Еден од четворица граѓани во ЕУ избегнува откривање лични податоци на социјалните мрежи

Еден од четворица граѓани во ЕУ избегнува откривање лични податоци на социјалните мрежи поради безбедност, покажува истражувањето на Еуростат за употребата на информатичко-комуникациските технологии во домаќинствата и кај поединци во 2019 година.

Околу 44 проценти од граѓаните во ЕУ на возраст меѓу 16 и 74 години рекле дека ги ограничиле своите приватни активности на интернет во последните 12 месеци поради загриженост за безбедноста.

Генерално стравот од злоупотреби при користење на информатичко-комуникациските технологии е поголем кај западните земји, додека жителите од регионот и Источна Европа се порелаксирани во однос на опасноста на Интернет.

Автоцензурата поради страв од злоупотреби и измами на интернет кај поединците е најчеста кога од нив се бара да откријат лични информации на социјалните или професионални мрежи.

Според истражувањето Македонците се највоздржани кога станува збор за нарачки и купување преку интернет, при што 19 проценти рекле дека избегнуваат онлајн пазарување поради страв од измами, но затоа само на четири отсто тоа им пречи кога преземаат софтвер, апликации, музика, видео, игри или други податоци од интернет.

Додека еден од десет жители на нашата земја рекол дека поради страв од злоупотреба не користи интернет-банкарство и јавна ви-фи мрежа и не открива лични информации на социјални или професионални мрежи, во Германија еден од пет жители не користи интернет-банкарство, а еден од тројца жители на Холандија се плаши да користи јавна ви-фи мрежа.

Франција, Холандија и Шпанија најзагрижени, Бугарија, Хрватска и Полска најрелаксирани на интернет

Според истражувањето на ниво на ЕУ, луѓето на интернет најмногу се воздржуваат или избегнуваат да откриваат лични информации на социјални или професионални мрежи поради страв од злоупотреба. Втора најчесто избегнувана активност поради страв од безбезбедносни проблеми е користење јавна ви-фи мрежа, по што следува преземање софтвер, апликации, музика, видео, игри или други податоци, онлајн пазарување и интернет-банкарство.

Најмногу исплашени од користење интернет преку јавна ви-фи мрежа се жителите на Холандија – 37 проценти, Шпанија – 29 отсто и Франција – 25 проценти, додека повторно најопуштени се жителите на Бугарија и Хрватска по три отсто и на Грција – четири проценти. На ниво на ЕУ просекот изнесува 19 проценти.

Највоздржани од откривање лични информации на социјални или професионални мрежи поради страв од злоупотреба се жителите на Франција – 40 отсто, Холандија – 39 проценти и Финска – 37 отсто, додека најопуштени при користење интернет на социјални или професионални мрежи се жителите на Литванија – шест проценти, Бугарија – осум отсто и Хрватска – 9 проценти. На ниво на ЕУ просекот изнесува 25 проценти.

Од користење интернет-банкарство највоздржани се жителите на Германија – 21 отсто, Шпанија – 20 проценти и Чешка – 18 отсто, додека најмалку загрижени за вакви измами се жителите на Бугарија – два проценти, Летонија – три проценти и Хрватска – четири отсто.

Чесите се најмногу загрижени за безбедносни измами од сите активности на интернет кога користат интернет-банкарство, додека на ниво на ЕУ тоа изнесува 13 проценти.

Најмногу страв од злоупотреби при нарачка или купување преку интернет генерално имаат жителите од Западна Европа, каде што тоа го загрижува еден од четворица граѓани, додека во Источна Европа и регионот само еден од десет граѓани.

Онлајн пазарување избегнуваат 30 проценти од жителите на Франција, 25 отсто во Шведска и 24 проценти од жителите на Шпанија, наспроти три проценти од жителите на Бугарија, седум отсто од жителите на Полска и осум проценти од жителите на Унгарија.

Од преземање софтвер, апликации, музика, видео, игри или други податоци од интернет најмногу биле воздржани жителите на Финска – 38 проценти, Шпанија – 28 отсто и Холандија – 27 проценти, а најслободни за вакво користење на интернетот биле жителите на Бугарија и на Полска со по три проценти и на Хрватска со четири отсто. Просекот на ниво на ЕУ е 17 проценти и е трета најчеста причина за загриженост за својата безбедност на интернет.

Најчести безбедносни проблеми на интернет се фишинг и фарминг

Еден процент од жителите во ЕУ (два отсто од тие што користеле интернет во последните 12 месеци) имале финансиски загуби како резултат на кражба на лични податоци, лажни пораки или пренасочување кон лажни интернет-страници, покажуваат информациите објавени од Еуростат.

