Даукшас: Расте бројот на земји нападнати од лажни вести, откривањето дезинформации во реално време е тешко и скапо

Откривањето на дезинформациите во реално време е тешко и многу скапо. 

Собирањето докази, фактите и докажувањето и разоткривањето бараат многу време и на крајот, за да се допре до граѓаните тоа чини многу. Во последните две години имаме објавено повеќе од 200 статии кои биле прочитани повеќе од 13 милиони пати. Тоа е голем досег или допир за земја како Литванија и е доста сериозен резултат, што покажува дека луѓето сакаат да ја дознаат вистината и се грижат за истата.

Ова го посочи Викторас Даукшас, директор на иницијативата Debunk.eu во Литванија, на дебатата на „Штетното влијание на дезинформациите", во организација на граѓанската асоцијација МОСТ.

Рече дека е тешко да се согледа како се споделува информацијата преку Интернет, преку групите или веб-страниците, преку социјалните медиуми, од каде доаѓаат коментарите.

– Значи, многу е тешко да се види. И тие се секако што профитираат од лагите. Пресметајте приходи 20.000 веб-страници што постираат дезинформации и тие генерирале 235 милиони долари приходи од програмско рекламирање. Кога зборуваме за тоа колку земји се оние кои се засегнати од дезинформациите гледаме дека во 2017 година имало 28 земји кои биле нападнати, а во 2019 има веќе 70 такви земји. Значи, овој тренд расте и со тек на времето ќе го гледаме како поголем проблем, или проблемот ќе ескалира, оцени Даукшас.

Истакна дека е добра работа што се повеќе организации работат на проверка на фактите и разоткривање.

– Имаме 188 такви организации во повеќе од 60 земји кои работат и на овој проблем и се обидуваат да проверат – политичко проверување на фактите и неговото разоткривање. Овој феномен е се уште нов и е секако голем проблем во поглед на финансирањето на медиумите, одржувањето на медиумите и секако организациите кои ги проверуваат фактите. Половина од овие организации сепак се се уште многу мали и имаат расходи помали од 50.000 долари, што навистина не е многу и поголем дел од организациите се во раните фази и се уште немаат капацитети навистина да работат на разоткривањето на информациите кои бараат се повеќе знаење и користење на алатки, истакна тој.

Посочува дека граѓаните треба да бидат соодветно информирани и образовани, а за тоа се потребни медиумите или новинари на кои им се верува и да им се покаже на луѓето вистината и за сите – за постарите генерации медиумите се единствениот начин да бидат образовани.

Во Литванија, рече Даукшас, во повеќе од 1.500 домени различни организации анализираат над 30.000 статии секој ден на осум јазици.

– Нашата вештачка интелигенција ги бара темите во тие статии и потоа ги спојува со базата на податоци на штетни наративи што претходно сме ги разоткриле. Користејќи го овој метод и наоѓајќи ги приказните кои претходно биле разоткриени како дезинформации, системот може побрзо и побрзо да ги открива. На овој начин оние кои дезинформираат тогаш ќе мора да креираат нови наративи, нови приказни што им ги зголемува ним трошоците. Потоа, ја имаме заедницата на т.н. „елфови" или виленици кои даваат поддршка на проектот, помагаат со нормализацијата на податоците со нови идеи и даваат поддршка по сопствена волја. Кога содржината ќе биде означена ја доставуваме содржината до медиумите и одделенијата за вести и новинарите можат да откријат која тема сакаат да ја разоткријат. Кога ќе ја одберат темата работат на нејзиното разоткривање, проверка на фактите и кога статијата ќе биде подготвена и кога статијата ќе биде подготвена и подготвена за објавување се објавува во медиумите. Е така се креира тој допир до сите, заклучи Даукшас.

На дебатата се дискутираа различните аспекти на дезинформациите и нивното влијание на социјалните мрежи, како и недоволната свесност кај граѓаните за моќта на социјалните мрежи и штетното странско влијание. Меѓу говорниците освен Даукшас, беа и Румена Филипова, Центар за проучување на демократијата, Бугарија, Лук Захнер, советник за односи со јавност во Амбасадата на САД, Ана Петрушева, директор на БИРН Македонија и Росана Алексоска, програмски менаџер на F2N2./МИА

Папата им го честиташе Велигден на православните христијани

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск денеска им го честиташе Велигден на православните христијани и верниците од источните цркви кои го слават според јулијанскиот календар, пренесе Ватикан њуз.

- Со најтопли чувства упатувам честитки до браќата и сестрите од православните цркви и некои источни цркви кои денеска го слават Светиот Велигден според јулијанскиот календар. Нека воскреснатиот Господ ги исполни сите заедници со радост и мир и да ги утеши оние кои поминуваат низ искушенија, рече папата на крајот од традиционалната неделна миса на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Во својата проповед пред неделната молитва, папата повторно повика на молитви за жртвите од поплавите во Бразил, како и за мир во Украина, Израел и на палестинските територии.

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, Црква не смеат да бидат предмет на тргување

Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата.

Митрополитот на Повардарската епархија Агатангел во своето Велигденско послание порача до верниците дека е потребна одговорност кон себе, кон општеството, да се потпраме на вредностите на православието оти важно е какво општество и каква држава ќе изградиме.

