Д-р Филипче: Единствен начин за трајна трансформација на општеството е интеграцијата во ЕУ

Младите се движечката сила, покренуваат револуции и создаваат иновации и затоа нивните идеи се клучни за развојот на едно здраво и демократско општество. 

Ова го истакна носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, д-р Венко Филипче на трибина со млади во Струмица.

„Едно општество е живо колку што е мотивирана неговата младина. Кога кај младите се јавува апатија, кога кај нив паѓа ентузијазмот и интересот, тоа општество оди во погрешен правец и назадува. Тогаш нема иновација, тогаш нема револуција, тогаш нема жар за напредок”, рече Филипче.

Филипче е свесен дека кај младите постои незадоволство поради потрошените години и бројните обиди Македонија да се ослободи од минатото и да напредува.

„Во Македонија со години се мачиме да излеземе, да се пробиеме, да се ослободиме од минатото и да ја зграпчиме иднината. Младите, со право, очекуваат повеќе. Но младите не смеат да заборават на клучна работа, која СДСМ ја почна храбро и, за жал, поради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ не ја заврши. А тоа е обезбедување на трајни реформи и можности преку интеграција во Европската Унија. Ова е заложбата на СДСМ за младите и тоа не само за вашата генерација, туку и за сите следни генерации”, потенцираше Филипче.

Во таа насока, Филипче додаде дека СДСМ не ги изневери младите и ќе продолжи да работи на трајна трансформација на општеството која ќе значи подобар живот и можности за секој. Најдобро тоа го знаат младите, кои имаат комуникација со своите врсници и се свесни за придобивките што можат да ги добијат доколку земјата стане членка на Европската Унија, рече Филипче.

„Вие сте млади луѓе комуницирате со вашите врсници од светот, некои веројатно и биле, прошетале, се запознале. Прашајте ги за можностите кои ги нуди ЕУ. Прашајте како нивната земја се променила после влезот во Европската Унија, какви можности добиле тие. На пример во Бугарија, во Хрватска или другите земји кои неодамна се во ЕУ. Ќе видите дека единствен начин вистински, трајно и за сите подеднакво да го подобриме општестовото е интеграцијата во ЕУ”, изјави Филипче.

Тој ги повика младите да не се обесхрабруваат и да не дозволат повремените пречки и порази да ја спречат реализацијата на нивната цел.

„Оваа цел е искрена, правилна и проверено значи подобар живот за сите. Се друго што нуди ВМРО-ДПМНЕ и останатите партии е несигурен избор и ризик од непозната иднина”, рече Филипче.

Токму затоа ова се избори кои ќе ја поместат земјата и младината од раскрсницата на која во моментов се наоѓа Македонија, а младите ја имаат силата преку својот глас да го направат вистинскиот избор за да продолжиме кон патот што значи посветла и постабилна иднина, рече Филипче пред младите.

„Гласачкото ливче и пенкалото се вашата алатка за создавање на иднината. Ова е вашиот момент да изберете и бирајте мудро. Вашиот избор може да направи монументална разлика. Разговарајте со вашите врсници, вашите семејства, вашите соседи. Кажете им за влогот на овие избори. Мобилизирајте, организирајте и инспирирајте ги сите до кои можете да дојдете. Заедно, можеме да го свртиме бранот на овие избори”, потенцира Филипче.

Часовници на Шумахер продадени на аукција за 4,1 милион евра

Вкупно осум часовници кои му припаѓаа на легендата на Формула 1 - Михаел Шумахер, се продадени на наддавање во Женева, вчера, за скоро четири милиони швајцарски франци (4,1 милион евра), соопшти аукциската куќа „Кристи'с“.

- Ова ја покажува страста на меѓународните колекционери за исклучителни часовници. Видовме обемна посетеност, особено од Америка, истакна Реми Гилемин, специјалист за часовници на аукциската куќа.

Примерок од „Ф.П. Џурн вагабондејџ“ - споменот за седумте светски шампионски титули во Ф1 на Шумахер, е продаден за 1,6 милиони долари.

Германскиот седумкратен шампион бил страстен колекционер на часовници, сѐ до тешката несреќа на скијање во декември 2013 година, по што тoj не е виден во јавноста. Но, највисоката цена - од 2,7 милиони долари, ја постигна стариот часовник „Патек Филип“ од розово злато.

УЕФА може да не дозволи Жирона да игра во Лигата на шампионите

Европската фудбалска асоцијација предложи „City Football Group“, инвеститор во Манчестер сити и шпанска Жирона, да го намали својот удел во каталонскиот клуб. 

Во спротивно, организацијата може да воведе санкции и да ги спречи бело-црвените да учествуваат во Лигата на шампионите за сезоната 2024/25, пишува „Тајмс“.

Уделот на „City Football Group“ во Манчестер сити е 100%, а во Жирона е 47 %. Двата тима се квалификуваа за Лигата на шампионите следната сезона. Сепак, прописите на УЕФА забрануваат учество на неколку клубови со ист сопственик на ист турнир.

За тимовите да учествуваат во Лигата на шампионите, „CFG“ ќе мора да го намали својот удел во еден од клубовите на помалку од 30%. Доколку не се почитуваат правилата до 3 јуни, Жирона нема да добие дозвола за ЛШ и ќе биде префрлена во Лига Европа.

Претходно, Жирона за прв пат во својата историја се пласираше во европските купови. По 36 кола во шпанската Ла Лига, тимот е на третото место со 75 бодови.

Герасимовски: Пријавувајте проблеми со јавна чистота, досега пријавени 159 проблеми

Граѓаните можат да пријават косење на трева, реконструкција и санација на урбана опрема или собирање смет на Јавните површини под надлежност на Општина Центар на телефонскиот број 076350767. 

Општина Центар и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ги потсетуваат граѓаните дека проблемите поврзани со Јавната чистота и други комунални проблеми можат да ги пријават на општинските служби и хигиеничарите на ПОЦ истите да ги решат. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски известува дека досега на телефонската линија во ПОЦ се јавиле 159 граѓани кои побарале одредена услуга и за истата добиле решение.

„Ги повикувам граѓаните да ги пријавуваат проблемите. Хигиеничарите ги извршуваат своите дневни обврски по реони меѓутоа сме свесни дека многу брзо откако ќе исчистат на одредена локација за кратко време може да се направи мала депонија или слично, затоа упатувам апел граѓаните да ги пријавуваат проблемите на телефонскиот број со цел службите побрзо да ги решаваат проблемите со Јавната хигиена. Во делот на урбаната опрема службите на ЈП ПОЦ може да ги побарате и доколку во вашата околина има кршена клупа која треба да се реконструира, искршена лулашка или слично. Верувам дека ова ќе придонесе да имаме побрзи резултати и зголемување на Јавната хигиена во општината“, повикува градоначалникот Герасимовски.

Герасимовски исто така праќа апел, граѓаните да пријавуваат собирање на кабаст отпад во сопствените домови, а не кревети, вц школки и одредени габаритни работи да исфрлаат сами и истите да стојат на одредена локација со денови. Општината Центар потенцира дека доколку граѓаните бидат начекани дека оставаат кабаст отпад пред контејнерите истите ќе бидат санкционирани од страна на комунален инспектор. Во меѓувреме цистерната на ПОЦ неколку пати во неделата ги мие улиците и контејнерите со цел да ја отстрани непријатна миризба и да ги освежи улиците од насобрана прашина.

Општина Центар - Скопје

притисни ентер