Две лица направиле повеќе кривични дела при обид да препродадат поголема количина марихуана

Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 23 и 41 година, а надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор.

За првиот, жител на струшкото село Ливада, постои основано сомнение дека сторил кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори", како и „предизвикување општа опасност". Вториот, жител на кичевско Зајас, е осомничен дека ги сторил кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори", „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи", како и „фалсификување исправа".

Како што информира ОЈО, во текот на месецов двајцата заедно неовластено набавиле наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од околу 180 килограми, спакувана во 7 торби во кои имало 180 најлонски пакувања. Дрогата наменета за продажба неовластено ја држеле на неутврдено место, па на 20 март, со автомобил со струшки регистарски ознаки ја пренеле од Скопје во селото Манастирец, Росоман каде биле откриени од полициски службеници.

-Откако полицајците му дале јасни и недвосмислени светлосни и звучни знаци да застане со автомобилот, првиот осомничен не ја почитувал наредбата и продолжил да се движи, оштетил три службени возила на МВР и значително го загрозил животот на полициските службеници кои ги издавале наредбите за застанување. Вториот осомничен, пак, без дозвола набавил и кај себе држел огнено оружје – пиштол марка „Парабелум" со калибар од 9 мм, како и рамка со 10 куршуми за тој пиштол. Исто така, преправил вистинска јавна исправа – полициска службена легитимација на друго име, на која ставил своја фотографија со намера да ја прикаже како вистинска. На критичниот ден, на полициските службеници кои ги запреле тој лажно им се претставил како полициски инспектор, при што ја употребил фалсификуваната службена легитимација, соопшти ОЈО.

Поради опасност од бегство, можност да влијаат врз постапката и да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.​ /МИА

Белгискиот Универзитет во Гент ја прекина соработката со три израелски институции

Белгискиот Универзитет во Гент (UGent) ги прекинува врските со три израелски образовни и истражувачки институции поради тоа што повеќе не се усогласени со политиката за човекови права на Универзитетот, изјави ректорот Рик Ван де Вале.

- Прекинати се врските со Технолошкиот институт Холон, Истражувачкиот институт МИГАЛ Галилеја и Центарот Волкани, што врши земјоделски истражувања. Во моментов ги оценуваме тие три партнери како (многу) проблематични според тестот за човекови права на Универзитетот во Гент, за разлика од позитивната оценка што ја дадовме на овие партнери на почетокот на нашата соработка, посочи Ван де Вале.

Тој додаде дека соработката е прекината поради поврзаност со израелските министерства и поддршката на армијата во операциите во Појасот Газа.

Пропалестински демонстранти во Гент протестираа против израелската воена офанзива во Газа и окупираа делови од Универзитетот од почетокот на мај.

Демонстрантите ја поздравија одлуката на Универзитетот во Гент, но ја оценија само како прв чекор. Тие најавија дека ќе продолжат со блокада на делови од образовната институција „додека Универзитет не ги прекине врските со сите израелски институции“. /МИА

Фото: Фејсбук на Гент

Одбележани 81 година од смртта на првоборецот Иљо Антески Смок во Тетово

Во Тетово денеска се одбележаа 81 година од смртаа на првоборецот Иљо Антески-Смок. Одбележувањето се одржи пред неговиот споменик во населбата Два бреста каде повеќе делегации положија букети цвеќе, а беше одржан и историски час за негово дело и лик

-Иљо Антески Смок загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата во која толку многу веруваше. Тој како член на Мавровско-гостиварскиот одред во април 1943 во битката кај Ново Село, Гостиварско бил заробен заедно со 12 други соборци од балистичките одреди кои служеле на италијанскиот окупатор. Подоцна фашистите го осудуваат на смрт, а на денешен датум 17 мај во 1943 година Иљо е обесен. При бесењето извикува „Смрт на фашизмот-слобода на народот“ и самиот го поттурнува столчето за да биде обесен, беше истакнато во пригодниот реферат од наставникот по историја, Љубиша Марковиќ.

Во Тирана покрај Иљо Антески Смок, италијанските фашисти осудиле на смрт и обесиле уште петмина други негови соборци Душко Поповиќ, Раде Угриновски, Христо Оџаклиески, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски. /МИА

Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа за Украина

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа со која се признава планот на претседателот на таа земја, Володимир Зеленски, како единствен предлог за мир во Украина.

„Советот и денеска сакаше да донесе резолуција со која сакаше да го признае мировниот план на претседателот Зенески како единствена мировна формула која треба да се разгледа и поддржи. Тоа за нас е неприфатливо. И други направија мировни планови што не полоши“, напиша Сијарто на Фејсбук.

Тој изјави дека ставил вето на резолуцијата бидејќи бил одбиен неговиот предлог во неа да се вклучат и други мировни планови. /МИА

притисни ентер