ЕК ќе одвои 1,8 милијарди евра за хуманитарна помош за 2024 година

Европската Комисијата усвои првичен годишен хуманитарен буџет од повеќе од 1,8 милијарди евра за оваа година.

Во услови на зголемена потребна од хуманитарна помош ширум светот, при што се проценува дека таа им е неопходна на речиси 300 милиони луѓе, Европската Комисијата усвои првичен годишен хуманитарен буџет од повеќе од 1,8 милијарди евра за оваа година, соопшти денеска портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и кризен менаџмент Балаш Ујвари.

Од овие средства, како што јави дописникот на МИА од Брисел, околу 115 милиони евра ќе бидат насочени кон Југоисточна Европа и европското соседство, приоритетно за справување со последиците на руската агресија врз Украина, како и за финансирање проекти за тековните потреби на земјите од Западниот Балкан и реонот на Кавказот и за надминување на ефектите од минатогодишните земјотреси во Сирија и Турција.

Ујвари најави дека од вкупната хуманитарната помош на Европската комисија во 2024 година, речиси 470 милиони евра ќе бидат распределени на Блискиот Исток и Северна Африка за покривање на екстремните хуманитарни потреби во Газа, за палестинските цивили, како и за потребите поврзани со конфликтите во Сирија, Либан, Јемен и соседните земји.

- Речиси 200 милиони евра се наменети за решавање на последиците од присилното раселување, недостигот на храна, акутната и хронична неухранетост, природните опасности и епидемиите во Сахел - Буркина Фасо, Мали, Мавританија и Нигер, Централноафриканската Република и басенот на езерото Чад - Чад, Камерун и Нигерија, кои се поттикнати од конфликтите, несигурноста и климатските промени, нагласи Ујвари.

[Два лета од Бриндизи треба да полетаат денеска и утре со 55 тони производи донирани од ЕУ за Светската програма за храна. Дополнително, следната недела од Букурешт треба да полетаат уште три]

Дополнително, околу 346 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на лицата погодени од долгорочните вооружени конфликти и екстремни временски услови во Источна и Јужна Африка, меѓу кои и во Судан, Јужен Судан, Уганда, Мадагаскар, Мозамбик, Џибути, Етиопија, Кенија и Сомалија.

Хуманитарна помош од 186 милиони евра ќе бидат одвоени за помош на најранливите популации во Јужна Азија и на Пацификот, насочени главно кон хуманитарниот одговор во Мјанмар, Бангладеш и Филипините, како влијанието на климатските промени во регионот.

Вкупно 111,6 милиони евра ќе бидат одвоени за Централна и Јужна Америка и Карибите, како одговор на влијанието на кризите во Венецуела и на Хаити, хуманитарните последици од вооружениот конфликт во Колумбија, како и на насилство во Централна Америка, Мексико и Еквадор и на честите природни опасности.

Околу 315 милиони евра се резервирани за одговор на итни случаи и непредвидени хуманитарни кризи кои може да се појават во текот на годината, а над 98 милиони евра ќе бидат посветени на активности, иновативни проекти и политички иницијативи, како на пример на повеќегодишните програмски партнерства и зголемување на капацитетот за реакција.

По повод одлуката, комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич, посочи дека Европската комисија ќе продолжи да финансира хуманитарни акции за поддршка на најранливите категории лица независно во кои дек на светот и да се наоѓаат.

[Еврокомесарот за хуманитарна помош, Јанез Ленарчич, повика сите страни во јеменскиот конфликт да дозволат пристап за хуманитарната помош во оваа земја, Европската Комисија денеска одржа соста]

- Како што влегуваме во 2024 година, јазот помеѓу хуманитарните потреби и расположливите ресурси продолжува да се зголемува. Во исто време, потребите за финансирање се многу високи, бидејќи конфликтите се множат и климатската криза се влошува. Во 2023 година, јазот во финансирањето достигна ново рекордно ниво, бидејќи не беа обезбедени ниту 40 отсто од потребните 56,7 милијарди американски долари, изјави Ленарчич.

Според него, во вакви услови, ЕУ ќе продолжи да се залага и да ја мобилизира меѓународната заедница „колективно да го надмине овој алармантен јаз во финансирањето“.

- Во исто време, ќе продолжиме проактивно да придонесуваме за зајакнување на меѓусекторската соработка, особено со развојните актери, за да се изгради локална отпорност за да се обезбеди спас за оние на кои им е потребна и да се ослободи што е можно повеќе луѓе од зависноста од помош, додаде Ленарчич.

