Док Риверс: Никој во Милвоки не се сомневаше дека можеме да го освоиме купот

 Тренерот на Милвоки бакс, се осврна на триумфот на неговиот тим во НБА Купот и покрај лошиот почеток на сезоната во најсилната кошаркарска лига на светот.

Во финалето ноќеска во Лас Вегас, Милвоки ја победи Оклахома со 97:81.

- Имавме проблеми на почетокот на сезоната. Но, никој овде не се сомневаше кои би можеле да бидеме или како можеме да играме, па останавме само со тоа. Се задржавме заедно и оваа победа е производ на компактноста на тимот. Но, имаме уште многу работа, изјави тренерот на Милвоки.

Бакс по првите десет натпревари во НБА-лигата имаше биланс 2-8 (победи-порази), сега е на 5. место во Источната конференција со ефект 14-11.

Руте: НАТО ќе го зајакне своето воено присуство во Балтичкото Море

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска изјави дека Алијансата ќе го зајакне своето воено присуство во Балтичкото Море, откако Финска задржа танкер поврзан со Русија поради можноста да се користи за вршење саботажа.

Руте, во објава на мрежата Икс, рече дека разговарал со финскиот претседател Александар Стуб и изразил солидарност со таа земја во тековната истрага за саботажата.

„НАТО ќе го зајакне своето воено присуство во Балтичкото Море“, рече Руте.

Финските власти вчера задржаа брод поврзан со соседна Русија, кој сега се наоѓа во финските територијални води, додека се истражува дали тој оштетил кабел за пренос на струја во Балтичкото Море и неколку кабли за пренос на податоци. /МИА

Клековски: На Инфективна клиника фалат 100 нови вработувања

На Инфективната клиника во Скопје недостасуваат дури 100 нови вработувања, беше кажано на денешниот брифинг на директорите на Фондот за здравствено осигурување со медиумите.

- Тој одлив се случи со Ковид-19 и потоа. Делумно поради пензионирање, делумно поради заминување и состојбата со инфектолози е критична низ територијата на целата држава. Има многу мал интерес за специјализација по инфективни болести. Во повеќе болници сме останати на пензионерите со продолжување до 67 години и така натаму. Мораме и со програмата за специјализација, меѓутоа и со мотивацијата на персоналот, да обезбедиме „ладен погон“, ако може да кажам, минимум капацитети што мораме да ги имаме. Комуницираме со Министерството за здравство, со директорот на Инфективна, со Министерството за финансии. И дел од проблемот таму и сега да се одобрат 100 работни места, нема да има кој да биде вработен, изјави директорот Сашо Клековски.

Тој, одговарајќи на новинарски прашања, кажа дека имаат прецизна евиденција колку лекови се трошат на Позитивната листа во аптеките преку системот на рецепти.

- За жал, имаме никаква следливост на потрошувачката на обичните лекови, ако можам да кажам, во болниците. Скапата биолошка терапија е на условен буџет и таа е со зголемен надзор и следење ако можам да кажам. Дел се структурни проблеми, наследливост, бидејќи различни институции користат различни начини на одбележување на лековите. Има една работна група од сите институции да договориме да го поедноставиме начинот на следење и регистрација, за да дојдеме до точни податоци - колку лекови се употребуваат во болниците, информираше Клековски.

На новинарско прашање рече дека нема да поскапи партиципацијата туку цената на основен специјалистички преглед која е 380 денари повеќе од 10 години. - Знаете колку чини специјалистички преглед во приватни здравствени установи? Разгледуваме неколку опции, цената нема да порасне како во приватните болници, меѓутоа зборуваме за соодветно валоризирање на трудот на специјалистите. Зголемувањето на партиципацијата може да биде за 10 - 15 денари, а не некакво радикално зголемување, одговори Клековски.

Во однос на зголемување на капитацијата за матичните лекари, тој рече дека се во разговори со Здружението на приватни лекари и со стоматолозите и со матичните гинеколози, кои се сите во сегментот на примарна заштита. Разговарале за дестимулативните мерки, за казнената политика, за капитацијата и за превентивните методи, „во сите тие делови има измена, ние начелно имаме договорено цел каде сакаме да стигнеме, тоа ќе биде повеќе од пристојно зголемување“.

