, под претседателство на Екатерини Сакеларопулу, беше повикан кон крајот на 2018 да одлучи по жалбите на грчките организации како за поништување на Договорот од Преспа, така и за испратените писма до НАТО и ЕУ од тогашниот министер за надворешни работи на Грција за наше членство во ЕУ.

-Со одлуките 2615-6/2018 на пленумот беа отфрлени како неприфатливи барањата за поништување на Договорот од Преспа и писмата на министерот за надворешни работи до НАТО и ЕУ издадени согласно договорот, соопштија на 19 декември 2018 од Советот на државата по разгледаните барања на грчката „Федерација на културните здруженија на Македонците" и "Пан- Македонските асоцијации на Македонците од дијаспората", за поништување на Договорот од Преспа.

Двете одлуки беа издадени со образложени дека не се во надлежност на Советот, туку се поврзани со надворешната политика на земјата.

Се оцени дека оспорените акти сами по себе се акти со кои управува политичката власт во областа на надворешната политика и се директно поврзани со управувањето со меѓународните односи на земјата. Според тоа, имаат владин карактер, не подлежат на ревизија за поништување од Советот на државата, соопштија од Советот во декември 2018.

Во однос на другите судски случаи, според медиумите во Грција, Сакеларопулу ѝ станала позната на јавноста уште пред 20-ина години кога силно поддржала промена на личните карти за да се укине праксата да биде заведена и религијата.

Новоизбраната грчка претседателка, го поддржала и законот на владата на Алексис Ципрас за правото, децата родени во Грција, кои го завршиле поголемиот дел од школувањето во земјата, да добијат грчко државјанство, иако нивните родители се странски државјани.

Како претседател на Советот на државата во 2018, Сакеларопулу, според написите во грчките медиуми, ги отфрлила обвинувањата на здруженијата на родители и старатели од повеќе делови на Грција, поради децата бегалци кои одат во истите училишта со нивните деца. Тогаш, највисокото судско тело, донело одлука дека интеграцијата на бегалците во училиштата е законска и неопходна.

Која е новата претседателка на Грција?

Екатерини Сакеларопулу е родена во 1956 година во Солун. Изреката „крушата под круша паѓа" целосно важи во случајот со новата грчка претседателка, со оглед на тоа дека татко ѝ бил потпретседател на Врховниот суд на Грција, а таа од студиите до сега е целосно посветена на правниот и судски систем.

Сакеларопулу го завршува Правниот факултет во Атина и целата кариера како правник, ја поминува во Советот на државата, каде што беше избрана за претседател за периодот 2018- 2023 година.

Автор е на научни текстови поврзани со уставното право и правото на животна средина.

Сакеларопулу говори англиски и француски јазик, разведена е со едно дете и живее во центарот на Атина.

Според медиумите во Грција, голем љубител е на животните, особено на мачките, голем борец за заштита на животна средина, но и жена која е доста активна на социјалните мрежи, односно на Фејсбук.

Кон крајот на април минатата година, Сакеларопулу, како претседателка на Советот на државата имаше протоколарна средба со Кирјакос Мицотакис, кој тогаш беше лидер на опозицијата.

Девет месеци подоцна како премиер ја предложи за претседател на Грција, предлог прифатен од 261 пратеник.

Новата претседателка на Грција на 13 март 2020 ќе положи свечена заклетва, а веднаш потоа ќе ја преземе функцијата од Прокопис Павлопулос.

Мандатот на претседателот во Грција трае пет години./МИА.

Ужас во Аризона: Татко си ги пронашол двете тригодишни близначки удавени во базен

Полицијата ги објави имињата на близначките кои трагично загинаа откако нивниот татко ги извлекол нивните безживотни тела од базенот во дворот.

Тригодишните девојчиња, Валентина и Пеналапи Руиз, починале во четвртокот во болница во Феникс, Аризона, соопштија официјални лица, пишува Daily Mail..

„Прелиминарните информации сугерираат дека дошло до случајно давење“, соопшти вчера полицијата.

„Во овој момент, нема ништо што откриле иследниците што изгледа сомнително“, рече пожарникарот на Феникс, Роб Мекдејд, за таткото на близнаците кој се јавил на 911.