Тој потенцира дека во 2023 година над 91 отсто од придонесите за хуманитарна помош доаѓаа од само 20 донатори, меѓу кои првите тројца, вклучително и Европската комисија, обезбедија 58 проценти од глобалното хуманитарно финансирање.

- Оваа глобална заедничка одговорност не може да ја преземе само Европа. Ова е неодржливо. Затоа, од суштинско значење е меѓународната заедница да најде побалансиран и праведен начин за финансирање на хуманитарната помош, во согласност со можностите на секоја поединечна земја, заклучи Ленарчич.

Европската комисија од 1992 година има обезбедено хуманитарна помош во над 110 земји, помагајќи им на милиони луѓе ширум светот секоја година.

Франција по 25 години приклучи нов реактор на електричната мрежа

Франција утринава го поврза нуклеарниот реактор Фламанвил-3 на својата електрична мрежа, објави француската државна енергетска компанија ЕДФ. 

Ова е прв ваков случај во западноевропската земја во последните 25 години.

Реакторот, кој беше вклучен во септември пред да се приклучи на електричната мрежа, е пуштен во употреба 12 години задоцнет и по цена од околу 13 милијарди евра, четири пати повеќе од првично планираниот буџет.

-Тимовите на ЕДФ го постигнаа првото поврзување на реакторот за вода под притисок Фламанвил со националната мрежа во 11:48 часот по локално време. Реакторот сега произведува електрична енергија, се вели во соопштението на компанијата.

Реакторот Фламанвил-3 е најголемиот во Франција со капацитет од 1,6 гигавати и еден од најголемите во светот.

ЕДФ планира да изгради уште шест реактори за да го исполни ветувањето на францускиот претседател Емануел Макрон во 2022 година.

Во судар на камион и патнички автобус во Бразил загинаа 22 лица

Најмалку 22 лица загинаа во судар меѓу камион и автобус утринава на автопат во југоисточната бразилска држава Минас Жераис.

Државната противпожарна заштита, чии службеници пристигнале на местото на несреќата, соопшти дека 13 лица се пренесени во болница во градот Теофило Отони. Автобусот наводно тргнал од Сао Паоло и превезувал 45 патници.

Властите соопштија дека на возилото му пукнало гума, по што возачот изгубил контрола и удрил во камион. Во автобусот се судрил и автомобил со тројца патници, но сите тројца преживеале.

Спасувачките екипи работат на местото на несреќата и продолжуваат да извлекуваат жртви, изјави претставник на противпожарната служба.

Пентагон соопшти дека е убиен еден од лидерите на „Исламска држава“

Во воздушен напад на силите на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) во сириската провинција Деир ез-Зор бил убиен еден од лидерите на „Исламска држава“, јави синоќа Пентагон.

Нападот бил извршен на 19 декември во регион кој претходно бил под контрола на руски и владини сили на отстранетиот претседател Башар Асад.

Како резултат на ударот биле убиени двајца борци на ИД, вклучувајќи го и Абу Јусиф, еден од лидерите на групата.

Пентагон соопшти дека воздушниот напад е дел од задачите на Централната команда за „попречување и ослабување на напорите на терористите за планирање, организирање и извршување напади врз цивили и војници на САД, нивните сојузници и партнери“.

-Како што веќе беше кажано во активности со сојузниците и партнерите во регионот, Соединетите Американски Држави нема да дозволат ИДИЛ да ја искористи сегашната ситуација во Сирија за своја обнова, изјави командантот на ЦЕНТКОМ, генерал Мајкл Ерик Курила.

ИДИЛ значи „Исламска држава на Ирак и Левант“ и е првичното име на организацијата што подоцна беше скратено во „Исламска држава“ (ИД).

-ИДИЛ посакува да ослободи над 8.000 свои борци кои моментално се во притвор во Сирија. Ќе продолжиме активно да ги следиме овие лидери и борци, вклучувајќи ги и оние кои се обидуваат да извршуваат операции надвор од Сирија.

ИД во различни земји е означена од САД како терористичка организација.

Неделава беа извршени неколку напади на американските сили во Сирија. Во понеделникот, командата објави дека извршила прецизни воздушни напади врз кампови на ИД, при што биле убиени 12 борци.

Од администрацијата на Бајден укажаа дека американската војска во Сирија останува и по падот на режимот на Асад, како дел од мисијата за борба со тероризмот и целосно уништување на ИД.

притисни ентер