Прашан кога договорците на дело ќе бидат ангажирани во здравството, тој рече дека подолг период се дискутирал моделот на вработување.

- Еднаш е направена трансформација на договорите на дело во вработувања. Сега конечната одлука е дека нема да има трансформација на договорите на дело со закон. Туку, сите јавни здравствени установи имаат обврска да поднесат барање до Министерството за здравство и преку Фондот, до Министерството за финансии, за нови согласности за вработувања во 2025 и тоа да се реализира до 31 март 2025 година, како краен датум. Наша одлука, на Фондот, ги продолживме важностите на сите договори на дело за уште три месеци за да се обезбеди оваа транзиција. Таргетот е околу 1.500 вработувања, подвлече Клековски.

Тој беше прашан дали има шанса за еден колективен договор во јавното здравство, бидејќи сега имало петнаесетина.

- Еден колективен договор не значи помали права од петнаесетте колективни договори, туку значи во еден документ да ги вклучиме сите. Мислам дека е најтранспарентно и за синдикатите, односно за вработените и за работодавачите да сите систематизации, плати, бидат на едно место, смета Клековски.

Се случувало да има забуни, кој колективен договор да се следи, а тоа создавало непотребни нервози, конфликти и судски спорови.

- Баш можам да кажам, кој како си го договорил со министерот во минатото, таков колективен договор си потпишал и сега имаме професии што се потценети, а стануваат критични за натамошното функционирање на здравството, додаде Клековски.

Прашан дали е вистина дека работниците на Стоматолошката клиника се без здравствено осигурување, посочи дека инциденти со здравственото осигурување се случуваат на дневна основа. Најчесто, заради чести прекини, пријави и одјави, што не се навремено приметени и поради такви грешки во пресметките, кога ќе истечат 60 дена од грешката, се прекинува. Кај нас има 10 луѓе ангажирани само за решавање такви условно кажано грешки во системот, најчесто предизвикани од чести пријави и одјави, појасни Клековски.

Тој потсети дека има глобален недостиг на лекари, здравствени работници, а не само во нашата држава.

Најбогатите Французи годинава загубија 70 милијарди долари

Најбогатите Французи годинава загубија 70 милијарди долари поради намалувањето на побарувачката за луксузни стоки.

Најбогатите француски милијардери Бернар Арно, Франсоа Бетенкур Мејерс и Франсоа Пино изгубија околу 70 милијарди долари од своето богатство годинава, бидејќи се намали побарувачката за луксузни стоки и политичката нестабилност која ја ограничи потрошувачката.

Компанијата LVMH на Бернар Арно, козметичкиот гигант „Лореал“ во сопственост на Бетенкур Мејерс и компанијата „Керинг“ контролирана од Пино се меѓу најголемите губитници за оваа година на париската берза, а акциите на „Керинг“, сопственик на брендот Гучи, паднаа за дури 41 отсто од почетокот на годината, пренесува Блумберг.

Се очекуваше дека кинеските потрошувачи ќе бидат двигател на растот на продажбата во 2024 година, но овие предвидувања не се остварија, коментира Ариана Хајат, менаџер на фондови во финансиската групација Едмонд де Ротшилд. Според неа, постои и одреден „замор од луксуз“ на пазарот по три години исклучителен раст на побарувачката.

Кинеските купувачи потрошија помалку од предвиденото, а нестабилната политичка сцена во Франција го намали интересот на инвеститорите за имотот на земјата.

Продажбата на луксузни стоки и козметика се зголеми по пандемијата на коронавирус кога потрошувачите имаа повеќе пари за трошење по „локдаунот“, но сега тој тренд е обратен. Членот на инвестицискиот комитет на компанијата „Кармињак“, Кевин Тозе смета дека почнувајќи од 2023 година, луксузниот сектор едноставно се „враќа во реалноста“ по неколку многу успешни години. /МИА

притисни ентер