Девојката која не постои, ја објави својата прва песна

Виртуелниот ентитет Ана Индијана на својот простор на социјалната мрежа „X“ ја објави својата прва песна. Видеото трае 3,5 минути.

Инаку, иницијалите на оваа „девојка“ - АИ, го означуваат нејзиното потекло: и Ана и нејзината музика се целосно производ на вештачката интелигенција, којашто и натаму предизвикува загриженост во полето на уметноста. ВИ-уметницата во описот на своето музичко дело објаснува:

„Здраво свету! Јас сум Ана Индијана и сум пејачка и текстописец со ВИ. Еве ја мојата прва песна 'Betrayed by this Town'. Сè во неа - тон, темпо, акорди, ноти, мелодија, ритам, текст, мојата слика и пеењето се автоматски генерирани од ВИ. Се надевам, ќе ви се допадне“.

Песната е поп-балада, а стиховите се за тоа како девојки седат во кафуле, пијат чај и разговарат за мажите кои ги предале. Но, луѓето засега не се многу воодушевени од песната, како ниту од идејата да се користи ВИ наместо човечка креативност во уметноста.

„Убава демонстрација за тоа како би звучела музиката доколку се отстранат сета креативност и страст. Сигурен сум дека мојата микробранова печка ќе го слуша ова“; „Никој во светот не ја сака оваа технологија. Користете ВИ за да си ја олесните работата, а не да ги уништувате работите во коишто уживаме“; „Ова е ѓубре“ - гласат дел од критиките.

И музичарот Џејмс Блејк се надоврза со подбивен коментар: „Ова ме доведе до солзи. Многу сум возбуден за иднината“...

Не е јасно кој стои зад создавањето на овој ВИ-ентитет, но има и позитивни видувања. „Колку кусогледи коментари. 'Чет-ГПТ' се појави само пред една година. Вратете се овде една година назад“, додаде некој.

Вински салон во Неготино

Вински салон по шести пат се реализира денеска во организација на Здружението Македонски семејни винарии, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, овојпат во Неготино. 

Присутните имаат можност да дегустираат македонски вина и ракии произведени од 41 винарија и 10 дестилерии.

Горан Јаковлевски, претседател на „Македонски семејни винарии", рече дека производите што се дегустираат денеска, се имаат закитено со многубројни награди.

Александар Клинчаров, претседател на Македонски дестилерии, потсети исто така за докажаниот квалитет на македонските вина и ракии.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, изрази задоволство од настанот.

- Во наредната 2025 година продолжуваме заедно со уште поголема поддршка, да го развиваме винскиот сектор, подвлече министерот.

Изненадување и ексклузивитет на настанот беше настапот на амбасадорот на Јапонија, Казуја Оцука и неговата сопруга, најавени како вљубеници во нашата земја, кои пред присутните се претставија со музичка изведба на македонската песна „Елено моме".

Неготинскиот градоначалник, Горан Стојанов рече дека винариите и дестилериите квалитетот на сопственото производство го потврдија со добивањето на признанието „македонски квалитет" од страна на Сојузот на стопански комори и претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Во своето обраќање, тој истакна дека локалната самоуправа давала и ќе дава поддршка на винариите и дестилериите од општината. Стојанов нагласи дека е горд, што голем број од учесниците на денешниот вински салон, се токму од неготинската општина.

Во рамките на винскиот салон, може да се купат производите од грозје што се дегустираат на настанот.

Благодарници за особен придонес за развојот на малите семејни винарии и македонските дестилерии беа доделени на Сојузот на стопански комори и енологот Елена Богева.

- Голема чест е да се добие оваа плакета. Посакувам уште поголем успех на малите семејни винарии, да се развиваат уште повеќе и да бидат уште попрепознатливи надвор од Македонија, порача Богева.

„Мојот народ одлучува“: Финансиска поддршка за пензионерите во Кисела Вода

„Мојот народ одлучува“: Финансиска поддршка за пензионерите договорена на буџетски форум во Кисела Вода.

Пензионерите со пониски примања ќе добијат финансиска поддршка од општината. Ова беше побарано од нив, а усвоено од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, на денес одржаниот втор Буџетски форум во насока на креирање на буџетот за 2025 година.

На форумот, покрај пензионерите, присуствуваа претставници на граѓанските здруженија, млади и спортисти и тимот од раководители од општинската администрација. Беше договорено следната година да се реализира и проект за субвенционирање на возачките дозволи за матурантите, како и платена пракса за студентите, жители на оваа општина.

Во големата сала на Општина Кисела Вода, под слоганот „Мојот народ одлучува, буџет 2025“, се дадоа идеи од повеќе области, кои заеднички беа разгледувани од финансиски и технички аспект. Голем дел од нив беа прифатени, а сите присутни имаа можност да пополнат анкетни ливчиња за дополнителни предлози.

Претходниот ден беше одржан првиот форум, со претседатели на месните заедници, секретари и членови на одборите, со што беа опфатени различни целни групи за вклучување во процесот на буџетско планирање.

-Овие форуми се нашата можност, заедно и транспарентно, да ги поставиме приоритетите за развој на нашата општина. Слоганот на овие сесии е „Мојот народ одлучува, буџет 2025“. И тој не е само фраза, туку принцип на работа кој го следиме изминатите години. Секогаш сум нагласувал дека транспарентноста и директната комуникација со жителите се клучот за успехот. Затоа сум многу задоволен што досега реализиравме 95% од мојата четиригодишната програма, но исто така успешно завршивме и многу проекти кои не беа предвидени, но произлегоа токму од разговорите со вас. Сега е време повторно да го слушнеме вашиот глас и да ги вклучиме вашите предлози во новиот буџет. Оваа средба е шанса да создадеме план кој ќе ги одрази вашите потреби и желби. Од срце ви благодарам за вашата доверба, поддршка и активност. Продолжуваме заедно, со уште поголема посветеност, да ја правиме Кисела Вода уште подобро место за живеење-заклучи градоначалникот Ѓорѓиевски.

Општина Кисела Вода

СВР-Битола апелира граѓаните утре да се воздржат од користење возила кон Пелистер

СВР-Битола во соопштение до јавноста упати апел до граѓаните утре да се воздржат од користење на сопствени возила доколку имаат намера да престојуваат во Националниот парк Пелистер.

Во пресрет на утрешната хуманитарна манифестација „Имам куќа на Пелистер“ што ја организира Јавната установа Национален парк „Пелистер“, од СВР Битола посочуваат да се користи бесплатниот автобуски превоз.

-Апелираме граѓаните да се воздржат од беспотребно користење на патничко моторни возила на патниот правец што води кон Пелистер бидејќи од страна на организаторот е обезбеден бесплатен автобуски превоз. Автобусите ќе поаѓаат во 10:15 часот од пред автобуските станици Атпазар, Шехерезада, Црн Мост, Довлеџик, Спортска сала, Болница и Нов пазар, а враќањето ќе биде во 15:30 часот. Сите учесници во сообраќајот да ги следат насоките на полициските службеници, соопштија од СВР Битола.

Од СВР Битола посочуваат дека и граѓани од околните градови, да го користат бесплатниот јавен превоз со цел да се избегне сообраќаен метеж.

притисни ентер