Еден корисник на Редит го објави своето необично откритие, и ги сподели координатите за луѓето сами да се уверат во неговата приказна, меѓутоа, со детална анализа беше утврдено дека не станува збор за никаков натприроден феномен.
Необичното откритие на Google Maps предизвика бурни реакции на Интернет, а беше проследено и со бројни теории на заговор и необични тврдења. Сè започна кога еден корисник на Редит ги објави координатите за мистериозниот „влез“ на Антарктикот, предизвикувајќи лавина коментари и шпекулации. Овој необичен феномен сместен на снежната падина во источниот дел на континентот изгледа како масивна врата, која многумина наведе да се запрашаат за нејзиното вистинско потекло.
Корисникот кој го откри ова ги сподели координатите 69°00'50"S 39°36'22"E за сите заинтересирани да можат сами да ја видат локацијата. Иако во близина се наоѓа јапонската истражувачка станица Сјова, корисникот на Редит сугерирал дека „влезот“ е премногу далеку за да биде поврзан со базата. Ова беше доволно за набргу да се развијат теории на заговор, а многумина шпекулираа дека тоа би можело да биде влез во подземна база или скриен бункер.
Објаснувања од експерти
Меѓутоа, деталната анализа на наводната врата, на програмата Google Earth, покажува дека таа има многу гломазни димензии, широка е околу 30 метри, а во околината има доста предмети кои личат на неа, но не се врати.
Massive door in Antarctica? 3/20/24
byu/realg00n inconspiracy
И научниците брзо објаснија за што се работи. Професорката Битан Дејвис од Универзитетот во Њукасл ја истражила страницата користејќи Google Earth Pro, што ѝ овозможило да види историски слики и попрецизни податоци.
- Тоа е област со морски мраз на источниот Антарктик, веднаш покрај брегот. Таму се наоѓаат голем број острови и водата е прилично плитка. Ова едноставно е санта мраз која се насукала и сега е заглавена, па полека се топи. Можете да видите многу други санти мраз во тоа подрачје. Ништо необично – додала таа, а за тоа пишуваше и LADbible.
Нејзината теорија беше поддржана од професорот Мартин Зигерт, кој објасни дека формацијата „порта“ може да се создаде со природно струење на мразот околу цврста пречка, под влијание на топење и повторно замрзнување на мразот и силните ветрови.
- Мразот овде е прилично тенок, за што сведочат и другите камени остатоци во близина. Тоа е интересна шема, но не е необична или чудна, објаснил Зигерт.
Слично мислење изрази и професорот Џон Смели, вулканолог од Универзитетот во Лестер, кој даде свое стручно мислење за феноменот.
- Ми изгледа како краток карпест гребен да е ископан со натрупување на мразот, формирајќи го „врвот“ на вратата. Снежните опашки од двете страни се показатели за правецот на ветерот во таа област. Така што, со добра фантазија може да се каже дека изгледаат како врати, но тоа е сосема природна појава - рекол Смели.
Не се работи за мистична врата
Со анализа на Google Earth, може да се воочи дека конструкцијата од фотографијата би изгледала како врата доколку би била фотографирана регуларно, односно хоризонтално - но таа не се гледа така. Се работи за сателитска фотографија, значи, гледана е одозгора. На пример, од сателитите се видливи само покривите на контејнерите во кои се сместени истражувачите во блиската јапонска локација Сјова.
Со оглед на тоа што се работи за сателитски приказ, не можеме да процениме колку е големо ова нешто на фотографијата. Затоа програмата Google Earth има алатка со која може да се измерат димензиите на објектите. „Вратата“ за која станува збор е широка околу 33 метри и висока е повеќе од 70 метри - прилично голема за просторот што некој сака да го сокрие, а доколку би се отворила, се претпоставува дека би имало силен арктички провев.
Покрај тоа, во близина на овој објект има стотици предмети слични на него - но со различна форма. Доколку во пребарувањето се внесат наведените координати (69 00 50 S 39 36 22 E), ќе се види дека има одреден број во близина на „спорниот“ објект. Всушност, станува збор за големи камења или мраз покриен со снег. Многу такви нерамнини на површината на Антарктикот може да се видат и во видеа на YouTube, како на пример она, на кое снимателот џогира во близина на истражувачката станица Сјова.
Иако мистериозниот „влез“ на Антарктикот веќе е разоткриен како природен феномен, останува фактот дека ваквите откритија секогаш ја поттикнуваат имагинацијата и создаваат простор за забава и необични шпекулации кога станува збор за Антарктикот.