-Мораме да бидеме одговорни како за себе, така и за општеството и околината што нè опкружува. Не смееме да потонеме во самодоволност и сув индивидуализам. Човекот не е створен да биде сам и осамен во светот. Не смееме да бидеме небрежни за својот ближен, за страдањето на братот, за животната средина во која ги раснеме нашите деца...Важно е за човекот да живее во мир и благосостојба, важно е какво општество и каква држава ќе изградиме. Тоа не се прашања што не треба да нè засегаат. Добро е да знаеме кои сме, што сме и од каде сме. Од Христа сме откупени, скапо сме платени преку Неговата сечесна крв. Он, преку Своето славно Воскресение, преку Својата неизмерна љубов, ни го подари највисокото достоинство. Не смееме на Неговата татковска грижа да одговориме со незаинтересираност и самодоволно повлекување. На Бога со камен не треба да фрламе, раката што дава не треба да ја сечиме - така нè учеле и воспитувале нашите предци, вели владиката Агатангел во посланието објавено на веб страницата на Повардарската епархија.

Според него, иако човекот денес живее во изобилство, понесреќен е и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја

-Македонскиот народ илјадници години непрестајно на Бога благодарност и пофални песни Му вознесувал. Знаел нашиот мудар народ дека секоја тиранија е привремена, дека секое зло е краткотрајно. Денес, пак, злото, покрај тоа што си го зачувало својот вообичаен облик, има и некакво друго, поинакво лице. За жал, во тешка состојба сме доведени. Денес, иако човекот живее во изобилство, сепак е понесреќен и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја. Денешниот човек е збунет и дезориентиран. Тој како да не ја препознава вредноста, како да не знае што е нормално, а што застрането, потенцира митрополитот Повардарски Агатангел.

Сега, како генерација, додава тој, мораме да застанеме на патот на оваа демонска наезда, оти ако тоа час поскоро не го сториме, духовно ќе се разориме себе си одвнатре и дури тогаш ќе станеме морално плитки и исушени.

-Затоа, македонскиот народ нема друг избор освен да се ослони на Бога, да се потпре на Неговиот спасоносен столб, кој го држи и покрепува секое човечко здание. Само така и на тој начин ќе опстоиме. Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат претворени во роба за трговија. Тоа е срамно и неправедно, а уште помалку морално. Ова важи како за македонскиот народ и држава, така и за Црквата, порача митрополитот Повардарски Агатангел.

Потенцира дека мнозина подло ќе се обидат да ни го омаловажат и искривоколчат секој наш успех и достигнување. Но, вели, имајте секогаш предвид дека со Христос победуваме, он ги штити и запазува праведните, оти Самиот Тој е правда и вистина. Христос е живата радост која го исполнува секое осамено и повредено срце.

-Од изворот на Воскресението Христово постојано и непрестајно да се напиваме. И ние еден ден ќе Воскреснеме во новиот живот исполнет со вечното. Нека ја штити и закрилува Господ нашата татковина Македонија и нашата Света Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Македонскиот православен народ нека создава дела за вечно паметење. Блажен е овој народ што го срамат и прогонат, и што говорат против него секакви лоши зборови и лаги - заради Христа! Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, порача Митрполитот Повардарски Агатангел.

Утрово на прв ден Воскресение Христово – Велигден, се служеше Златоустова литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, а со литургијата во храмот „Св. Кирил и Методиј“ чиноначалствува митрополитот Повардарски Агатангел.

Најрадосната вест за Христовото Воскресние синоќа на полноќ беше објавена низ сите православни храмови на Повардарската Епархија. Во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес со литургијата чиноначелствуваше митрополитот Повардарски Агатангел, а литургии посветени на воскресението на Хириста се одржаа и во трите градски цркви - „Св. Кирил и Методиј“, „Вознесение Христово“ (Св. Спас) и „Св. Јован Крстител“.

Нетанјаху: Израел ќе продолжи да се бори во Газа до победа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека земјата ќе ја продолжи војната во Појасот Газа додека не се постигнат сите цели и ја обвини палестинската милитантна група Хамас за застојот во преговорите за привремен прекин на огнот.

- Капитулирањето пред барањата на Хамас би било ужасен пораз за државата Израел, рече Нетанјаху во видео порака објавена денеска. „Тоа би била голема победа за Хамас, Иран и целата оска на злото. Тоа би покажало страшна слабост за нашите пријатели и за нашите непријатели“, ја пренесува ДПА изјавата на Нетанјаху.

- Ако Израел покаже слабост на овој начин, тоа само ќе ја доближи следната војна и ќе го отфрли следниот мировен договор, „бидејќи сојузи не се прават со слабите и поразените. Сојузи се прават со силните и победниците, предупреди тој.

Во моментов во Каиро се водат разговори со посредство во кои учествуваат претставници на Хамас, со надеж дека ќе се обезбеди ослободување на преостанатите заложници во Газа во замена за палестинските затвореници кои се држат во израелските затвори. Се разговара и за можен прекин на огнот.

Нетанјаху рече дека Израел покажа флексибилност за време на преговорите во Каиро, додека Хамас се држи до своите „екстремни позиции, пред сè повлекувањето на нашите сили од Појасот, ставање крај на војната и Хамас да се остави недопрен“.

притисни ентер