Дајмлер и Тојота потпишаа договор за спојување на одделите за камиони

 Германскиот производител Дајмлер Трак Холдинг (Daimler Truck Holding) и јапонскиот автомобилски гигант Тојото (Toyota) потпишаа необврзувачки меморандум за разбирање за спојување на нивните оддели за камиони.

Mitsubishi Fuso Truck and Bus Corp (MFTBC) – кој е во мнозинска сопственост на Дајмлер – и одделот за камиони на Тојота, Hino Motors truck ќе бидат здружени под холдинг компанија, а акциите ќе бидат котирани на Токиската берза.

Новата компанија ќе има пристап до технологијата за тешки камиони на Дајмлер.

Страните предвидуваат потпишување на дефинитивни договори во првиот квартал на 2024 година и затворање на трансакцијата до крајот на 2024 година, јави ДПА.

Деталите за трансакцијата, корпоративната структура и соодносот на акционерите ќе бидат решени подоцна во правно обврзувачки дефинитивни договори.

Холдинг компанијата нема да биде целосно консолидирана во финансиските извештаи на Дајмлер Трак (Daimler Truck).

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел поради војната во Газа

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. 

Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој. /МИА

притисни ентер