Во 2019 година 34 проценти од жителите во ЕУ пријавиле дека имале безбедносни проблеми преку користење интернет за приватни потреби во изминатите 12 месеци.

Најмногу или 26 отсто од луѓето во ЕУ пријавиле дека добиле лажни пораки, со кои се барало да дадат приватни информации, како што се корисничко име и лозинка за пристап до нивната електронска пошта или веб-страници за електронско банкарство – фишинг. Најчести жртви на фишинг биле жителите на Норвешка – 59 проценти, Данска – 45 отсто и Франција – 39 проценти. Кај нас жртви на фишинг биле осум проценти од корисниците на интернет.

Вкупно 13 проценти од луѓето во ЕУ биле пренасочени кон лажни интернет-страници на кои се барало да внесат свои лични информации – фарминг. Најмногу жителите на Норвешка – 30 отсто, Малта – 26 проценти и Велика Британија – 25 отсто. Најмалку вакви проблеми пријавиле жителите на Бугарија – два проценти, Летонија – три отсто и Чешка – четири проценти. Кај нас жртви на фарминг биле седум отсто од корисниците на интернет.

Други проблеми поврзани со безбедноста на интернет, според истражувањето, се измами со лажно користење кредитни или дебитни картички – три проценти, губење документи поради компјутерски вирус – три отсто и хакирање електронска пошта или социјална мрежа – 2 проценти. Еден процент од жителите на ЕУ рекле дека поради онлајн крадење на идентитетот или злоупотреба на лични информации на интернет биле жртви на дискриминација, навреди или мобинг.

Истражувањето на Еуростат за употребата на интернет и комуникациски технологии во домаќинствата и луѓето е спроведено во втората половина на 2019 година. Со истражувањето се опфатени лица на возраст од 16 до 74 години и се однесува на безбедносни проблеми со користење интернет преку кој било уред, како што е десктоп-компјутер, лаптоп, паметен телефон или друг уред.

Според истражувањето, Македонците најмногу, или 68 проценти, го користат интернет за социјални мрежи, додека просекот во ЕУ е 57 отсто. Околу 65 отсто од испитаниците рекле дека интернетот го користат за телефонирање или видеоразговори, а 45 проценти за добивање здравствени информации. Најмалку 15 отсто рекле дека го користат интернетот за онлајн банкарство, додека тој просекот во ЕУ е 59 проценти. Најмногу електронско банкарство или над 90 проценти користат граѓаните на Норвешка, Данска, Холандија и на Финска./МИА

Повеќе од 400 луѓе евакуирани поради поплави во Тексас

Многу населби во градот Хјустон, во американската сојузна држава Тексас, беа поплавени вчера по обилните дождови, кои ги принудија спасувачите да евакуираат повеќе од 400 луѓе од домовите.

Поплавите зафатија голем дел од Тексас, од Хјустон до руралниот Источен Тексас, каде што спасувачите ги поминуваа улиците и патиштата со чамци, за да спасат луѓе и домашни животни кои не биле евакуирани навреме.

Официјални претставници издадоа упатства до жителите во ниските области да се евакуираат, предупредувајќи дека најлошото допрва доаѓа.

Нови врнежи се очекуваат утре, а властите признаваат дека може да има многу проблеми доколку има обилни дождови.

Пролетна модна ревија на домашни миленици

На 15 јуни во „Јавна соба“ ќе се одржи првата модна ревија на домашни миленици во организација на Асоцијацијата на стилисти за домашни миленици на Македонија.

Организаторите најавуваат околу 15-тина сопственици на салони за домашни миленици кои ќе се претстават со својот миленик - модел и ќе објаснат на кој начин го третирале крзното кај миленикот, а пред да почне дефилето, ќе се разговара и за стандардот на занимањето - стилист за домашни миленици, кој е обврзувачки за сите грумери.

Настанот ќе биде збогатен и со штандови на кои ќе може да се претстават пет шопови, увозници на козметика за миленици, одгледувачници.... Поканети се да учествуваат и креатори на накит и облека за миленици.

Настанот нема натпреварувачки карактер. Целта е да се промовира грумингот во земјава и да се подигне свеста за правилното третирање на крзното на домашните миленици.

Украина соопшти дека во изминатата ноќ соборила 23 дронови лансирани од Русија

Украинската противвоздушна одбрана соопшти дека синоќа соборила 23 од вкупно 24 дронови камикази лансирани од Русија на територијата на Украина.

Соопштението било објавено на социјалната мрежа Телеграм од украинските воздухопловни сили.

Оттаму посочија дека беспилотните летала биле лансирани од територијата на Курската област во Русија и Крим. Се додава дека воздушниот напад бил одбиен, а беспилотните летала биле соборени над регионите Харков, Херсон и Дњепропетровск, забележува Укринформ.

притисни ентер