Делата на кумановскиот уметник Кашавелски презентирани во светските метрополи

Делата на кумановскиот уметник Кашавелски презентирани во светските метрополи, рангиран меѓу најдобрите десет реалисти во светот

Летово беше исклучително успешно за уметникот од Куманово, Синиша Кашавелски за кого кумановци со гордост велат дека е светско, а наше. Речиси и да не постои награда, меѓународно призната која не ја освои, ниту пак салон во кој не беше презентирано негово дело во светските метрополи. Како врвен уметник, рангиран меѓу најдобрите десет реалисти во светот во интервјуто за МИА го открива процесот на креирање дела, кои несомнено се автентични и моќни, невообичаено привлекуваат публика, светска и домашна.

Како дојде до успехот што го доживувате оваа година со учеството на значајни салони и изложби и добивањето награди?

- Оваа година навистина е посебна за мене и мојата уметност. Фокусот беше ставен на учеството на многу престижни интернационални салони и изложби каде што освоив многу награди. Тие се резултат на неколку фактори. Прво, континуирана работа и посветеност на мојот креативен процес, кој постојано еволуира и се усовршува. Второ, поддршката од моите пријатели, семејството и колегите кои веруваат во мене и ме инспирираат да продолжам напред. И трето, отвореноста кон нови идеи и експериментирањето со различни техники и пристапи, кои ми овозможуваат да ја проширам мојата уметничка визија и да креирам дела кои резонираат со публиката.

Од последните неколку награди и настани во овој период, кои можете да ги издвоите како позначајни?

- Сите ми се подеднакво скапоцени и тешко е нешто конкретно да издвојам, бидејќи сите се врвни, нешто што сè уште ми изгледа надреално. Но, ако веќе морам да направам избор, тоа е наградата на конкурсот „ModPortrait“ – најпрестижната интернационална изложба за реализам и портрет. Не само што бев меѓу финалистите што изложуваа, туку добив и награда, која високо ме позиционираше во светот на актуелните автори во доменот на реализам.

На конкурсот „ModPortret“ во MEAM Gallery во Барселона наградена беше сликата „Somniantis‘. Која e приказната што ве инспирираше да го насликате ова платно? Соништата се многу налик на цртежи кои содржат најразлични идеи, кои во некое дадено време на некој волшебен начин се претвораат во реалност. Тие можат да бидат големи, мистериозни и недофатливи, меѓутоа без нивното постоење, не може да се очекува да се направат внатрешни промени во секоја индивидуа кои последично ќе се рефлектираат врз целокупното општество. Една многу мала, понекогаш можеби и наивна нишка е потребна за да започне приказната, на овој начин менувајќи го светот со нашите најчисти мисли, бидејќи тие се дел од нештата кои го креираат универзумот.

Освојувањето на наградата е многу значајно достигнување. Дали чувствувате дека тоа ќе има влијание врз вашето уметничко патешествие во иднината?

- Кога и да добијам некоја награда на некој конкурс или салон, чувствувам дека тоа е големо признание за мојата работа и за фазата во која се наоѓам во тоа време. Секое од овие достигнувања придонесуваат за вашиот статус и се инспирација за стремеж да се стигне до некои повисоки уметнички дострели.

Како вашиот личен „background“ и животни искуства влијаат врз пристапот на вашата работа и како ги вклучувате овие перспективи во вашето творење?

- Мојот ’background‘ има големо влијание за време на креативниот процес затоа што доаѓам од земја која има многу богато историско и културно наследство кое се простира далеку во еоните на времето. Нешто од тоа е генетички вградена во мојата душа, и заедно со моите животни искуства низ кои поминувам во текот на времето, се создава спој, односно се креира една многу моќна библиотека од која течат идеите кои подоцна ги пренесувам на платно.

Енергијата и фреквенциите на боите играат многу значајна улога во процесот на творењето. Дали свесно си играте со енергијата на боите или пак сте повеќе интуитивни во нивниот избор?

- Бидејќи целиот универзум функционира врз принципите кои ги диктираат енергијата, вибрациите и фреквенциите, овие принципи се кодирани во секој аспект од нашиот живот и околината во која обитуваме. Последователно, секоја боја, па ако сакате, и секоја нијанса поседуваат своја сопствена енергија и адекватна вибрациона фреквенција, кои заедно имаат огромно влијание врз крајниот изглед на делото кое го креирате.

