Документарниот филм за Бигорски „1000 години - Сведок на Светлината“ награден во Австрија

Документарниот филм за Бигорски „1000 години - Сведок на Светлината“ доби престижна награда на меѓународен фестивал во Австрија.

Документарниот филм за Бигорски манастир „1000 години - Сведок на Светлината“, во режија Илија Ико Каров, освои награда за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“, кој оваа година се одржа во градот Аспарн, Австрија, информираа од Бигорскиот манастир.

-Најголемата заслуга за ова признание е кон македонскиот композитор Горан Трајковски, кого го препознаваме под уметничкото име Готра. Овој плодороден композитор се има потпишано на особено префинета филмска и театарска музика во светот, промовирајќи ја на тој начин македонската продукција, рече Каров во своето обраќање откако ја прими наградата во Асперн.

Интернационалниот филмски фестивал „History“ се одржал во замокот Шлус Аспарн – Заја, во една топла, спонтана и креативна атмосфера. Поради обемноста на фестивалот, истовремено на три

локации низ замокот се проектирале филмови, селектирани според соодветната историска епоха.

-Документарниот филм „1000 години - Сведок на Светлината“ беше емитуван во една соодветна, автентична атмосфера – поконкретно, во објект кој ја сочинува постојаната поставка во дворот на Замокот. Навистина уникатно чувство, кое беше збогатено и со присуството на членови од „средновековната група Скомраси“. Всушност, станува збор за ансамбл, кој преку разни настани и интеракциски пристапи ја негува средновековната средноевропска култура во нејзиното најавтентично издание, додаваат од манастирот.

Пред проекцијата на филмот, како претставник од бигорската монашка заедница, со благослов на епископ Антаниски г. Партениј, пред присутните се обрати сестра Ефимија од манастирот во Рајчица.

-Монашката заедница од којашто доаѓам е раководена од убавината, рефлектирана од еден голем и прекрасен човек во чиешто време се прослави илјадалетието на нашиот манастир. Тој човек е нашиот Старец, игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски, г. Партениј. Тој пишува една прогресивна историја, која рефлектира една синхронизирана врска со човештвото, каква што досега не е видена. Во филмот сите ние зборуваме за една личност која е неверојатна инспирација. Тоа е личноста која пред 30 години реши да остави сѐ зад себе, да се одрече од себеси и сѐ материјално што поседуваше, за да биде смирен слуга на сите, рече сестра Ефимија.

Би сакала да кажам, додала, заедно со сведоштвата на илјадници луѓе до ден денес, дека владиката Партениј револуционерно воспостави хармонија со човекот.

-Една деликатна и прекрасна атмосфера на коегзистирање која го промени животот на многумина. Тоа е длабока изјава која звучи неверојатно, но сепак е реалистична кога се работи за човек кој е епитом на љубовта и на меѓучовечката хармонија. Тој е препознаен како човек со сострадално татковско срце, кој храбро патува низ темните лавиринти на човечката душа за низ траорните нејзини ходници да го пронајде патот преку кој ги изведува сите, но особено оние што очајнички тонат фрлени на дното – небаре непотребни – оние отсечените не само од општеството, туку и од своите семејства, посочила сестрата.

Во објава за проекцијата Каров пишува дека ова е првиот македонски филм, кој не извезува очај и беда од југот на Европа; напротив, 1000 години Сведок на Светлината, го отсликува македонскиот феникс синдром во милениумски континуитет.

-Голема чест е да се биде современик на реткиот цвет што процутува на секои илјада години во Бигорската градина на светиот Јован. Да се биде еден, макар толку минорен дел од неговата хуманитарна и интеркултурна мисија, навистина причинува големо задоволство. Затоа, гледајте го филмот и ќе ви стане јасно, напиша Каров во објавата.

За „1000 години-Сведок на Светлината“ говорел и директорот на фестивалот, Роман Шет. Во својата изјава тој потенцирал дека „ филмот има прекрасна атмосфера. Јасно се насетува желбата на

авторот да го портретира животот на илјадагодишниот манастир и природата што го опкружува во најавтентичен контекст. Музиката е фантастична и го засилува доживувањето додека го гледате филмот“.

Посебен осврт за филмот имал и членот на жири комисијата на филмскиот фестивал, Ерик Кохлбауер, оценувајќи дека „е токму она синеастично документарно искуство какво што очекуваме да гледаме на нашиот фестивал“.

