Денеска нов обид да се намалат цените на осигурителните полиси

Во пресрет на конечната одлука дали ќе продолжиме да плаќаме поскапо осигурување за 15 отсто при регистрација на возилата,  Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Групацијата на осигурителните компании и натаму со спротивставени ставов

Од Агенцијата уште еднаш потенцираа дека зголемувањето на цените е неоправдано и оттаму ја охрабрија Владата, преку измени на тарифникот – да ги намали цените на полисите.

Според анализата на Агенцијата, 10 осигурителни компании оствариле добивки за 2023 година, а само една завршила со загуба од работењето. Според супервизорите, со зголемена цена, ќе се создаде комфорна зона во работењето на компаниите, без да се насочат на иновации и подобрување на ефикасноста.

-Зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците. Тоа е само и исклучиво во функција на покривање на трошоците за оперативно работење на компаниите за осигурување. – Агенција за супервизија на осигурување

Со спротивен став излегоа од Групацијата на осигуритените компании при Стопанската комора. Тие реагираат дека Комисијата за автомобилска одговорност 15 години не извршила корекција на цените, кои според Националното биро за осигурување, се неодржливи. Велат дека осигурителната индустрија во делот на осигурување лани претрпела загуба во износ од 176 милиони денари.

-Јавноста треба да биде запознаена со податокот дека имаме најниска цена за авто осигурување во регионот. Во изминатите години имаме раст на цените на автомобилите од 70% - 100%, на резервните делови за 100%, на платите за 83%, индексот на трошоците на живот од 2008 до 2023 година е зголемен за 52,83%, нето трошоците за спроведување на осигурувањето за 215%, што ги прави неодржливи цените на автомобилското осигурување. – Групација на осигурителни копмании при Стопанска комора

Поскапувањето на полисата за осигурување стапи на сила од минатата недела и граѓаните плаќаат од 840 па до речиси 1600 денари поскапа цена, во зависност од моќноста на возилото.

Белгискиот Универзитет во Гент ја прекина соработката со три израелски институции

Белгискиот Универзитет во Гент (UGent) ги прекинува врските со три израелски образовни и истражувачки институции поради тоа што повеќе не се усогласени со политиката за човекови права на Универзитетот, изјави ректорот Рик Ван де Вале.

- Прекинати се врските со Технолошкиот институт Холон, Истражувачкиот институт МИГАЛ Галилеја и Центарот Волкани, што врши земјоделски истражувања. Во моментов ги оценуваме тие три партнери како (многу) проблематични според тестот за човекови права на Универзитетот во Гент, за разлика од позитивната оценка што ја дадовме на овие партнери на почетокот на нашата соработка, посочи Ван де Вале.

Тој додаде дека соработката е прекината поради поврзаност со израелските министерства и поддршката на армијата во операциите во Појасот Газа.

Пропалестински демонстранти во Гент протестираа против израелската воена офанзива во Газа и окупираа делови од Универзитетот од почетокот на мај.

Демонстрантите ја поздравија одлуката на Универзитетот во Гент, но ја оценија само како прв чекор. Тие најавија дека ќе продолжат со блокада на делови од образовната институција „додека Универзитет не ги прекине врските со сите израелски институции“. /МИА

Фото: Фејсбук на Гент

Одбележани 81 година од смртта на првоборецот Иљо Антески Смок во Тетово

Во Тетово денеска се одбележаа 81 година од смртаа на првоборецот Иљо Антески-Смок. Одбележувањето се одржи пред неговиот споменик во населбата Два бреста каде повеќе делегации положија букети цвеќе, а беше одржан и историски час за негово дело и лик

-Иљо Антески Смок загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата во која толку многу веруваше. Тој како член на Мавровско-гостиварскиот одред во април 1943 во битката кај Ново Село, Гостиварско бил заробен заедно со 12 други соборци од балистичките одреди кои служеле на италијанскиот окупатор. Подоцна фашистите го осудуваат на смрт, а на денешен датум 17 мај во 1943 година Иљо е обесен. При бесењето извикува „Смрт на фашизмот-слобода на народот“ и самиот го поттурнува столчето за да биде обесен, беше истакнато во пригодниот реферат од наставникот по историја, Љубиша Марковиќ.

Во Тирана покрај Иљо Антески Смок, италијанските фашисти осудиле на смрт и обесиле уште петмина други негови соборци Душко Поповиќ, Раде Угриновски, Христо Оџаклиески, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски. /МИА

Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа за Украина

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Унгарија стави вето на резолуцијата на Советот на Европа со која се признава планот на претседателот на таа земја, Володимир Зеленски, како единствен предлог за мир во Украина.

„Советот и денеска сакаше да донесе резолуција со која сакаше да го признае мировниот план на претседателот Зенески како единствена мировна формула која треба да се разгледа и поддржи. Тоа за нас е неприфатливо. И други направија мировни планови што не полоши“, напиша Сијарто на Фејсбук.

Тој изјави дека ставил вето на резолуцијата бидејќи бил одбиен неговиот предлог во неа да се вклучат и други мировни планови. /МИА

притисни ентер