Судот во Сеул, Јужна Кореја, донесе пресуда против пејачите Јунг Џун-Јанг и Чои Јонг-Хун и ги прогласи за виновни за силување две жени, по што ги осуди на шест и пет години затвор, пренесува Independent.
Обвинетите, наводно, плачеле кога ја слушнале пресудата за силување што се случило во 2016 година. Отежнувачка околност е што тие се снимале како се изживуваат врз жртвите за време на тој чин. И двајцата биле членови на мрежи за споделување сексуални содржини, кои се шегуваат со силувањето и изживувањето врз жени.
Пејачите, кои станаа популарни откако учествуваа во шоу за таленти, признаа дека објавувале секс-снимки, но тврдат дека немало силување, туку дека жените се согласиле на секс.
Судијата ја образложи суровата казна со тоа што обвинетите „ги сметале жените за сексуални објекти за нивно задоволство“ и дека сторените злосторства биле многу сериозни.
„Строгата казна е неизбежна затоа што штетата што им ја нанесуваат на нивните жртви не може да се поправи“, рече судијата.
И двајцата мажи ќе треба да поминат и 80 часа сексуално образование.