-Дозволувајќи ни да нурнеме во времето на основањето на Mанастирот и неговиот културно различен македонски регион, преку разиграни сцени, интервјуа од различна гледна точка, уникатна музика и кадри од природата, ние бевме вовлечени во филмот уште на самиот почеток. Единствената критика ми е што филмот е визуелно толку силен, што јас бев спречен да го гледам непрекинато, па на неколку пати морав да го стопирам и да го враќам назад, за да го препрочитам преводот, зашто се губев во прекрасното осветлување и фотографија, воопшто. Гласовно дублирана верзија на англиски јазик би ја превенирала оваа појава и би ни дозволила полесно да ги восприемаме густите информации и духовната порака полесно, оценил Кохлбауер.

Монашкото братство, предводено од епископ г. Партениј, срдечно им честита и им благодари на режисерот Илија Ико Каров, на композиторот Горан Трајковски и на сите учесници во продукцијата на филмот кои трудољубиво и пожртвувано работеа неколку години за негово остварување, со што направија една беспрекорна филмска документација на нашата милениумска Света Обител.

Мајка ја држела ќеркичката 3 години затворена во фиока, на суд го открила шокантниот мотив

Грозоморен случај на семејно насилство е откриен во Честер, Велика Британија, кога мајка три години ја држела својата ќерка затворена во фиока во креветот, поради што не можела да ја види светлината на денот или да дише свеж воздух.

Кога го пронашле девојчето, реакцијата на мајката ги изненадила сите.

Имено, жената била целосно мирна, без никаква реакција и емоции. Единствениот одговор кој го дала е потврдата дека ја чува ќерка си во кревет: „Да, во фиоката е“.

"Бев шокиран што мајката не покажа никакви емоции и изгледаше рамнодушно на спомнувањето на ситуацијата. Страшно е што детето цело време знаеше само едно лице", рекол социјалниот работник, пишува Manchester Evenings News.

Девојчето во фиока го открил партнерот на жената кој од собата го слушнал детскиот плач. Кога ја отворил фиоката бил во шок. Тригодишното девојче било толку неухрането што изгледало како седуммесечно бебе. Како што подоцна било утврдено, мајката ја хранела ќерката преку шприц и само со млечна храна.

Детето било пронајдено со повреди на телото, бушаво и запуштено. Имала видлива расцеп на непцето што никогаш не било медицински третирана. Таа не го знаела нејзиното име. Ништо не можела да препознае бидејќи три години од животот не видела ништо освен лицето на мајка си.

„Последиците за детето се катастрофални. Физички, психолошки и социјално“, вели обвинителот Стивен Еверет од Судот на Честер.

За време на едно испрашување, жената ѝ рекла на полицијата дека не знаела дека е бремена и дека била многу исплашена кога се породила во 2020 година. Таа исто така рекла дека фиоката во која се наоѓало бебето никогаш не била целосно затворена. Наводно, причина за ваквото однесување е насилниот однос кој го имала со таткото на детето, поради што не сакала тој да знае за неа.

Мајката, чие име не е објавено за да се заштити идентитетот на детето, се изјаснила за виновна по четири точки од обвинението.

Девојчето никогаш не ги запознало своите браќа и сестри за три години од нејзиниот живот. Не прославувала празници со нив, ниту пак ја напуштила фиоката. За прв пат била однесена во болница кога имала 10 месеци, кога веќе се забележувало дека е неухранета и дехидрирана. После тоа, нема информации дека мајката некогаш отишла на лекар.

„Сè уште не е јасен мотивот за ваквото однесување на мајката. Сега останува на обвинителството. Наша работа е да го изведеме одговорното лице пред лицето на правдата. Тоа сега е сторено и се надеваме дека девојчето ќе се опорави и ќе се снајде да живее нормален живот“, рече обвинителката Рејчел Ворингтон.

Бродови на НАТО го опкружија кинескиот брод, што ги пресече каблите во Балтичкото Море (ВИДЕО)

Кинескиот брод „Ји Пенг 3“ е осомничен дека со саботажа пресекол два клучни интернет-кабли во Балтичкото Море, за што постои сомневање дека е оркестрирано од Русија.

Истражувачите веруваат дека товарниот брод Ји Пенг 3 намерно пресекол два клучни кабли минатата недела влечејќи го сидрото по дното на Балтичкото Море околу стотина наутички милји, објави британски „Телеграф“.

Истрагата сега се фокусира на тоа дали капетанот на овој брод долг 225 метри добил инструкции да ја изврши оваа сомнителна саботажа по налог на Москва.

„Крајно е малку веројатно дека капетанот не забележал дека неговиот брод го влечел сидрото, намалувајќи ја брзината со часови и пресекувајќи ги каблите “, рече еден висок европски истражител.

Инцидентот предизвика загриженост кај западните земји дека Русија се вклучува во она што Белата куќа го опиша како „хибридна војна“, обвинение што Кремљ го негира. Последното оштетување на кабелот во Балтичкото Море се случило во шведските води помеѓу 17 и 18 ноември, според властите.