Ако свесно „играте“ со енергијата на боите, претставете ни како тоа изгледа во вашиот креативен процес?

- Пред да започнам со работа на некое определено дело, постојат поголем број на чекори низ кои поминувам пред да се започне со творењето. Некои од нив се приказната и композицијата кои стануваат носачи на платното. Еднаш кога ова ќе биде созреано, сè ова мора да помине низ мојот внатрешен свет, каде јас ја визуелизирам палетата на боите кои ќе бидат најефективни, најсоодветни и во тотална хармонија со крајниот изглед на делото.

Дали некогаш го започнувате делото и потоа во текот на творењето одлучувате да направите промени со цел да се потенцира неговиот дух?

- Да, се случува многу пати и зависи од менталната состојба во која сум во тоа време. Некогаш се случува да почувствувам дека некоја невидлива рака ме води низ целиот креативен процес. Се чувствувам како да сум во бестежинска состојба, при што сè се случува спонтано од самиот почеток па до крај. Во некоја рака, тоа е чувство на Божја интервенција која интуитивно го води умот. Меѓутоа, ваквите состојби не се можни секој ден, што значи дека многу често мора да се ’игра‘ со боите и композицијата следејќи ја имагинарната идеја.

Дали имате некакви ритуали или навики кои ви помагаат за време на креативниот процес?

- Да, во текот на годините, имам експериментирано со повеќе ритуали обидувајќи се да најдам кој најмногу ќе го стимулира мојот креативен процес. Во текот на последните години, некако најприкладна ми е една церемонија која ја практикувам секогаш кога ќе влезам во ателјето. Палам темјан, кој во нашата традиција е познат и како „бел чад“. Тој обично се користи за време на монастичките ритуали и има многу моќно значење кога станува збор за животот и смртта. Штом белиот чад ќе почне да го исполнува просторот во моето ателје, полека почнувам ментално да се движам низ лавиринтот на моите медитациски ритуали. На ваков начин, навлегувам во сфери кои се поврзани со визуелниот процес кои ми помага да го достигнам најдоброто што посакувам да го пренесам на платното.

Вештачката интелигенција полека започнува да го доминира светот. Некои автори започнуваат да ја користат како решение во нивниот креативен процес. Какво е вашето мислење за оваа нова технологија, односно дали е позитивна или негативна во сферата на уметноста?

- Вештачка интелигенција доколку се употребува како што треба, може да биде мошне корисна во голем број на креативни полиња. Искрено, не сум голем љубител на вештачката интелигенција и целата трансхуманистичка агенда која започнува да се обвива околу скоро секој сегмент на човечкиот живот. Лично, чувствувам дека со текот на времето таа ќе замени многу креативни работи, а со тоа и генијалноста која е дел од уметничкиот еснаф. Сепак, човечкиот гениј и допирот кој доаѓа од душата не можат да бидат заменети со нешто што е вештачки артикулирано. Постои дела кои се креираат со умот на уметникот. Тие можат да бидат добри и прифатливи за широкиот аудиториум, но оние кои се креирани и течат од длабочината на душата се оние ингениозните коиостануваат запаметени.

Со подемот на NFT и зголемениот интерес за дигиталната уметност, кое е вашето мислење, дали уметничкиот свет ќе се вклучи во оваа нова технологија?

Бидејќи целата планета е веќе скоро дигитализирана, неизбежно е оваа нова технологија да навлезе и во светот на уметноста. Последователно, многу луѓе, особено од помладите генерации ќе фатат приклучок со ова ново поле, додека некои ќе останат на страна на конзервативизмот и ќе се држат до принципите на уметноста кои важат од дамнина. Лично за мене, ќе треба да помине доста време додека овој концепт не ми легне како што треба. За сега, ќе продолжам да чекорам по патеката којашто е кодирана во мојата душа во текот на сите овие години.

Во светло на наградите што неодамна ги добивте, која би била пораката до вашиот аудиториум?

