Димовски: Ќе предложам Јанева да не добие апанажа од Собранието

Барањето за апанажа на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која е обвинета во случајот „Рекет", денеска ќе се најде на дневен ред на една од седниците на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Претседателот на Комисијата Илија Димовски изјави дека тој ќе побара на Јанева да не и се додели апанажа бидејќи не е избрано лице.

– Денеска ќе го предложам и тоа на дневен ред. Ќе предложам врз база на законските одредби Комисијата да не додели апанажа на Јанева од формалните причини, а тоа се дека таа не е избрана како државен функционер од страна на Собранието, што е услов по закон, туку е само предложена од Собранието, а нејзиниот избор го изврши Советот на јавни обвинители, рече Димовски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ дополнително посочи, на како што рече, скандалите поврзани со неа, како и на злоупотребата на институцијата СЈО и од финансиски и од политички аспект.

– Тоа не ни дава воопшто право да размислуваме на таков чекор. Единствено што може да направиме како Собрание, како пратеници е да апелираме до Јанева, да исполни само едно нејзино граѓанско право, а и обврска, а тоа е да почне да зборува јавно кој, како, кога, зошто учествувал во креирање на тоа чудовиште од институција низ кое се вршеле политички уцени и се вршел финансиски рекет од голем број бизнисмени, рече Димовски.

Само на тој начин, вели тој, таа ќе покаже дека се покајала и дека била несвесна или злоупотребена.

Состојба на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

ЦУК: Осум пожари на отворено во изминатото деноноќие

Во последното деноноќие се евидентирани осум пожар на отворен простор, а активни утрово нема. Горела ниска вегетација, депонии и ѓубришта, соопшти ЦУК.

По еден пожар на отворено имало во село Трубарево (ниска вегетација), зад терминалот на влезот во Струмица (ѓубриште) и кај пробиштипското село Неокази (трска). Во Општина Ѓорче Петров имало два, кај „Стопански двор“ (ниска вегетација) и кај „Обиколница Волково“ (ниска вегетација). Три пожари на творено имало во Општина Кочани - горела градската депонија, кај месноста „Монополски Бавчи“ (ѓубриште) и кај местото „Игралиште“ во Кочани (ѓубриште).

Танц парада и мини концерт во Струга по повод Светскиот ден на танцот

Со танц парада и мини концерт на отворено, под мотото „Струга танцува“ студиото за танц „Бах“ денеска по четврти пат ќе го одбележи Светскиот ден на танцот - 29 април.

Тања Бах, кореограф и идеен творец на студиото за танц информира дека членовите на „Бах“ ќе тргнат од центарот за култура „Браќа Миладиновци“, покрај кејот на реката Црн Дрим ќе продефилираат низ Струшката чаршија, а потоа ќе одржат концерт во Паркот на поезијата.

-Танц парадата е еден креативен начин да го одбележиме Светскиот ден на танцот. Парадата е нашиот придонес во културните настани во градот на мостовите. Ќе приредиме едно вистинско уживање за публиката и на за нас својствен начин ќе потсетиме за физичките и психичките придобивки од танцувањето, изјави Бах.

Во Паркот на поезијата, додаде, 100-тината членови на „Бах“ ќе ја продолжат танцовата традиција во Струга.

Светскиот ден на танцот за прв пат е прославен на 29 април 1982 годинаа, оттогаш, секоја година на овој ден ширум светот се читаат меѓународни и национални пораки за танцот. Оваа иницијатива ја покрена Меѓународниот одбор за танц на Меѓународниот инститиут за танц на УНЕСКО, а го избра денот според роденденот на зачетникот на модерниот балет и еден од најголемите танцови реформатори, Жан Жорж Новер. /МИА

притисни ентер