Бродот патувал од Уст-Луга, Русија до Порт Саид, Египет преку Балтичкото Море кога се случил инцидентот. Истражителите веруваат дека сидрото на товарниот брод намерно било спуштено на морското дно, со пресекување на оптичкиот кабел „C-Lion1“ долг преку 1.100 километри, кој директно го поврзува со Централна Европа и Финска.

Вториот кабел потоа бил пресечен меѓу Германија и Финска околу 3 часот наутро следниот ден, откако бродот поминал преку 170 километри. Шведските власти започнаа истрага за саботажата, по што данските воени бродови тргнаа по Ји Пенг 3, принудувајќи го да се закотви во теснецот Категат.

Оттогаш, бродот е опкружен со воени бродови на НАТО во меѓународните води веќе една недела. Според меѓународното поморско право, бродовите на НАТО не можат да принудат брод да плови до едно од нивните пристаништа, така што шведските и германските власти преговараат со сопственикот на бродот.

Тие се надеваат дека ќе добијат пристап до бродот и ќе го испрашат неговиот екипаж за сомнителната саботажа. Западните власти не веруваат дека Пекинг стои зад инцидентот, но се сомневаат дека руските разузнавачки агенции го организирале настанот, што Кремљ го негира. Портпаролот на Кремљ изјави дека тоа се „апсурдни и неосновани обвинувања“.

Тензиите околу Балтичкото Море се зголемија откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Месеци по инвазијата, серија подводни експлозии ги оштетија цевководите Северен тек, кои транспортираат руски гас во Европа.

Западните власти првично веруваа дека Русија е одговорна за експлозиите, но подоцна се појавија сомневања дека може да е вмешана Украина. Се уште не е утврдено кој стои зад оваа сомнителна саботажа.

Во октомври минатата година беше затворен подводниот гасовод меѓу Финска и Естонија, откако беше оштетен од кинескиот товарен брод „Newnew Polar Bear“. Бруно Кал, шефот на германската служба за надворешно разузнавање, рече дека зголемувањето на ваквите инциденти може да доведе до активирање на членот 5 од договорот за заемна одбрана на НАТО.

„Зголемувањето на руските воени активности значи дека директна воена конфронтација со НАТО станува една од можните опции за Кремљ.

Како одговор на последниот инцидент, Доналд Туск, полскиот премиер, повика на формирање „полициска мисија“ во Балтичкото Море. Заедно со своите колеги од Данска, Естонија, Финска, Латвија, Норвешка и Шведска, Туск на прес-конференцијата изјави:

„Ние споделуваме проценка за безбедносната ситуација, вклучително и загриженост за клучната инфраструктура и стратешките ресурси долж Балтичкото Море.“

Туск рече дека се неопходни специјализирани полициски сили за да се „спротивстават на заканите“ во регионот. Кинеското Министерство за надворешни работи негира каква било одговорност во случајот.

Момче загина додека поставувал новогодишни светилки на покривот- никој не смеел да му пријде

Антонио Пасквал Матео (24) загинал во чудна несреќа додека закачувал новогодишни светилки на покривот од куќа во Ескондидо, Калифорнија.

„За жал, го удри струја додека ги поправаше новогодишните светилки“, напиша братучедот Хуан Пасквал на страницата GoFundMe поставена за да собере пари за погребот во Гватемала, од каде што е Матео.

Младиот човек паднал откако добил струен удар и еден час останал заробен на дрво. За жал, спасувачите не можеле веднаш да дојдат до него бидејќи морале да чекаат да се исклучи струјата.

„Спасувачкиот тим беше принуден да чека додека електрокомпанијата не ја исклучи струјата. Тогаш беше предоцна да се спаси“, напиша Пасквал, кој забележува дека „Матео ќе остане во нивните срца засекогаш, а новогодишното украсување повеќе го нема истото значење“.

Според истрагата на округот Сан Диего, Матео поставувал светла на покривот кога дошол во контакт со далновод со висок напон. Случаен минувач повикал 911 и спасувачите го нашле како виси наопаку на дрвото, изјави лекарот.

Кога на момчето му било дозволено да го симнат од дрвото, болничарите направиле напори да го оживеат и го пренеле до најблиската болница. И покрај обидите да го реанимираат, во медицинскиот центар Паломар е констатирана смрт, пренесува Метро.

Причина за смртта е струен удар од висок напон.

Матео бил син, брат и вујко и секогаш се грижел за својата мајка и семејството. На страницата GoFundMe е поставен апел за собирање финансиска помош за транспорт на Матео до неговото родно место.

притисни ентер