- Пораката до мојот аудиториум, дали дома или во светот, е едноставна. Ќе останам вистинољубив, оригинален и чесен во својата работа, бидејќи овие принципи се во хармонија со универзумот и не држат поврзани со креаторот. Само на ваков начин може да се твори нешто што ќе резонира со луѓето кои обитуваат на исто фреквентно ниво на кое и сами егзистирате./MИА

Мајка ја држела ќеркичката 3 години затворена во фиока, на суд го открила шокантниот мотив

Грозоморен случај на семејно насилство е откриен во Честер, Велика Британија, кога мајка три години ја држела својата ќерка затворена во фиока во креветот, поради што не можела да ја види светлината на денот или да дише свеж воздух.

Кога го пронашле девојчето, реакцијата на мајката ги изненадила сите.

Имено, жената била целосно мирна, без никаква реакција и емоции. Единствениот одговор кој го дала е потврдата дека ја чува ќерка си во кревет: „Да, во фиоката е“.

"Бев шокиран што мајката не покажа никакви емоции и изгледаше рамнодушно на спомнувањето на ситуацијата. Страшно е што детето цело време знаеше само едно лице", рекол социјалниот работник, пишува Manchester Evenings News.

Девојчето во фиока го открил партнерот на жената кој од собата го слушнал детскиот плач. Кога ја отворил фиоката бил во шок. Тригодишното девојче било толку неухрането што изгледало како седуммесечно бебе. Како што подоцна било утврдено, мајката ја хранела ќерката преку шприц и само со млечна храна.

Детето било пронајдено со повреди на телото, бушаво и запуштено. Имала видлива расцеп на непцето што никогаш не било медицински третирана. Таа не го знаела нејзиното име. Ништо не можела да препознае бидејќи три години од животот не видела ништо освен лицето на мајка си.

„Последиците за детето се катастрофални. Физички, психолошки и социјално“, вели обвинителот Стивен Еверет од Судот на Честер.

За време на едно испрашување, жената ѝ рекла на полицијата дека не знаела дека е бремена и дека била многу исплашена кога се породила во 2020 година. Таа исто така рекла дека фиоката во која се наоѓало бебето никогаш не била целосно затворена. Наводно, причина за ваквото однесување е насилниот однос кој го имала со таткото на детето, поради што не сакала тој да знае за неа.

Мајката, чие име не е објавено за да се заштити идентитетот на детето, се изјаснила за виновна по четири точки од обвинението.

Девојчето никогаш не ги запознало своите браќа и сестри за три години од нејзиниот живот. Не прославувала празници со нив, ниту пак ја напуштила фиоката. За прв пат била однесена во болница кога имала 10 месеци, кога веќе се забележувало дека е неухранета и дехидрирана. После тоа, нема информации дека мајката некогаш отишла на лекар.

„Сè уште не е јасен мотивот за ваквото однесување на мајката. Сега останува на обвинителството. Наша работа е да го изведеме одговорното лице пред лицето на правдата. Тоа сега е сторено и се надеваме дека девојчето ќе се опорави и ќе се снајде да живее нормален живот“, рече обвинителката Рејчел Ворингтон.

Бродови на НАТО го опкружија кинескиот брод, што ги пресече каблите во Балтичкото Море (ВИДЕО)

Кинескиот брод „Ји Пенг 3“ е осомничен дека со саботажа пресекол два клучни интернет-кабли во Балтичкото Море, за што постои сомневање дека е оркестрирано од Русија.

Истражувачите веруваат дека товарниот брод Ји Пенг 3 намерно пресекол два клучни кабли минатата недела влечејќи го сидрото по дното на Балтичкото Море околу стотина наутички милји, објави британски „Телеграф“.

Истрагата сега се фокусира на тоа дали капетанот на овој брод долг 225 метри добил инструкции да ја изврши оваа сомнителна саботажа по налог на Москва.

„Крајно е малку веројатно дека капетанот не забележал дека неговиот брод го влечел сидрото, намалувајќи ја брзината со часови и пресекувајќи ги каблите “, рече еден висок европски истражител.

Инцидентот предизвика загриженост кај западните земји дека Русија се вклучува во она што Белата куќа го опиша како „хибридна војна“, обвинение што Кремљ го негира. Последното оштетување на кабелот во Балтичкото Море се случило во шведските води помеѓу 17 и 18 ноември, според властите.

Бродот патувал од Уст-Луга, Русија до Порт Саид, Египет преку Балтичкото Море кога се случил инцидентот. Истражителите веруваат дека сидрото на товарниот брод намерно било спуштено на морското дно, со пресекување на оптичкиот кабел „C-Lion1“ долг преку 1.100 километри, кој директно го поврзува со Централна Европа и Финска.

