Детската клиника доби апарат за полесно наоѓање вени кај мали деца

Апарат „Vein Finder“ за полесно наоѓање вени кај мали деца денеска беше дониран на Универзитетската клиника за детски болести. Станува збор за донација на Центарот за дијализа Диамед Македонија.


Директорката на Клиниката, д-р Катарина Ставриќ, се збалагодари за апаратот, кој е прв во таа јавна здравствена установа и ќе им биде од голема корист на сестрите во ургентната и општата амбуланта каде од децата се земаат анализи за лабораториски иследувања.


- Мобилноста на горниот дел од овој апарат овозможува да може да се користи и по одделите каде ќе има потреба. Децата се многу чувствителни, многу состојби влијаат врз можноста да се боцнат. Иако сестрите се многу искусни, тие се соочуваат со проблем да се најде вена, да се даде терапија и да се направат испитувања. Со апаратот нема да има траума за детето и родителите, додаде д-р Ставриќ.

Директорката на Центарот за дијализа, Вера Иванова на промоцијата рече дека нема информации дека во Македонија некој има ваков апарат, а вредноста негова е 260.000 денари.

Д-р Ставриќ по повод донацијата и врачи благодарница на директорката на Центарот, Иванова.

Европратеник и неговиот помошник се осомничени за шпионажа во корист на Кина

Денеска белгиската и германската полиција извршиле претрес во канцелариите на екстремно десничарскиот пратеник во Европскиот парламент Максимилијан Крах и неговиот помошник Џијан Г, како дел од истрагата за сомневање за шпионажа за Кина.

Германските власти објавија дека федералното обвинителство побарало претрес на канцелариите на Крах, главниот кандидат на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) на изборите за ЕП во јуни оваа година, и неговиот помошник Џијан Г, кој е осомничен за „активности на агент на тајната служба“, пренесува „Политико“.

Германската полиција во април годинава го уапсила Џијан Г., а како што пишува Дојче веле, постои сомневање дека тој со години доставувал информации од Германија и Европскиот парламент до кинеските служби.

Инспекторите се сомневаат дека Џијан Г. ја искористил својата позиција во кабинетот на Крах за да пренесе информации од парламентарниот живот до кинеското Министерство за безбедност.

Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат од 6 до 9 јуни годинава.

Пет мажи носат пејачка како да е статуа- не може да оди поради фустанот од песок (ВИДЕО)

Пејачката и текстописец Тајла синоќа беше меѓу најдобро облечените гости на Мет Гала во Њујорк.

Ја вклучија меѓу најдобро облечените гости, а таа стана ѕвезда на хит видео од Инстаграм. Но, како што вели, сѐ е во ред, важно е што е симпатична.

Тајла во необичен фустан е меѓу најдобро стилизираните гости и оние кои одговорија на темата Мет Гала 2024. Таа носеше фустан од Balmain прекриен со песок и чанта како песочен часовник.

За да ги „скокне“ скалите на Мет Гала 2024 во Метрополитен музејот на уметност во Њујорк и да ја постигне вистинската поза за фотографирање, таа имала помош од пет мажи кои ја пренеле преку скалите. Видеото е доказ дека понекогаш добриот стил не се постигнува лесно.

„Кому му е гајле, луѓе, јас сум слатка“, рече пејачката на прашањето дали воопшто би можела да дише во овој фустан.

Фустанот бил инспириран од песокот на времето, односно од текот на времето што песокот го предизвикува во песочник, што беше инспирацијата и за чантата.

„Инспирацијата за оваа креација дојде од желбата да се редефинираат границите и да се трансформира ефемерниот материјал во безвременско ремек-дело. Идејата за обликување на облека од нешто толку ефемерно како песок ја разгоре мојата имагинација и не можев да бидам позадоволен од крајниот резултат“, изјави креативен директор на Balmain, Оливие Рустен.

Шкотска има нов премиер по оставката на Хумза Јусаф

Новиот претседател на шкотската партија СНП, Џон Свини, денеска во шкотскиот парламент е избран за нов шеф на шкотската влада, на местото на Хумза Јусаф.

Еден ден откако го наследи како лидер на партијата, која ја поддржува независноста на Шкотска, Свини, 60-годишен политички ветеран и долгогодишен втор по ред во владата, стана трет премиер на Шкотска за нешто повеќе од една година.

Тој доаѓа на местото на Хумза Јусаф (39), кој поднесе оставка минатата недела по распадот на коалицијата со Зелените. Тие беа воздржани од гласање.

Изборот на Свини не е изненадување. Тој освои 64 од 129 гласови во парламентот каде Шкотската национална партија има големо водство пред опозициските партии, но нема апсолутно мнозинство. Тој допрва треба да положи заклетва пред Врховниот суд.

Претходно во текот на денот, Јусаф официјално ја поднесе својата оставка во писмо до британскиот крал Чарлс III. Тој беше на власт 13 месеци, по харизматичната Никола Старџен. Тој беше најмладиот шкотски премиер и прв од националното малцинство.

„Како млад муслиман, роден и израснат во Шкотска, не сонував дека еден ден ќе бидам привилегиран да ја водам мојата земја“, напиша тој.

Шкотскиот парламент е одговорен за многу области, вклучувајќи го здравството и образованието, додека Лондон е одговорен за надворешната политика и одбраната.

Џон Свини од 2014 до 2023 година беше вицепремиер во мандатот на Никола Старџен. Тој ја напушти функцијата кога таа поднесе оставка. СНП водеше од 2000 до 2004 година, кога партијата беше во опозиција.

Дел од опозицијата ја обвинува СНП, која е на власт од 2007 година, дека приоритет ѝ дава на борбата за независност на сметка на секојдневниот живот на граѓаните, но Свини вчера вети дека ќе се фокусира на „економијата, вработувањето, трошоците за живот и за здравствениот систем, образованието и климатската криза.“

Тој исто така нагласи дека сака Шкотска да стане независна. Но, тие амбиции засега се во ќорсокак, откако британскиот Врховен суд на крајот на 2022 година пресуди дека само британската влада може да даде дозвола за нов референдум. Последниот референдум во 2014 година не успеа.

притисни ентер