Говорејќи во Белата куќа, Бајден рече дека САД веруваат дека Остин Тајс се уште е жив, но дека неговата локација во земјата разурната од војната треба прецизно да се утврди, пренесе Би-Би-Си.
Остин Тајс, слободен новинар, бил уапсен во близина на Дамаск на 14 август 2012 година додека известувал за сириската граѓанска војна. Во неделата, бунтовничките борци го зазедоа сирискиот главен град, што беше кулминација на молскавична офанзива започната пред две недели.
Сирискиот претседател Башар ал Асад избега од земјата и подоцна беше потврдено дека со семејството добил азил во Русија.
Американскиот претседател Бајден рече дека заминувањето на Асад е „фундаментален чин на правдата“ по децениска репресија, но и „момент на ризик и неизвесност“ за Блискиот Исток.
„Свесни сме дека има Американци во Сирија. Вклучувајќи ги и оние што живеат таму, како и Остин Тајс, кој беше заробен пред повеќе од 12 години“, рече Бајден и продолжи:
„Решени сме да го вратиме кај неговото семејство.
На излегување од собата, Бајден одговори на прашање од медиумите за Тајс.
„Веруваме дека е жив. Мислиме дека можеме да го вратиме, но сè уште немаме директни докази за тоа. Треба да утврдиме каде се наоѓа.“
Остин Тајс, кој сега има 43 години, последен пат бил виден со врзани очи на видеото, кое било објавено на интернет неколку недели по неговото апсење.
Иако ниту една влада или група не ја презеде одговорноста за неговото исчезнување, американските власти набрзо изјавија дека веруваат дека сириската влада го држи како заложник. Неговата сестра Абигејл Едабурн рече дека веруваат дека тој се уште е во Сирија.
„Не ги знаеме точните околности каде се наоѓа, но знаеме дека е во Сирија и дека е здрав“, рече таа и додаде:
„Не знам колку можам да кажам, но има независни, сигурни извори кои можеа да ја потврдат оваа информација.“
ФБИ во неделата соопшти дека сè уште нуди награда од 1 милион долари за информации што ќе доведат до „безбедна локација, спасување и враќање“ на Тајс. САД во моментов имаат околу 900 војници во Сирија, а Бајден во неделата рече дека планира да ги задржи тие сили во земјата.
Претседателот, исто така, рече дека американските сили извршиле „десетици“ таканаречени „прецизни воздушни напади“ во неделата против камповите и операциите на Исламската држава во источна Сирија.
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп изјави во саботата дека САД не треба воено да интервенираат во Сирија.
„Ова не е наша борба“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Сириската опозиција која го собори Асад е предводена од групата поврзана со Ал Каеда Хајат Тахрир ал-Шам, која администрацијата на Бајден ја означи како терористичка група.