Вториот кабел потоа бил пресечен меѓу Германија и Финска околу 3 часот наутро следниот ден, откако бродот поминал преку 170 километри. Шведските власти започнаа истрага за саботажата, по што данските воени бродови тргнаа по Ји Пенг 3, принудувајќи го да се закотви во теснецот Категат.

Оттогаш, бродот е опкружен со воени бродови на НАТО во меѓународните води веќе една недела. Според меѓународното поморско право, бродовите на НАТО не можат да принудат брод да плови до едно од нивните пристаништа, така што шведските и германските власти преговараат со сопственикот на бродот.

Тие се надеваат дека ќе добијат пристап до бродот и ќе го испрашат неговиот екипаж за сомнителната саботажа. Западните власти не веруваат дека Пекинг стои зад инцидентот, но се сомневаат дека руските разузнавачки агенции го организирале настанот, што Кремљ го негира. Портпаролот на Кремљ изјави дека тоа се „апсурдни и неосновани обвинувања“.

Тензиите околу Балтичкото Море се зголемија откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Месеци по инвазијата, серија подводни експлозии ги оштетија цевководите Северен тек, кои транспортираат руски гас во Европа.

Западните власти првично веруваа дека Русија е одговорна за експлозиите, но подоцна се појавија сомневања дека може да е вмешана Украина. Се уште не е утврдено кој стои зад оваа сомнителна саботажа.

Во октомври минатата година беше затворен подводниот гасовод меѓу Финска и Естонија, откако беше оштетен од кинескиот товарен брод „Newnew Polar Bear“. Бруно Кал, шефот на германската служба за надворешно разузнавање, рече дека зголемувањето на ваквите инциденти може да доведе до активирање на членот 5 од договорот за заемна одбрана на НАТО.

„Зголемувањето на руските воени активности значи дека директна воена конфронтација со НАТО станува една од можните опции за Кремљ.

Како одговор на последниот инцидент, Доналд Туск, полскиот премиер, повика на формирање „полициска мисија“ во Балтичкото Море. Заедно со своите колеги од Данска, Естонија, Финска, Латвија, Норвешка и Шведска, Туск на прес-конференцијата изјави:

„Ние споделуваме проценка за безбедносната ситуација, вклучително и загриженост за клучната инфраструктура и стратешките ресурси долж Балтичкото Море.“

Туск рече дека се неопходни специјализирани полициски сили за да се „спротивстават на заканите“ во регионот. Кинеското Министерство за надворешни работи негира каква било одговорност во случајот.

Момче загина додека поставувал новогодишни светилки на покривот- никој не смеел да му пријде

Антонио Пасквал Матео (24) загинал во чудна несреќа додека закачувал новогодишни светилки на покривот од куќа во Ескондидо, Калифорнија.

„За жал, го удри струја додека ги поправаше новогодишните светилки“, напиша братучедот Хуан Пасквал на страницата GoFundMe поставена за да собере пари за погребот во Гватемала, од каде што е Матео.

Младиот човек паднал откако добил струен удар и еден час останал заробен на дрво. За жал, спасувачите не можеле веднаш да дојдат до него бидејќи морале да чекаат да се исклучи струјата.

„Спасувачкиот тим беше принуден да чека додека електрокомпанијата не ја исклучи струјата. Тогаш беше предоцна да се спаси“, напиша Пасквал, кој забележува дека „Матео ќе остане во нивните срца засекогаш, а новогодишното украсување повеќе го нема истото значење“.

Според истрагата на округот Сан Диего, Матео поставувал светла на покривот кога дошол во контакт со далновод со висок напон. Случаен минувач повикал 911 и спасувачите го нашле како виси наопаку на дрвото, изјави лекарот.

Кога на момчето му било дозволено да го симнат од дрвото, болничарите направиле напори да го оживеат и го пренеле до најблиската болница. И покрај обидите да го реанимираат, во медицинскиот центар Паломар е констатирана смрт, пренесува Метро.

Причина за смртта е струен удар од висок напон.

Матео бил син, брат и вујко и секогаш се грижел за својата мајка и семејството. На страницата GoFundMe е поставен апел за собирање финансиска помош за транспорт на Матео до неговото родно место.

притисни ентер