Мекдејд додаде дека децата биле под вода „неодредено време“ пред да пристигне помошта околу 15:30 часот во четвртокот.

Девојчињата биле итно пренесени во блиската болница каде што биле прогласени за мртви, соопштија официјални лица.

Воздушните снимки од домот покажале базен во облик на бубрег што немал ограда околу него.

Расте бројот на жртвите во поплавите во Бразил- најмалку 57 загинати, 67 исчезнати (ВИДЕО)

Бројот на загинати од поројниот дожд во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул се искачи на 57, соопштија локалните власти, додека десетици се уште не се пронајдени, пренесува Ројтерс.

Цивилната заштита на Рио Гранде до Сул соопшти дека 67 лица се уште се водат како исчезнати, додека повеќе од 32.000 луѓе се раселени поради невремето, кое зафати речиси две третини од 497-те градови во државата, која граничи со Уругвај и Аргентина.

Поплавите уништија патишта и мостови во повеќе региони во земјата. Невремето предизвика и лизгање на земјиштето и делумно уривање на брана во мала хидроцентрала. Друга брана во градот Бенто Гонкалвес исто така е во опасност од уривање, соопштија властите.

Во Порто Алегре, главниот град на Рио Гранде до Сул, езерото Гуаиба се излеа, поплавувајќи ги улиците. Меѓународниот аеродром во Порто Алегре ги укина сите летови на неодредено време.

Во следните 36 часа се очекуваат врнежи од дожд во северните и североисточните предели на државата, но количината на врнежи се намалува и би требало да биде далеку под врвот забележан претходно оваа недела, соопшти државната метеоролошка служба.

Сепак, „нивото на водата во реките треба да остане високо неколку дена“, изјави денеска гувернерот Едуардо Леите во видеото на неговите социјални мрежи, додавајќи дека е тешко да се каже колку долго.

Рио Гранде до Сул се наоѓа на географската точка меѓу тропската и поларната атмосфера, што создава метеоролошка шема со периоди на интензивен дожд и други со суша.

Локалните научници веруваат дека оваа шема се интензивира поради климатските промени.

Обилните дождови веќе го погодија Рио Гранде до Сул во септември минатата година, кога екстратропски циклон предизвика поплави во кои загинаа повеќе од 50 луѓе. Ова се случи по повеќе од две години постојана суша поради феноменот Ла Ниња, со само слаби дождови.

Најбогатата актерка на светот има 3 милијарди долари, но ретко кој ја знае (ВИДЕО)

Кога ќе помислите на најбогатите актерки во светот, веројатно ви паѓаат на ум познати имиња како Џулија Робертс, Сандра Булок, Анџелина Џоли или Џенифер Анистон, но големи се шансите никогаш да не сте го чуле името на најбогатата актерка на светот.

Имено, оваа титула ѝ припаѓа на американската актерка Џејми Герц, чие богатство се проценува на 3,2 милијарди долари. Ако се прашувате која е, не сте единствените затоа што изгледа дека луѓето не можат да се сетат на неа.

58-годишната ѕвезда ја започнала својата кариера во 1981 година со улога во „Бескрајна љубов“ и оттогаш се појавила во голем број филмови, вклучувајќи ги „Изгубените момчиња“, „Твистер“, „Крстопат“, „Помалку од нула“, „Квиксилвер“ и „Шеснаесет свеќи“.

Покрај тоа, таа се појави во хит сериите Seinfeld, The Neighbors, Modern Family и This is Us, а неодамна глумеше во филмот „I Want You Back“ од 2022 година, но таа ретко се појавува на екранот.

Сепак, нејзиното богатство не се должи само на нејзината актерска кариера. Актерката е во брак со милијардерот и инвеститор Тони Реслер, со кого е косопственик на НБА тимот Атланта Хокс. Имаат четири деца, а интересно, кога се венчале во 80-тите, Џејми била хранителка бидејќи компанијата на нејзиниот сопруг пропаднала, но тој подоцна се опоравил и заработил милијарди.

Инаку, официјално најбогатата актерка на светот е холивудската ѕвезда Дина Мерил, чие богатство се проценува на 5 милијарди долари. Мерил починала во 2017 година, со што Џејми сега стана најбогатата жива актерка на светот.

притисни ентер